Васе Манчев. „Раскази“ НЕДЕЛЕН РУЧЕК Света недела, утро позлатено. Тивко небо над дворот, свечен мир над животот. *** На буништето, бележито меѓу чемерливите кокошки, кренало глава кусото петле, со три жолти фуфули, како златна круна, царче на живината. Во темните окна на прозорчето се излева сонцето како крв, цело поле го исполнува. Под изгревот, во сура сенка, од куќата излегува тате и тргнува кон буништето. Зад грбот крие криво стапче и кротко, со подмолност во чекорот, му се приближува на кусото петле. Му потсмукнува како на дете, небаре бакнежи му праќа и бисерно зрно ќе му даде. Кокошките скокодакуваат немирно, како од змија или невестулка, а петлето, омаено од сјајот на утрото, тивко искукурикува. Подгрбавен и темен, тате речиси незабележливо подместува нога пред нога, небаре гази по жива душа и отворени очи. Петлето го истегнува вратот и, напнато за скок, трепнува накај него како да му ја испитува намерата. И пак искукурикува, сега посилно, небаре ја разбрало смислата на неделниот ручек: мрсен оризник со петел. Истиот миг, како молња блеснува дреновото стапче и му летнува накај шијата. Со иста таква брзина, петлето одрипнува настрана и застанува како маѓепсано. Тате плукнува и пак замавнува, стапчето фиукнува, петлето пак одрипнува и, ослободено од магијата на смртта, почнува да бега, кривејќи ја шијата како да моли за живот. Тате јурнува по него и го фрла стапчето накај раширените крила, накај напнатите нозе, накај смрзнатите очи од страв, но петлето во последен миг се сокрива зад оборот. Озабен и свиреп, пцуејќи нечија крв, тате се загнува кон нужникот, да го пресретне зад ќошето, во заседа. А петлето летка, прерипнува дупки, сачки и ѓубре, ја прескокнува кочината, го прелетува кокошарникот, се качува на црничката, од неа на копата, од копата ќорлемички се втурнува кон нужникот, да фати дрими низ полето. Црно пиле, црна судба. Веќе засолнет зад капините, со скриено стапче, крвожедно напнат, тате чека. Петлето безумно лета накај него, право врз смртта, и креска; само се оплакува. Тате одвај дочекува да му дотрча и крвнички замавнува, душа да му распердуши. Но петлето со нестварна брзина се наведнува, се стркалува, спретува, земја да зине да го скрие. Стапчето му го прободува крилото, десно-то, кусото, поткубаното, подгореното. Скрескува жалното пиле, спискува како човек, влечејќи си го крилото како претешка наметка, се мушнува под лободите, во штирот, троскотот и таталиштата, се вовира во камарата лигаво камење. Тате исплукува балган, зелен како смола од лешки, ригнува пена, земја и небо пцуе, свет превртува, клекнува на колено и ја вовира раката под камерата да го зграпчи петлето. Црното пиле прета, се пика меѓу студеното камење, му се кине крилото, му тече крв од пазувата. Прстите на тате, со нокти како чингели, палаат, гребат, пипкаат, крилото го допирнуваат, франгачите ги кубат. Петлето се тресе, го чопка по ноктите и подноктиците, живец му клука, се брани, пуста душа да спаси. А тате ја турка камарата, го подместува камењето, прстите, канџите, крилото да го зграпчат. Се мушка петлето, се пика, трепери, процеп бара, да излезе накај полето, да дотрча до лаките, до валозите, да се скрие во драки и лути ѓинѓерлици, да се искачи на тумбите, од тумбите на ридовите, од ридовите вид виделија во небото да фати. Рамото на тате ја урива камарата, но кусото петле се втурнува низ тревјето, дотрчува до плетот, рипа да го прерипне, да се искачи на прачките. Скршеното крилце му се вее како волшебна шамија за летање. Се тресе, се грчи, во напор да полета, да ја прелета темната смисла на смртта што го прогонува, да одлета во полето и уште да гледа, и уште да слуша, и уште да јари јарки и кокошки, и буништето да го чува. Рипа, рипа, ги гребе прачките, не може да се заграби, да се искачи, да стигне отаде опасноста, во чудесно недостижниот простор на спасот, да куртулиса од ужасните правила и свирепата смисла на стварноста што го испилила. Таму да побегне, таму да стапне, да здивне, да заспие. Тате ја прерипува камарата и со раширени раце го спогнува шијата да му ја искубе. Огромните рачишта, како две искастрени лешки, паѓаат врз кусото петле, го поклопуваат, црн опинок скршеното крило му го згмечува. Ги напнува клетото пиле нозете и градите, пафнува со левото крило, десното сосема му се откинува. Како лигава жаба се ислизгува од шепите на својот крвник и настранливо, превртувајќи се, со последниот здив се вовлекува во темниот густеж од татал, коприви, капини, бозгел, паламида и смолесто кучко грозје. Исчезнува во збувнатото зеленило како во кошмарен сон. Тате го згмечува откинатото крило, ја грабнува косата и, замавнувајќи од раб до раб на видикот, почнува да го коси бурјанот. Паѓаат сочните татали и коприви, се пласти кучешко грозје и безгел, паламидите легнуваат како заклани кози. Мава тате, фрчи, плука балгани како жолта мил, перуникова пена му лета од мустаќите, мрсна пот го облева по плеќите, гаштите му стежнале од зла сила на крвожед. Косата се зарива во густото руно на зеленилото, с'ска како разлутен поскок, се заплетува, се отплетува и ѕунејќи блеска на сонцето. Мава тате, сече, земјата се разголува, див ветер издишува. Лета таталот, се виткаат капините како прекршени змии, уште малку има, уште еден преграб, уште ракатка, уште една грст, уште еден корен. А под тој корен – кусото петле, црно и мокро од крв, небаре од долниот свет воскреснало, трепери. Лежи на десната страна, на пресната рана, нозете му се вкочануваат од претсмртно студенило, канџите му се згрчиле во очајничко посегање по полето. Тате здивнува, ја фрла косата, се расчекорува над дребната жртва, си ја брише потта од челото и вратот, си ја дува пената од мустаќите. Црното пиле замижува, небаре се предало на ужасната неминовност на своето погубување, како на неподмитлив закон за стварноста на која ѝ припаѓа заедно со својот свирепо надмоќен душман. Глетката на одземање на неговиот живот го исполнува дворчето со морничав молк од врв небо до дно земја. Прстите на тате веќе ги допирнуваат влажните пердуви на кусото петле го чувствуваат зарипнатото срце под откинатото крило. Тупка срценцето, тупка, тупка, сака да го иступка сиот оној живот што му го одземаат, да ја собере сета светлина што му ја згаснуваат и да ја почувствува сета љубов што би го опивала до судениот час. Ноктите веќе се вовлекуваат под мокрото перје, под топлата наежена кожа, палецот во раната се забодува. Кусото петле морничаво скрескува, спретува со некоја неверојатна сила на неуништив дух, изрипува од бездушната надмоќ на својот убиец, се стркалува накај куќата, од смртта излетува во пазувите на мама влетува. Таа го гушнува, го покрива со прегачот и тивко заофкува со соборена глава и расплетена коса врз него. Тате се нафрла зазбивтан, со испружени раце, ги отвора канџиштата да ја раскине. Мама детински се склопчува, клетото пиле не го дава. Тате замавнува, ја трештува мама по лицето, снежни пеперуги се посипуваат по гумното. Две црвени шурки и потечуваат по градите, врз прегачот, кусото петле го залеваат. Тате ѝ ги раздерува пазувите и, како да ѝ ја вади душата, го стиснува пилето за фуфулот. И, небаре се одмаздува, му ја откинува златната круна од главата. *** Света недела, пладне посребрено. Тате кажува молитва, испива две чашки препек и ја забодува вилушката во оризникот. – Ајде кркајте, не дремете! СУША И ДУША Чингов едноставно не можеше да не дојде во Пасквелија. Нешто што не е закон на природата, а има таква сила, со години го прогонува, му го камшикува срцето со огнен камшик, го гуши, му ја труе секоја помисла на среќа и деноноќно, како ненаситна бездна, му ги голта сите усилби со кои тој непрестано се обидува да живее онака како што мисли дека треба да постои под сводот небесен – во слободна љубов со душичката своја, без недоразбирање. Чингов стигна до средината на полето кога сонцето тој ден стигна до средината на небото. Нивите личеа на вжарсни калајдисани тепсии. Во земјата се беше притаила огнена суша. Сончогледите по меѓите изгледаа како тажни грбави старци, чија крв и младост ги испила болест со сила на пожар. Котлината беше исполнета со мирис на изгорено жито. Во воздухот лебдеше невидлив пламен, трепереше проѕирен, безбоен оган. Царство на сушата. Еден пошантавеан скакулец прескокнува некакви невидливи ѕидови, меѓи и плотови. Под крилцата му тупка срценцето. Можеби клетникот пати од осаменост? Кој ќе му ја дознае маката? Можеби се вљубил во некоја убавица од својот род? Или пак од сушата му се разболела душата. Грлото на Чингов беше суво, усните распукани како на тифусар. Плунката му беше густа и бела. Сонцето му вршеше во мозокот. Котлината, бледосините планини и далечниот хоризонт, бавно му се вртеа околу главата. Едри капки пот му се откинуваа од брадата и паѓаа на белиот нотес во бледожолтите дланки. По меѓата, покрај наведнатите сончогледи, поминува криво куче. Застанува за миг, го погледнува Чингов и залајува. На грбот, од десната страна, му се гледа црвена засушена рана. Загарот се вовлекува под грбавите сончогледи и зачекува. Можеби очекува да наиде дивиот нерез што му ја одрал кожинката, во бесен осветнички скок да го раскине? Или од сушата му се разболела душата? Пред два дена, во Пасквелија, Чингов го пречекаа како болен. Селаните го бакнуваа и нудеа со пресна лубеница и блага диња. "Лицето му пожолтело како псалтир", шепотеа жените и момите. А тој гледаше некаде. Добрите луѓе веднаш се запрашаа зошто Чингов гледа таму. "Зарем е можно сè уште да ја чувствува некогашната љубов кон Невенче?" Веројатно измислува раскази и песни или долги истории за познати и непознати луѓе, помислија. "Нему тоа му е работата", сложно го протолкува неговото чудно однесување. "Државата му дава пари секогаш и секаде да измислува лаги", се согласија граѓаните на Пасквелија. Чингов чекореше бавно. Селаните набргу го оставија сосема сам. Нека оди каде сака, и по ѓаволите. Трошните куќарки прекорно го гледаа со мижуркавите прозорчиња. Од стреите капеа врапчиња со подгорени крлица. Пасквелија – пустелија. Дури на крајот од едно ќорсокаче тој ја запикаса Невенче. Истиот миг, обневиде од возбуда, дип арно не ја ни виде. Сепак безумно се зарадува, зашто недвосмислено му се стори дска е убава како некогаш. Душата вчасот почна да му се бранува како пролетна поплава, повеа како ветре вљубено во зелени жита, збуче како налуничаво небо. Сите поминати години, кои до тогаш во неговите спомени беа млади и плодни, наеднаш се вратија и како црвени молњи на сушата му ги изгореа чувствителните гради. Чингов и порано чувствуваше како во неговата свест минатото се обновува неконтролирано, дури деспотски. Некогаиш мислеше дека тоа е нормално и единствено така можно. Ни не сонуваше за какво и да е недоразбирање со неподмитливите иравила на обновувањето на дамнешните настани. Со наивна рамнодушност ја разблажуваше болката што во него се раѓаше поради неможноста да се заштити и одбрани од горчливите витли на старите облаци. Но со секој ден сè појасно сфаќаше дека се наоѓа наспроти некој чуден непријател од душмански ков, против кого не знае како и со што да се бори. Овојпат, меѓутоа, мисли дека му е сосема јасно зошто се вратил во Пасквелија. Кога, пред десетина години, замина од неа: "Ќе пишувам романи", си велеше, "ќе им ја покажам на моите селани нивната вистинска душа и тие ќе ме почитуваат како Господ". Душата човечка, таа чудна река со непознат извор и утока, бескрајно широка, бескрајно длабока, бескрајно долга, што собира разно водје и тече час матна и разрикана, пенлива и бигорлива, час бистра и таинствена, час галовна и залисана, час низ недогледни полиња бликната, час испиена од пожарот на сонцето и жална, и болна, и клета... Душата човечка сакаше да ја сознае тој Чингов од Пасквелија и на светот да му ја каже вистината за неа. Кога, пред една деценија, тргна кон Скопје, Чингов имаше румени образи, златна кадрава коса и широки и прави плеќи. Чекореше како ждребец и со пламнати очи од силен копнеж гледаше некаде далеку. Отиде тогаш Чингов да научи како се отклучуваат вратите на човечката душа и како се чита нејзината маѓија. Крај патот, скриена зад високите, кон сонцето незадржливо вивнати, млади сончогледи, стоеше Невенче. Беше божествено убава и плачеше. Учеше Чингов од Пасквелија, пиеше мудрост заробена во стари книги, а пожолтените страници безмилосно и подмолно му ги пиеја бистрите очи, руменилото од образите и златото од косата. И напиша тој дебели романи за селаните на Пасквелија. Сите се одушевија од неговата неповторлива способност да продре до најдлабоките простори на најголемата тајна, душата човечка. Доби високи признанија и вредни награди. Весниците објавуваа негови фотографии, зборуваше преку радиото и теливизијата и мошне се прослави во сите културни средини на светот. Се разбира, тој поради тоа беше среќен. Годините молневито минуваа. На волшебен начин животот го доведе Чингов во сувото поле на Пасквелија, при жедните сончогледи. Сонцето на сушата пеколно пече. Скакулецот сè побавно и побавно скока, а загарот, со голем јазик како мала ламја, зазбивтан трча во круг и завива. Ништо друго не се помрднува во близината на Чингов. Врела штама, како здив на оган, тлее над нивите. Романописецот гледа некаде и, како што прегладнето рулче чека млечна дојка, немирно чека нешто неопходно. Тој насетува нечие доаѓање. Срцето, како некогаш, му трча по градите. Зад сончогледите, како сенка, светлинска мамка, како привидение со опивен мирис на блага влага, извирна Невенче. Таа тука стоела со години, помислува Чингов. Не, ова не е никаква случајност, се брани од некакво нејасно сомнение. "Ти непрестано овде ме чекаш, нели?", ја прашува шепнешкум, нежно. Невенче молчи со подзината уста. Лицето ѝ е темно од сонцето, уморно и набрчкано, очите невидливи, усните сува трска, под побелениот каврак – побелена коса. Нејзиниот таинствен поглед плови по бледосиниот хоризонт како птица преселница која не може да се врати во родното гнездо. Чингов нестрпливо потрча кон Невенче. Сакаше да ја прегрне и да ја праша нешто мошне важно, дури пресудно; нешто што толку години го прогонува и мачи; што не личи на ништо, а боли, гризе, душа кине; нешто што ништо не значи и претставува сè, што ранува неизлечиво. Но гласот неочекувано му замре. Сушата од воздухот му го попари грлото. Судбоносното прашање, тој час, се претвори во болен и страдалнички грч на неговото лице. Ни жив, ни мртов. Чингов направи неколку круга околу Невенче. Онака нем, личеше на непознатата ѕверка, подготвена за крвожеден скок. Одненадеж Невенче крикна. Нејзиниот крик одлета во врелото небо и се стопи. Никој, изгледа, освен Чингов, не го чу во врелината. Но, како напротив, сепак дотрчаа загрижени и од сонцето изгорени аргати. Не погледнувајќи го романописецот, ја кренаа онесвестената жена и – плампотејќи за нешто непријатно – се упатија кон пламнатите покриви на селото. Чингов пак остана сам. Избезумен како кривото загарче, тргна кон својот нотес во средината на страништето. Сè што се случуваше и се гледаше стана ептен чудно, несфатливо. Кога стигна виде страшна глетка: врз белата хартија лежеше веќе умрениот скакулец. Се обѕре: кучето исчезна како капка вода во сувото небо. Сето она што на Чингов прсд малку му бешс сосема неразбирливо, наеднаш доби ужасна смисла. На волшебен начин тој се најде зад некакви бескрајни огради од невидливи и лути глогови, усвитени тутунски игли, мотики и вили, саштисан од оган, жед, суша, мртви кучиња што злокобно завиваат среде вжарена пустелија. Пред него, како подбив и прекор, лебди Невенче, бело пламенче од безграничен пожар што ги зафатил и небото и земјата. Телото му гори и се топи, се претвора во болно тлеење. Тој бол ненадејно станува страв од пеколна смрт и Чингов, небаре спогнат од неизбежна казна што не ја заслужил, се стрчна кон вирчето спроти пасквелиските гробишта, пијавиците да му го исцицаат оганот од слепоочниците. Кога пристигна, згази распукана земја. Се вгледа во кривите пукнатини и истрпна: во тие неми усти, зинати од свирепа жед, ја најде вистината што толку години залудно ја бара во пожолтените книги. Со страшно писмо сушата го беше напишала она што тој никако не можеше. Падна на колена, како да моли прошка, со челото ја допре земјата и потона во син пламен широк како море. Во бескрајните простори на јадозливата фантазија се виде себеси како, осамен, во бела кушула или антерија. шета низ Пасквелија. Празно село, пустелија. Таа визија на сопствената невола, однекаде веќе сосема позната, го скрши. Се обиде да стане и побегне сеедно каде и далеку. Сраснат за сувите пукнатини под себе, успеа само да се нурне во волшебните бранови на инстинктивно пробуденото мечтаење и да исплива во деновите на своето детство, во полето натопено со блага вода и покриено со емиш и бујни жита. Но здивот на проклетата суша, кој неумоливо и безмилосно го прогонувашс, допре и во тој предел на блаженство, горејќи го со свиреп оган. Вџашен од силата на неволата што ја носи во себе, Чингов заплака горко. Градите му се тресеа, грлото му се корнеше, очите го глодаа како суви, жаросани каменчиња. Во вителот на болот, како споулавена птица, дојдена од небото на една одамна помината година, кружеше уморна мисла: "Можеби поради сушава не си ја разбирам душава". Истовремено, по сокаците на Пасквелија, над вирот, полето и околните ридови, трчаше едно златогривесто ждребе и го довикуваше како заборавен познаник од младоста. Погледот на Чингов се маглеше, пукнатините на земјата трепереа како неизбршлив кобопис за неизлечивата суша во човековата душа. ГОСПОДИН ВОЛНА Имам во канцеларијата убав Адам со три листа – два млади, еден стар. Го донесе господин Волна, достоинствен човек со скриени вредности и значења, да не му замрзне на балконот. Внимателен и грижлив кон луѓето, таков и кон животните и билките, алал му вера! Да му даде господ девет внучиња, да се богати и гушка, да му се подига името! Мил и радосен да му е ликот и споменот, да му се плоди лозата со љубов и веселби! Амин! -Ех што не може човек како мене и со младоста и со староста да управува! Горд и чесен, без навреда и штета за никого, со чест и убавини, без маки и понижувања! Слепати косата проретчена, мустаќите побелени, од забите крвца тече, младоста старо време станала, староста – иднина! Ново време и надежби откај гробот изврени! И идат едни спомени мовливи и морничави, сè тага и застрашувачка, сè прекор и обвинувачка, сè мака и предупредувачка, сè товар на духот и совеста! Пофати да ги покажеш – жалееш, пофати да ги пееш – проплакуваш! Не ти е силата толкава да ги запреш, не ти е умот таков да ги промениш, не ти е душата тврда да ги издржиш! И те јадат јанѕи и глупости! -Зошто се вика билкава Адам, господин Волна? -Зашто листот му е дигнат нагоре! Хе! Хе! Хе! Природна работа! Се смее господин Волна со свен на лицето како дете прекорено, му се тресат раце и вилици, устата сама му се отвара. Вели, како приказна да кажува: сè дури животот е свртен нагоре – сè е арно! Главата горе, очите горе, мислите горе, нозете горе и – семето горе! Хи! Хи! Хи! И кажува скоро чуена вистина: "На човекот силата му се движи одоздола нагоре! Детето кога проодува на палчињата гази, нели? Е, сета сила му е во тие прстиња! Потем, кога ќе нафтаса десетина – дванаесет години, трча како ждребе, уморба нема! Сета сила му е во нозете, околу колената! Наврши ли дваесет, дваесет и пет, само фрла очи како секавици, бара што да стисне, да искипи благата пена од жилите. Силата му врие меѓу бутините, слатко масло капе на душата! Штом наполни три-четириесет и уште некоја, само за јадачка и пијачка зборува. Кај Дамета на свинско печено со црвено вино, кај Петка на јагнешко со црно, Кај Трајко на пилешко со бело, а на крајот баклава и кафиња! Кркачка до зајдувачка! Е, силата се собрала во стомакот и само трпеза бара. А наколка ли човек пет-шеесет и некоја на панагон, друга песна пее. Нешто ме прободува во градите, ме стега под левата мишка, ми се кине здивот, над лажичката гмуца ми се прави. Ете ти до кај стасала силата: до гушата! Кога ќе се натокмат седум – осумдесет и фазла, погледот се маглосува, мислата се варосува, под јазикот тиња се собира, челото мрзне, тилот пука, од ушите како од ѓериз тече. Силата си стигнала до главата и излез бара. Демне така погоден миг и – оп! – ја снемува во неврат. Таа нагоре, ние надолу, во дупка!" -Никогаш така не сте зборувале, господин Волна! -И тоа дрдорење си доаѓа без наша волја, синко млад. И не можеш да го запреш, да го спречиш, ниту да го измамиш. Го отвораме прозорецот да провее троа свеж воздух дури од снеговите на Шара. Му треперат листовите на Адамчо, двата радосно и лесно, третиот жално и тромаво. Жолт, со подгорени рабови, со дршка потсушена, подобесен, се мачи да остане прав, да не падне. Можеби треба прозорецот да го затвориме, свежината да не го залажува, надеж да не го тресе. Го гледаме молкум, божем го разбираме, но ништо не правиме да му помогнеме, како да е беспомошноста нешто најнормално. Дури и смешно ни доаѓа. И жалта некако весела станала, младоста и здравјето безвредни, тврдиот разум безобѕирен! -Еве, стеблото не му пушта сок, коренот не му дава храна, сосила го умира! Како ли му ја затвора устата, како му го суши грлото? Небаре не е нивни, сиреч не го создале и не ги боли! И што може кутриот жолтко? Што му можам јас? Што ти? Што Господ Бог? Никој не го спасува од смртта! Природна работа! Хи! Хи! Хи! Пукаат деновите како шарени балончиња, стисни го, прсни го – ништо! Господин Волна, сиот сива волна, во споменот ги дува, како расцутени билки ги прави. И лета со нив, дете босоного, по нежното лице на животот и во насмевките на младоста. Полни дворови деца и јаболка, стискај цицки во јалици, гони момци по сокаци. А чевлите – очи насмеани, градите планина пролетна, срце сонце изгорува! Хи! Хи! Хи! Сон сонуван недосонуван! Се тресе господин Волна, а лицето сè нагоре му гледа, солзите да не му истечат. Божја награда, ѓаволска измама! -Балончињата фира пукаат, јас фира си ги дувам! Хи! Хи! Над жалната загуба – розово сеќавање! Самиот себеси во душата си се гледам. Како насоне! Како на убав филм! Еве ме на корзото прилепско, со својата Надежда! Убавец и убавица, како од бајка дојдени, сите вратој кршат по нас – не можат да ни се изнагледаат! А бре како да не беше овој свет! И жабите крастави и гуштерите зелени лични ни беа! И на душманите, чинам, цели од милина им бевме! Хи! Хи! Хи! Природна работа. И кажува господин Волна за средбата, пред две-три недели, ептен случајна, со стариот професор по книжевност. "Не знаеш дали оди или лази, сенка што мириса на земја. Главата полна жолтило, кожата желкина корбина, гнила струпка над празнина. Каде се епитетите на убавината, топлите зборови на љубовта, лирскиот бескрај на сонот? По студениот допир и врелата почит, кој знае зошто неопходна утеха: "Професоре, одлично изгледате, се држите како момче! Браво!" А професорот: "Ех, мил мој Волна, мене смртта одамна ми е во пазувата. И сета радост, сите желби, сите задоволства и уживања ми ги зеде. Само дињата уште ми е слатка!" Хи! Хи! Хи! Дињата! Стар прч! Си го покрива господин Волна лицето со рацете, а тие му играат како да сејат. Му влагнат прстите, затапени и здебелени, устата се криви и кажува здробени зборови. Татко му, пред да умре, свирел де гајда, де ќемане. И пеел, ама не за своја душа и утеха, туку да ја остави жалта во другите. Мајка му на Волна го корела што излева тага во здрави срца. Татко му одговарал дека тагата треба да се знае, оти најмногу помага да се дандисаат загубите. Особено оние најтешките – конечните! Господин Волна, меѓутоа, не сака да тагува! -Ќе ја поправам и стегнам родната куќа, на младост ќе ја дотерам! Тоа може со куќите, со градбите и кога се урнати! И гајдата и ќемането ќе ги свирам по сонце и месечина! И со децата ќе играм и во солзи радосници ќе се капам! Секој камен во темелот ќе го стоплам, секое зрнце песок во ѕидовите ќе го насмеам! Тоа можам, така сакам! Уште кревам глава, уште дигам нозе, уште ми вивнува оган во телото! Хи! Хи! Хи! Природата ми е љубовница! И како да брза да прокоби и пробие зла сила што сака да го префтаса, кажува тажна вистина за еден стар вол на пцовисување. Ти бил стариот врзан меѓу едно шарено теле и една јуница, немирна и блескава како пламен. Чувствувајќи дека силата, нели, ќе му одлета во неврат, пред да испушти душа, рикнал кон телето: "Барем кожата да ми ја фрлат преку неа!" Хи! Хи! Хи! Закон на животот е од тоа да нема наситка! Пуста слатка диња! Хи! Хи! Хи! -Дедо ми велеше: "Никој не го надмудрил животот!" Потпирајќи се на бастунот, често ме водеше во црквата. "Овде е вистината во она што ниту се гледа, ниту се слуша. Во вечниот ред на неподмитливоста. Спасот не е во барањето излез од таа вистина, туку во тоа таа секогаш и сегде да се знае. Бог не е во нас. Во нас се неговите неменливи закони од кои залудно се обидуваме да се ослободиме. И таа мака е вечна!" Уште тогаш дознав дека несреќата е поголема од среќата, како што е вечноста подолга од векот. Уште тогаш разбрав дека ќе има нови војни, злосторства и страдежи, нови болести и умирачки. И дека од тоа нема ни бекство, ни спас. Дека секој од нас еден ден ќе биде долниот лист од Адам, оној што пожолтува и паѓа. Станува господин Волна од крцкавото столче, си го облекува капутот, си го навиткува шалот, си ги навлекува ракавиците, си го наместува шеширот на главата и тргнува кон излезот. Застанува крај вратата и трепкајќи брзо гледа во Адамче. -По неколку дена жолтиот ептен ќе висне и ќе скапе. Новите листови ќе го изедат! Така и гнилежот има убава смисла, нели синко? Хи! Хи! Хи! Дедо ми уште ми оди по душата и ми ги покажува добриот пат, оној на надежта. Ќе си ја земам под рак мојата Надежда и ќе заминам во родното Крилово! Уште ќе цицам благо млеко од животот! И блага диња ќе лапам! -Ами Адамчо, господин Волна? -Ти го оставам да те потсетува за милоста и немилоста на природата! Господин Волна не ја затвора вратата зад себе. Од ходникот, како од друг, среќен и уреден свет, небаре за последен пат, ме поздравува: "Ако е пензија, не е смрт! Хи! Хи! Хи!" И гласот му потонува во мека бескрајна волна. Којзнае зошто уплашен, истрчувам по него. Го нема. Бог да му даде безмерна радост и вечен помен. Од канцеларијата, блескав од силниот сјај на денот, ми се смее најмладиот лист на Адамче. Хи! Хи! Хи! ТАТЕ И ДЕДЕ Утре е некаков претежок празник: пред многу и многу години, речиси во незнајно време, едни луѓе свирепо заклале други. Ужасот од тој страшен настан како да се чувствува и сега. Тате и деде се чудно замислени, сиреч поилени, а мама молчеливо снове околу шпоретот, нервозно ги поднаместува тенџерињата, си ги крши прстите и одвреме-навреме се втирува во црните пукнатини на ѕидовите и таванот, небаре црни сеништа здогледала. И тројцата се возбудени, длабоко и стегнато воздивнуваат, воздухот е запурничав од воздишките. Сал Аџи-Претко, сит и дебел, сиокојно си преде во таблата, втонат во безгрижен сон. Деде седи на мандерлакот под прозорецот, го глода катраносаното луле, загледан во подот како тежок виновник. Јас и тате сме на креветчето од спротива, немо си ја играме старата игра: тој е ловџијата, ме милува по косата и сака да ме потегне за носот, а јас сум волчиштето, се обидувам да го каснам за прстите. Чат-пат раката на тате стреперува, подзастанува, се грчи и извиткува од некаква непозната сила што болно му бие во жилите. Но сал за миг. Веднаш потоа, како да сфатиле дека нема да ги каснам, прстите пак се зализгуваат кон моето чело и кон носот. Играта продолжува, а под капачињата на тенџерињата писнуваат тажни зурли, чиниш очајни жени оплакуваат убиен човек. Водата бавно зовира. "Ајде додека ептен не смркнало", му вели деде на тате, чешкајќи си ја брадата. Појасот му е дебел и надуен, безбели нешто тешко носи на половините. Мама застанува како саштисана крај долапот зад црносаниот издупен ќунк, сиреч се крие. Раката на тате како изгорена одлетува од мојата коса. Тој тешко станува од креветчето и искривен во лицето го пцуе ѓаволот што не ора ни копа. "Остани на топло", ми вели и бавно тргнува по деде, кој старечки затнат веќе кашла под тремот. "Не грижи се", ја успокојува мама, извлекувајќи ги огромните тупаници од мутвакот. Водата малку се стишува, чиниш престанува да врие. Миг потоа бурно зовира и почнува да се тепа во тенџерињата. Еден капак ненадејно се слизнува и остро треснува врз вжештениот шпорет. Мама штрепнува и уште повозбудена продолжува да снове, сиреч бесцелно трча од водникот до креденчето, од вратата до прозорецот. Зошто ли така вјаса? Збунета од моето немо прашање миг-два ме милува со влажна дланка по вжарените образи, шепнејќи дека ита од саклет поради запурнината. "Но сега ќе го намалам оганот", додава и се стрчнува кон прозорецот, зад чии замаглени окна веќе се слушаат зарипнатите и тешки гласови на деде и тате. Се качувам на миндерлакот, го бришам стаклото на најниското окно и налактен на нагниениот перваз погледнувам надвор. Мама трепетно ме повлекува за раката. Очите и се крупни од некакво стравување. Усните ѝ се тресат, челото ѝ пукнало од мака како старата иконка. Ме моли да се вратам на креветот и грижно го спушта дебелото перде пред моите очи. Што ли сака да скрие од мене? Продолжувам да гледам вонка, ништо не е страшно, ништо не е необично. Зимска глетка: црни јаболкници во бавчата, крив геран како 'рѓосан јатаган, разурнато сарајче крај сокакот. Се таложи пепелаво-синкав превез на зимска квечерина, темнее снежната покривка, чемреат гаврани на буништето. По натапчената патека откај кочината гази тате во длабоки гумени чизми и носи бело прасенце. Го стега за предните нозе, а истегнатото гуде прета немоќно и тажно квичи, издишувајќи бели валми. Тате зборува нешто, широко ја отвора устата, му се тресат мустаќите од лутина и студенило. Недалеку од најстарата и најкрива јаболкница грубо му ги врзува во сиџим сите ноџиња на прасето и бездушно го фрла врз закоравениот снег. Расчекорен како во тешка недоумица, неколку мига молчи и гледа пред себе, чиниш го бара она што сака да го каже. Гудето болно и продолжително квичи, плаче претсмртно, сиреч моли за уште троа живот. Тате нагло ги раширува рацете кон деде, му збабруваат вратните жили, очите вчасот му крвјосуваат. Покажува кон големата шарена куќа на Кривото Кусе што си го закла татка си, дедо Дерменџија, заради лири и алтани. (Леле колку го презирам Кривото Кусе поради тоа свирепо злосторство. Ни бог, ни душа има во него.) Деде стои под старата јаболкница и за најниската дебела гранка врзува црн ченгел со два иглести рога. Калпакот му е зафрлен на тилот, лицето алово како појасот. Рацете му се тресат, бели влакна му се наежиле до лактите. Одеднаш и тој почнува да вика избезумено, биејќи се со туианица по градите и појасот, чиниш се заканува со нешто и кобно и грозно. Одвреме-навреме го вперува показалецот кон небото, потоа кон челото, па кон градите. чудно блескајќи со очите. Вика деде, плунки му летаат од устата и покажува кон Мурџо, кој питачки снисходливо гледа во рацете на тате, очекувајќи крвав залак. Мама нечујно се свива пред кандилцето во долапот. За малку не го изгасна пламенчето со искршениот од морници здив. Мрачнотијата во мутвакот се згуснува како саѓи, го затина грлото. Одвај се наслушнува шепотот на мама. Таа е како сенка додека нежно ја бакнува иконката. Водата беснее во тенџерињата, рипа преку рабовите, се разлева по вжештениот шпорет и жожоти болно како жива крв на пламен. Одеднаш тате му пријде на деде, стегајќи го во десната рака долгиот касапски нож. Деде штрепна, му заиграа остри зеници под веѓите, молневито ги зари рацете во појасот и отчекори назад, не престанувајќи да вика како избезумен. Тате застана, се обѕре околу себе и секавично го заби ножот во распуканото стебло на старата јаболкница. Потоа свртен со грбот кон куќата се фати за главата и како прострелан се занесе напред-назад. Ептен саштисана, мама ме повлече за џемперот и одвај запирајќи очајнички крик се сви на миндерлакот. "Боже, ако не кандиса, безбели ќе го кајдиса", искркори како заклана. А тате, небаре ја слушнал, диво го зграби деде за гунчето и безмилосно го стресе. Калпакот како шикната врана одлета од дедевата глава, но деде не ги извади рацете од појасот. Неколку мига се гледаат како две крволочни ѕверки. Очите им се запалени од безумна пизма. Тате не престанува да вика, а деде не трепнува, небаре ич не го слуша неговиот страшен глас. И одеднаш, некако чудовишно и смешно, ја отвори устата и презриво го плукна. Тате рикна како ранет бик, истиот миг со десната рака го зграби блескавиот нож и силно се истегна да замавне со него. Мама екна морничаво и болно. "Леле, ептен каздиса, безбели ќе го кајдиса". Но раката на тате сиреч смрзна во синкавото студенило на квечерината и остана подигната како црна гранка. Здив-два потоа, тој со левата рака го турна деде врз снегот, безумно се втурна кон расквиченото прасе и молневито му го пресече нежниот истегнат крклан. Крвта вмигот се разли како црна лочка. Мама олеснително здивна и силно заплака. Од очите ѝ потече стопен мраз. Потоа брзо се стемни. Деде и тате се прибраа во мутвакот. Молчеа и воздивнуваа потшмркнувајќи, небаре се виновни за најтешко злосторство. Попусто се наредивме околу синијата да вечераме. Никој не касна пресно прасешко. Деде, тате и мама веднеа глави како да ни умрело најмилото. Воздухот, ѕидовите и воздишките болно стежнаа, стана претесно и загушливо. Мама ме гушна и почна да ја нишка лулката на сонот. Не ми се спие, во главата ми ѕвечкаат подмолни човечки гласови, претворени во остри ножеви, вперени кон моето грло. Тоа трае и ден-денеска. Попусто во Робово дојде Фјодор Михајлович Достоевски да ми ги протолкува темните спомени од детството. Јас сум клет несреќник:од едно чувство ми никне возвишена билка обречена да роди свети плодови, од друго ми блеска лута секира. ПОМЕН Одунад Црквиште – цела Скршнина бела, чиниш снег. Распукал бубаќот на Колективот, мек и чист, око не може да му се нагледа. Небесен предел. На катот, во белата куќа на Велковци, умира баба Ката. Бела коса, бело лице, бели раце, бела руба, на бела постела, во бела одаја. А темно во очите, темно во душата, темна бескрајност. На што да починеш клето срце! "Дајте ми памук од Скришнина, да го понесам како светило од овој свет". Усни треперат, глас од здив не се разликува, стивнува истоштеното тело, се лади како згаснато огниште. Велко, најмладиот син, се загна како фортуна. Го рипна плетот, го прелета ендекот, р'гна низ бозгелот и капините, се создаде во недогледната белина. Го огреа белото и му ја кажа сета смисла на мајчината потреба. Безумно почна да си ги полни пазувите. Една стиска, две, три... – Стој! Крадец на народниот имот! Глас мраз. Зад грбот, со пушка вперена во тилот, му стои Паљош. – Исправи се и напред кон Канцеларијата! Велко не може да мрдне, одвај уста отвора. – Не сум крадец... – Народен непријател! – Од нашата нива... Пушката меѓу плеќите. – Ќе тргнеш или да те издупам? – Мама е на умирање, побара стиска памук... Бело... – Што ќе ѝ е? – Што знам... Човечка потреба за оној свет... – Ајде не брбори сенешто. Освен овој, други светови нема! Во Канцеларијата, очи в очи. Во црно кожно палто, шајачни панталони, блескави чизми, преоблечен како генерал, Паљош цука и жгриба со забите. – Така значи. Стеснат меѓу навреда и болка, Велко трепери. Памукот во пазувите час му мрзне, час му тлее како пуза. – Ама само три стиски... За душа... И тоа од нивата во која на мама ѝ минал цел живот. Таму сеела, таму жнеела, таму памук берела. И мака и среќа оставила меѓу тие меѓи. Таа нива е нејзина... – Како што јас повеќе не сум ваш измеќар, ни нивата не е ваша! – Не си, но не заборави дека мама те хранела. – Како добиче за јарем! – Пизма ти ја труе душата. – Спрема вас и не може друго да се чувствува! Вие сте класни непријатели на Револуцијата! Ти конкретно ја поткопуваш нејзината материјална основа! Не претерувај. Три стиски... – Ќе те казнам за пример! Никој да не помисли да краде! – Пушти ме барем мама да ја испратам! – Не може! – Те молам. Та една мајка имам. Еднаш умира. – Сакаш да побегнеш! Да се сокриега некаде! – Каде? Во земја, со неа? – Не знам! На вас, довчерашните кулаци, не може да ви се верува! – Размисли како човек. Секој миг може да ѝ биде последен. Паљош прави круг околу Велко, подот му крцка под чизмата. Застанува како карпа: пиштол на појасот, раце на задникот, поглед – кама. – Законот мора да се почитува! – Павле... Зар... Та браќа сме... – Какви браќа! Револуционер и кулак не можат да бидат браќа! – Ама... Збунет, Велко се мачи да проголта некаква густа и згорчена плунка што го гуши. Се напрега – не може. И во мислите – јазел. Што е тоа што него и Паљош, вака сами, очи в очи, во една глува соба, ги стегнало во опасен и болен однос? Од што произлегува свирепата надмоќ на Паљош, од што неговата немоќ? И поради што се тие двајцата денес поинакви од вчера, кога денот е ден, ноќта ноќ, есента есен, земјата земја, небото небо, селото село, луѓето луѓе? – Нема "ама"! Ова е Револуција! – Павле, не играј се. Мама умира. – Природата нека си го прави своето, а ние нашето! И одговарај само на прашањата што ќе ти ги поставам! – Павле, луѓе сме. И утре треба да се сретнеме, да се погледнеме очи в очи, човечки. – Ти не си човек, туку крадец! Контрареволуционер! – Ти си, Павле, пес! Дигната високо до таванот, за да им помогне на зборовите да го откријат своето најсилно значење за Револуцијата, огромната и тешка рака на Паљош молневито паѓа врз лицето на Велко. Не од силината на ударот, туку од една друга, неспоредливо поголема и пострашна сила, поранешниот кулак падна како трештен. И сè што стигна да слушне во падот беа некакви далечни, бесмислени писоци и лелеци над мртовец, но не успеа да утврди од која посока доаѓаа, чија куќа плачеше. Падна на згрутчен, многу црвен памук што потемнува. Падна и, небаре сонува, веднаш стана. Дури скокна и посака да изговори некаков мошне крупен и пресудно значаен збор, збор што објаснува сè. Но, истиот миг, на сосем необјаснив начин, најобичната и најпознатата стварност, времето и боите, душата и законите на човечкиот ред и смисла, сè што умот може да разбере и срцето да почувствува, стана неискажливо, неименливо и безлично, стварност за која нема ни збор ни толкување. Зина од недоумица и тоа беше сè што уште можеше да стори пред конечниот бол. Вечнаја, памјат, раби божи. ГРАД ГРАДЕН НЕДОГРАДЕН Седиме во мутвакот, околу големата маса, кркаме. Славиме именден, на секоја чаша наздравуваме за многу години. Топло е, запурничаво, стаклата на прозорецот спотнале, водени жили пуштиле. Се разговара за животот, времиња се враќаат, мртви воскреснуваат, секој миг врие од живеење, долг колку векот, широк колку светот. Околу се растрчале дечурлија, алавангерица, давеница, едно друго јавнува, едно друго препнува, врескотавица, веселија како порој. Најубави и најживи се близнаците на Зелен Велко, братучедот, врсникот. Кој се надеваше дека и тој татко и домаќин ќе биде! Ни ука, ни бука, цел смотан и завеан, за мајтап му служеше на селото. Некаде од горите му ја довеле невестата, го привенчале на стрина и чиче за утеха, зашто друго чедо немаа. И... Го гледам како дете. Го фатила стрина за раката, го влече накај нас. "Ајде синче", ми вели, "покажи му на Велчо што сте учеле во училиштето. Тој не знае, не разбрал. Помогни му, ти си поумен. Ајде, златен на стрина, братучеди сте, браша, треба да се сакате". Ми зборува со еден многу тажен и тивок глас, дури ќе ме расплаче. И некој подарок ше ми тутне во пазувата или џебот, зашто знаеше дека не сакам да го подучувам Велко. Се срамев од него, не го признавав за жив, не за брат. Штом ме погледнеше со оние свои големи, со тапа рамнодушност исполнети очи, ми идеше да побегнам отаде ридовите и никогаш да не го видам. И бегав, секогаш кога ќе го испратеа кај мене сам. Бев љубоморен да својата надмоќ и не сакав со никого да ја делам. Бистроумноста беше мое небо што никој не може да го достигне, врв на кој никој не можеше да се искачи, царство во кое никој не смееше да влезе. А Велко го загрозуваше на чуден начин, како краста. Затоа го мразев и го навредував, а тој молчеше, тажно помирен со својата судбина на безвредно суштество. Така мирен, како малаче на жега, ме измачуваше дури и во сонот. Но времето, за среќа, брзо течеше, па тој си остана да окапува по овците, а јас заминав на ука во Скопје. Кога ме испратија, чиче и стрина ми дадоа пакет со храна и облека, да ми се најде – од Велко. Минувајќи покрај чаирите, го видов легнат на купиште суви сончогледарки. Гледаше како ништо да не гледа – празно и безживотно, и преживаше. Таа негова слика ми се врежа во свеста и душата и речиси од самиот почеток на мојот градски живот фати да ме опседнува и исполнува со чудна тага. Со тек на време почувствував силна виновност спрема него и почнав искрено да го сожалувам, како да искајувам тежок грев. Дури и плачев. При тие изливи на жалење, како по прележана болест, ѝ се предавав на идејата кога ќе ја завршам уката и станам ценет и угледен човек, сè да сторам за него, да му го исполнам здравото тело со жив дух, да го направам рамноправен со другите луѓе. Мечтаев, меѓутоа, не успеав. Еве го Велко, онаков каков што си беше. Молчи и крка, гнете со една застрашувачка сила во вилиците. Близнаците му се качуваат на грбот, му шепотат нешто, тој тромо клима со главата. Крај него се стуткала жена му, ситна и сива, горска јаребица. Чиче и стрина одамна веќе ги нема меѓу живите, ги споменуваме колку да им лекне земјата што ги притиска. Велко е домаќин, татко, ничија грижа и помош не му се потребни, си го живее животот како што го учат природата и нуждата. И ништо не му недостига. Најспособен градинар станал во Затник. Неговите пиперки ем најрани ем најарни – за изложба! Веќе заматените денови од нашето детство изгледаат како измама. Одвреме-навреме, некој од гостите ќе почувствува потреба да ме замоли да им простам на простиот муабет. Тоа си знаеме, тоа си баеме, ќе објасни виновно. А разговорот полн со живот: се сее, се жнее, се бере, свадби се прават, деца се раѓаат, се ѕидаат куќи и обори, се патува, се продава, се купува... Зборовите и речениците – да не можеш да им се наслушаш! Сè слика до слика, сè живо и јасно, убаво и возбудливо, природно, здраво и топло. Душа! Ги слушам и полека се оддалечувам од себе, се гледам како во огледало. И се прашувам кој сум и што сум меѓу овие луѓе, на чело со Велко. што претставувам за нив, што за себе? И на чија страна е вистината – на нивната или на мојата? Така стварноста на мојот живот се судрува со стварноста на нивниот. Тој судир е како гром. Се стресувам, ме облева пот како во треска. Брзо го отворам прозорецот, бликнува студен, чист воздух, како син планински водопад. Бурно ми го мие бледилото од лицето и ми го бистри погледот, ме исполнува со свежина. Надвор е тивка зима, белината на снегот се претворила во бескрајно спокојство. Погледот кон белите ридови, што како скреж сраснале со небото, ме успокојува. Видикот е чудесно нежен, дури нестварно убав. Во него мислите ми стануваат неважни и неможни. Светот е голем и животот има многу изгледи. Вистината е како вселената: секој човек-еден видик. Извинувајќи се што заборавиле дека сум изнежнет, затоа што не живеам во затнат Затник, ами во градот, во рајот, ме прашуваат како ми оди работата, дали напредувам, до каде сум стигнал, какви планови имам и ќе се чуе ли наскоро дека сум станал големец! Одговарам со: онака, оди некако, па не е лошо, ќе видиме, не се знае, но се надевам. На тој начин ништо не кажувам, но ја сочувувам учтивоста. Тие климаат со главите, покажувајќи дека се свесни оти ни не очекувале да им изнесувам вистини што не ги заслужуваат, за кои не се дораснати. А всушност немав сили ни храброст да им ја кажам вистината за себе, не оти ќе ги разочарам, ниту поради тоа што таа ги интересира само колку да се најдат на муабет, ами од една нагла и недвосмислена потреба да ја прикријам. Да, да ја прикријам. Од нив. Од луѓето со кои сум пораснал и од кои по некој час ќе се разделам. Од Велко! Ме сетија збунет и пак побрзаа да се извинуваат што ме дават со своето глупаво љубопитство. Масата се покрива со нови јадења и слатки. Гозбата и разговорот немаат крај. Се чувствувам попријатно што не сум повеќе предмет на интересирање. Тоа ме смирува и се сокривам во слушањето, следејќи ја играта на децата. Близнаците на Велко ме погледнуваат со своите чудесно сјајни и умни очи, како да ми проштеваат за детските гревови спрема татко им. Тој ги милува по косите и покажува со рака кон мене, велејќи им дека сум им чичко, многу умен и учен, прв по способностите, најодличен, гордост на начиот сој! Ако бидете вредни, ќе бидете како него, им вели. Близнаците му ја гушкаат дланката и срамежливо се поднасмевнуваат. Спокоен е и тежок, исполнет со сигурност и цврстина на даб со длабок корен, ништо не може да го изненади и потресе. Го допива виното од чашата и станува. Веднаш, како под дејство на виша сила, рипнува и жена му. Објаснуваат зошто мораат да заминат, благодарат за гостопримството и се поздравуваат со гостите. Мене ме оставаат за крај, како круна на протоколот. Велко ми ја стега дланката, ме бакнува и, гушкајќи ме, ме кани прагот да му го пречекорам, да видам каде живее. Жена му додава дека изградиле голема куќа, купиле модерен мебел и лустери од Солун, дека не се ептен долни та да се срамувам да ги посетам. Ние сме си прости селани, ама си се трудиме, вели Велко. И додава: ама секако дојди, та браќа сме! Му ветувам, иако веќе знам дека тоа сигурно нема да го сторам. Дека не можам! Излегувам со нив од мутвакот, си обувам длабоки гумени чизми, си наметнувам долго палто, се поздравуваме уште еднаш на гумното: уште еднаш им ветувам дека ќе ги посетам и тргнувам кон полето. По неодложна нужда! Го газам снегот, нозете ми пропаѓаат до колена. Ги чувствувам тврдите струпки на угрите, смрзнатите корења на житата и луцерките, длапките на меѓите. Навеан врз нивите, снегот го прикрил немирот на почвата. Личи на облаци гледани од аероплан, легнати врз полиња и ридови. Тишината над белината – тишина на небесен бескрај. Чекорам како исполин, стапалата со апокалиптична сила го гмечат дребниот човечки свет под меките облици што ја одделуваат земјата од вселената. Излезен сум од таа меѓа на човечкиот поглед, кренат таму каде сал мечта луда стига. Чекорам во занес. Одеднаш, како сеништа на зла коб, пред мене се исправија две многу тенки и мошне високи тополи. Застанав изненаден, дури уплашен. Ја подигнав главата кон нивните врвови. Погледот ми замрзна. Иако ги знам од дете, сега ги гледам прв пат. Две истегнати раце кон небесниот свод, кон некоја височина на спокој, занес и сигурност, кон некој видик на надмоќ. Гранките им се ситни, густи и испреплетени како напрегнати нерви во нежната кожа на небото. Се свртев и потрчав назад. Неколку пати паднав поносечки. Ме дочекаа со смеење, сум се одвикнал да одам по нерамно. Некако подмолно се стемни, гостите незабележливо си разотидоа. Завладеа длабок и чуден молк, како по погреб. ПОДИГРАВКА Кога дојде во Цветово, Чехов веќе не ги претвораше своите чувства и мисли во книги за пресудни чинки; и самиот беше голема, силна и сложена чинка. *** Сеир во Цветово, свет како жито, класје на повев, се ниша, игра од живот и здравина. Над сеирџиите се раскрилила вртелешката, ги раширила кошничките врзани со тенки синџири, како плетенки со фљонги, сето небо го покрила. Чудесна сила блика од столбот што ја држи круната и ги врти кошничките. По неколку мига ќе се спајне кругот, ќе прецвета латицата, ќе се обесат плетенките и небото празно ќе остане. Се турка народ кој попрв да фати кошничка, да седне и да лета. Сите му се предале на сеирот и гледаат што повеќе да си поиграат отаде грижите и обврските, строгите закони на нуждата и поредокот. Рака под рака со најверната другарка, румена и насмеана, небаре од друг свет дојдена, шета и Фанчето. Косата ѝ свети како сончева вршидба, дури заслепува, а усните трепетни и потсушени, со сјај на пролетно здравје и плоден оган. Замижан и збрекнат, Чехов ги бута луѓето, ги гази децата, урива старци, ѝ притрчува на чекор и збивта како спотнат бик. Фанчето штрепнува, застанува напрегната како птица што сака да излета дури над сонцето, зинува и цикнува. Се натрупуваат мажи да помогнат, да одбранат од лошо, да спасат од зло. Чехов стои како трештен од јаснина, а крвта го тепа во грлото, коренот на јазикот му се здрвува и сето тело печена дреновина станува. А знае што сака да каже и што мора да стори. Којзнае колку пати насамо го изговорил и повторил, може да го пее, а немее како ќутук. Д’т, д’т, д’т, му се крева гласот како силен земјотресен бран, се може да разурне, цела земја да распукне, но бентот во градите и јазелот во грлото не може да ги разнесе, да бликне по падините над Цветово, по расцутените багремарници како млеко од небесно ведро, со фанчето на врвот, бела и мирисна, синило во очите, розови јаболкници во лицето, да ја бакнува, милува и гали, од себе и стварноста да излезе. А само јад и грч и морници, темен клетник на клетници. Вртелешката полека запре, народот зовре. По мигновено колебање, Фанчето и друшката ѝ се втурнаа во толпата да си фатат кошнички. Небаре збеснат елен по кошути, Чехов се фрли меѓу луѓето, да не ги изгуби. Онака силен и крупен, напнат и полуден ги расфрли сите што му влегоа во зениците. Не чу ни навреди, ни прекори, ни пцости и сиот во дива сила истргна кошничка од рацете на едно поголемко дете. Му тутна илјадарка за сладолед и боза и се загледа во нежните, чудесно лесни движења со кои Фанчето го сместуваше своето тело во кошничката. Се напна фустанот, се оцртаа рабовите на долната облека, стегнаа еден многу врел немир што полудува и покорува и ни срам ни ум признава. Ü ги погледна дланките и одголените лакти, го скокотна мекиот трепет на половината и нежното прелевање на косата по рамињата како светлина во бистра вода. Така и го виде сеќавањето за една слика на момче и девојче, што една зима, на една санка, се спуштаа од една далечна ритка. Санката чиниш лета, воздухот фучи и брзината станува молневита, а момчето вика: „Те сакаааам!“ И земен од сликата, се закикоти како луд. Фанчето плашливо се сврте и зачудено го погледна, како што се проверува што ниет може да има нетокму човек. Чехов се вцрви, грлото цемент му се наполни, гр, гр, гр, во дробовите и желудникот му се стврдна. Моторот почна да бревта, гушејќи се од напор да ја заврти вртелешката, небаре одеднаш товарот му се удвоил. Кошничките се занишаа и бавно тргнаа напред, како да почнуваат да се лизгаат по снежна удолница. Чехов пак се насмеа, дури подвресна како прч, од дива радост што нагло се ослободи во него. Фанчето пак се сврте и широко го погледна со сонцето во очите. Фатена за синцирите, со ветер во ракавите и стегнатиот фустан, личеше на лебед што се крева кон небото. Моторот забуче посилно, ги подигна кошничките, народот наоколу се претопи во шарен вртоп. Воздухот збуче во ушите, косата на Фанчето блесна како комета. Беше толку убава што возбудениот Чехов помисли дека може да исчезне како светлина што ненадејно се гаси. И се наведна напред, силно ги испружи рацете да ја фати. Косата се вееше пред неговите прсти како недостижна чинка, а нежниот круг на толпата се претвори во многу бел и густ памук. Моторот речиси ревна и кошничките се извишија над околните тополи. Чехов се уплаши и уште посилно ги истегна рацете по Фанчето, сега обесен на синџирите. Сиот во морници пак ја здогледа санката како лета молневито по ритката, а воздухот грми во ушите и душите. Се слушнаа врисоци на вџашени жени од голема далечина и длабочина. Синџирите му ги притиснаа стомакот и градите, нешто темно извирна од уште потемно и му ги попари здивот и видот. Рацете и прстите му истрпнаа, замавна со нозете да се отфрли напред, да се фати за кошничката на Фанче да се издиши. Но од тоа спретување само уште повеќе заостана, незгодно се сврте и се запетла. Таа леташе како метеор, слободна и недофатна, а тој беше врзан и немоќен да ја допре дури ни со погледот. И токму кога, јаден и беден, му се стори дека никогаш нема да ја стигне, Фанчето се сврте и го погледна со насолзени очи. Истиот миг, Чехов сети во градите и умот чудесна сила што ги врти и вртелешката, и небото, и земјата. Тоа космичко движење стана глас и му грмна од душата и свеста: „Фанчееее, те сакаааааам!“ Бучавата на воздухот го раскина гласот и го проголта. Фанчето летна уште побрзо, како да паѓа во бездна, со глава речиси во скутот, сиреч плаче. Чехов се напрегна, синџирите ќе ги искинеше и пак слушна писоци на избезумени луѓе. Се наведна уште понапред, се издолжи одвнатре, ептен се обеси и со десната рака очајнички посегна по неа. Одвај држејќи се да не одлета кон тополите и сеирџиите, кои сега личеа на валкан памук, успеа со врвовите на прстите да ја допре нејзината кошничка. Недостигаше само уште еден грч, уште еден трепет да ја стегне за излижаната оградичка, светната како жива змија. Косата на Фанчето му го заплиснуваше вжареното лице, мирисаше на жито, а воздухот баботеше како бескраен оган. Со некоја сосем неумна сила, тој замавна со нозете како пливач во многу брза вода и на чудесен начин се отфрли напред. Иако тоа личеше на паѓање, успеа да ја фати кошничката и да ја стисне до сраснување. Устата му се наполни врели соспи пена, воздухот загрме и во безмерни количества почна да му ги полни градите. Истиот миг, Фанчето се исправи и тој се нурна во блескавата жива коса. „Фанче, те сакам“. Таа се сврте како срна на злокобен шум, го погледна со насолзени очи, вкочанета и бледа, уплашена и болна. Така извиткана и трепетна, лесно му се потпре на прстите, сиреч му ги притиска, како да му порачува нешто тајно. Моторот почна да стивнува, напнатоста на синџирите попушти, воздухот глувна, кошничките папсаа, од вртопот извирнаа ридовите, тополите, куќите и сеирџиите. Светот одново се роди, стварноста се воспостави онака каква што единствено може да биде. Чехов уште ја држеше кошничката на Фанчето, маѓосан од чудесната убавина и смисла на летот. Вртењето стана сосем бавно, сеирџиите веќе се туркаа еден во друг, подготвени да јурнат по кошничките како жедни животни по вода. Вртелешката запре и некаква нестрплива рака бездушно го повлече Фанчето. Чехов жгрибна заби, се напрегна и накостреши како рис на плодење. Турмата и џагорот беа пеколни, децата разлелекани од неисполнети желби, момчињата нервозни и воинствени. Фанчето седеше со наведната глава, небаре размислува за гласот што во баботењето на воздухот го чула или ѝ се причинило. Другарката ѝ се протна меѓу збутаните сеирџии и пријде, силно ја гушна и нешто ѝ шепна во косата и пазувите. Фанчето оживе, мачно ја крена главата, се слизна од кошничката и, потпрена на рамото на друшка си, не свртувајќи се ни случајно кон него, втона во толпата. Чехов штрепна, ја испушти празната кошничка и се втурна по Фанчето, но збиените човечки тела, спотнати од мрсни јадења, дебело вино и љубовна стрв, лавнати по игра и забава, го запреа како каменен бент. Опре еднаш-двапати, налегна со сета сила и тежина но не беше повеќе оној од пред вртењето. Малакса и клекна, за малку ќе го изгазеа како пашитни говеда лепешка. Се извлече дури откако вртелешката ги крена кошничките и сите зинаа по летачите како по среќни птици. Недалеку од црквата, зад стари капини, под трепетликите, клечеше Фанчето и силно се тресеше. Челото ѝ беше на земјата, косата заплетена во суви треви. Другарка ѝ стоеше над неа и ја придржуваше за рамењата. Чехов потрча безумно, со подадени раце да ѝ ја крене светлата коса. Небаре го насетила неговото трчање, Фанче се исправи и го погледна со згрчено лице. Беше бледа и си ги избриша извалканите усни со морничаво варосана дланка. На сувата трева се гледаше дека повраќала. Чехов се повлече како виновник, си потона во испотените раце и од некое многу силно внатрешно студенило се претвори во грутка емајлиран порцулан. *** Чехов, Антон Павлович. Книгите се, сепак, само купишта чинки. Освен себе, стварноста не признава други вистини. МАЈМУНСКИ НАСЛЕДНИК Кога Вујче Алче последен пат се врати од Америка, доведе едно бело мајмунче како волшебно човече. Му седеше на десното рамо и со златно синџирче му беше врзано за каишот. Вујче беше облечен како ѓупски цар, во костум шарен како расцутена планинска ливада, на двете рамиња – две сонца. Паларијата му беше сета од ѕвезди, како млечниот пат. Некои, родени во злоба и на гладна изедина, го нарекоа циркузант, ѓозбојаџија и изветреано старо аро. Вујче им се насмеа, а мајмунчето им исплази јазик и ги ислика со жар црвениот задник. Бидејќи куќата на Вујче Алче е урната, тој со придружникот се смести во Бањата, во топлиот хотел под јаворите што ја облекуваат планината од која ни изгрева сонцето. Според Херодот, во нашиот крај, многу пред и малку по Исус Христос, имало бујни шуми, богати со плодови и дивеч. Долу се шетале лавови, големи како бикови, а по гранките, меѓу златни птици, скокале безгрижни мајмуни. Ние сме биле многу богат и дрчен сој и наше било сè што и денес се гледа до планината во која ни заоѓа сонцето. Ех колку мечтаам, колку копнеам, сонувам, се занесувам и боледувам во душата и умот по тоа наше богатство, по тоа рајско царство под небото! И немам друга посилна мисла, ниту друго пожешко чувство, освен таа непопустлива желба и нужда да бидам богат како претците, тие светци на нашата гордост, сила и достоинства! Да си седам на високи балкони и душата да ми лета по видикот како рајска птица во небесни блаженства. И сè што ќе посакам да си имам, и најубавиот сон да ми се остварува, и најслучајниот повтеж да ми се исполнува со радост и уживање. Да биде како што било, да се кренеме пак до небесата по оние тажни и кобни времиња на паѓање и губење, да не се срамоти името наше пред лицето на човештвото и во светската историја! Од тие небесни времиња, многу векови на зла и метежи, кај нас не се сторил богат и моќен човек, над сите душмани и арамии, веднаш до Господа. Стожер на сојот, од кого сите ќе имаме сила, надеж и вера и не ќе трепериме како сироти сирачиња, злобници да си тераат подбишега со нашата беда и ништожност. Фала богу, ете си дојде Вујче Алче како од небесата пратен, безмерно богат и умен, да нè крене од буништето на сиромаштијата. Ете го, токму од тој славен ков, претставник на силен и среќен свет, во кој најубавите соништа и стварноста се исто! – Добро ми дојде, Вујче златен! – Амин, внучко! Така треба! – Како цар на светот си, Вујчооо! – Богатството е власт најголема за човекот! Може да те направи како бог! – И немоќен како болен! – Богатиот има многу мисли! – ми го прочита сиот ум Вујче Алче. – Сиромавиот само една: да преживее! Ха! Ха! Ха! – Чуму ти е мајмунчето, Вујче? – Тоа ми е наследникот! – Е, зошто баш шебечето, Вујче?! – Оти ми ја весели душата. Му должам за верната компанија. – Што да правам јас, а Вујче? – Стани богат оти – ќе цркнеш беден! Ху! Ху! Ху! – Ундисам по наследството од тебе. Рода сме. – Надежта е за сиромашните, внучко! Да ги лаже и теши! А богатите владеат и со соновите и со стварноста! Не мина ден, а Вујче Алче со својот наследник шебек стана неодоливо чудо. Здраво и болно се насобра во Бањата да го гледа како пие кафе од позлатени филџани во големите, со бакар опковани прозорци на хотелот. Мајмунчето му ја чешлаше косата на патец, му ги мазнеше веѓите и мустаките и на образите и усните му ставаше по троа црвилце. Чекнеа усти до ушите кутрите љубопитници, гледајќи како шебечето со светкаво апаратче го слика Вујче и сликите со насмевка ги пока-жува. На сите во очите им светеше една богата надеж за такви слики па се враќаа по неколку пати под големите прозорци позлатени од утринското сонце. – Вујченце боженце, направи ме богат. – Ти имаш гладни очи и празно срце. Уште на прв поглед е недвосмислено дека си од оние клетници кои знаат зошто се тртнати на овој свет, но не умеат да си го остварат знаењето! – Помогни ми, мило Вујче! Којовци-мојовци, никаквеци и голдуповци, оа мајка дете што крадат, бирбаш богаташи станаа! А јас, чесен и воспитан секому доброто да му го мислам, останав со ветер во устата! – Еве, те определувам за наследник на мојот наследник! Хи! Хи! Хи! Ама да го исчуваш до среќна смрт! Така кажа Вујче Алче, небаре умирачката си ја претскажа. Не додржа кутриот душа ни до првото лето по враќањето. Стигна на Велигден, почина на Божик. Го испративме на оној свет само мајмунчето, јас и гробарите. На враќање, само што излегов од гробиштата, го зедов наследникот во прегратка и си го врзав синџирчето околу вратот. Се качив на автобус, меѓу многу народ, да не ме нападнат неранимајковци. Едно влегување дома, двојно заклучување на вратата, плус потпирање со масата и креветот, а на прозорците ќебиња и јоргани! Го пуштив наследничето да тагува слободно, а тоа рипа од столче на столче, се качува на масата и креденецот, се беси на светилката и се лула, врескајќи тенко и подбивно. Ја исклучувам трескавично струјата да не го убие, палам свеќа, го залажувам и замолчувам со семки и печен сончоглед. Си грицка, лушпите ми ги плука прево во лицето и сè некако под око ме гледа, небаре ме одмерува колку ми тежи умот во главата. И како на недоветен ми намигнува! На деветте денови од смртта на Вујче Алче, шебечето почна да ме прави будала. Јас подај му семки, тоа расфрли ги! Јас принеси му сончоглед, тоа расеј го по подот! И сè подокливо ме гледа и на главата ми се моча! Се смешкам, божем смешно ми дошло, а ми иде да го наденам на дренов колец! Дури да се свртам, ми се испоганило врз везената перница, дар од мама, за невестата! Трпнам и треперам, горам на еден невидлив а силен оган, ми иде да го раскинам! Ама не сум толку балама да наседнам на обичен мајмунлак и да си ја изгубам сета среќа што по толку долга ихтиза ми дојде пред срцето! По четириесет денови од умирачката на Вујче, морав да ги симнам ќебињата и јорганите од прозорците. Собата ми смрдеше на мајмунски измет, мочка и семе, душата ми ја труеше. Спапушлавев, обледев и ожолтев, ми се вртеше свеста, земјата ми леташе под нозете, снеможев и се згрбавев, речиси ништо не јадев, само вода локав како сараџалив пес. Грижејќи се за наследникот на Вујче, самиот се разболев, смртта ми ги собираше стапките и ми го дебнеше здивот да ми го улови како орел гулапче. А една зла мисла само ме тепаше, само ми се подбиваше, ме сопкаше на секој чекор, како диндушман ми зборуваше: "Арам да ти е богатството, од мајмун си подолу!" Потпрен на первазот од прозорецот дишам, дишам, не можам на свеж воздух да се изнадишам. Се борам за живот како риба фрлена на песок, а градите ме болат, ми се кинат од напор да вдишам што повеќе, како да е тоа сета смисла на животот. Вујчевиот наследник ми рипа по рамињата и ми го пика опашот во зинатата уста, чинам сака да ме загуши. Тука надежта ми поцрне, во душата отровно ми згорче и со една сила што ми дојде од некое таинствено дно, како последна можност за спас, го челосав шебечето наопаку со десната рака. Тоа вресна претсмртно и бапна под масата, наеднаш здрвено како кукла. – Ах, отиде поврага наследството! – се струполив крај него. Подадов дланка да го помилувам, да го замолам да ми прости што го тапанесав убиствено, но тоа скокна на прозорецот и исчезна како да пропадна во бездна! Веднаш се втурнав во потрага, но ни со помош на полицијата, војската, планинарите, државното радио и телевизија и најчитаните весници што организираат големи наградни игри, не успеав да го најдам. Бев подготвен без трепнување и случаен грч да ги поднесувам сите можни понижувања и навреди, само и само да си го имам врзано за вратот! По многу денови, веќе речиси споулавен од барање, го најдов во зоолошката градина, меѓу многуте мајмуни, во најголемиот и најсмрдлив кафез. Ми исплази јазик и ме ислика со задникот, црвен како вжарена рана! Немаше никакво сомнение дека е тоа, иако беше без позлатеното синџирче околу вратот. Возбуден до мала душа, веднаш ги замолив чуварите да ми го дадат, но тие ме упатија во управата и ме посоветуваа да покажам документ дека мајмунчето е навистина мое. Речиси без здив, отрчав кај директорот и му ја раскажав сета приказна за нашиот сој, за Вујче Алче, бог да го прости, за неговиот наследник и за себе, наследникот на наследникот. Тој ми рече дека мајмунчето е навистина од Америка, ама добиено како подарок од градот К. кој е збратимен со нашиот главен град. Сепак, за секој случај, ми ги побара пасошите на Вујче и на шебекот, тестаментот, мојата лична карта и – лекарско уверение! Признав дека, освен сопствената лична карта, со одамна минат рок на важење, немам никаков друг документ и тогаш зажалив што не го претресов Вујче пред погребот. Само што директорот зина да ми каже колку жали што немам уверливи докази, јас офнав и се онсвестив. По излегувањето од болницата, на една клупа најдов заборавен весник и додека се привикнував на здравиот свет почнав да го прелистувам. На страницата со тажни вести, со прилично дебели букви пишуваше дека мало, бело и смртно верно мајмунче пцовисало врз гробот на својот стопан, сиромав повратник од Америка! Со нешто помали букви се осудуваше непознатиот, несовесен старател на кутрото животно! Новинарот тврдеше дека до несреќата немало да дојде доколку тој бездушник имал ум и душа барем колку невиното мајмунче. И порачуваше дека шебечето покажало недвосмислено оти човекот, во некои пресудни нешта за животот, и покрај восхитувачкиот напредок, уште не ги надминал своите претходници! СЛЕПИ ЈАБОЛКА Од тремот меѓу јаболкниците во долниот двор, се гледа целото езеро. Близу до бавчите, како да се слеало со нив, зеленее со многу нежно сјаење што му избива од дното. Малку потаму е небесно сино, небаре небото се послало самото под себе, да има ѕвезди и тие би тепкале во водата. Во средината е модро, со боја на пепел што се јавува пред изгрев и по залез. На крајот, под планината, модрото потемнува и се претвора во тешко и густо црнило. Таму и зеницата на Петруш поцрнува, се стега како ѕ’мба, душата да не му се наполни катран. Тивко ветерче ги нишка лисјата на јаболкниците и благо го рассонува Петруш. Се разбуди од многу темен и морав сон, како да изнурка од црната вода под планината. Бараше помош. ги довикуваше жената и децата, се душеше во нешто густо како тиња. Телото му е лабаво и мокро, како на студен песок послано. Децата ги нема, толку се далеку што одамна не постојат; жена му, налик на привидение во утринскиот воздух, нечујно му застанува над главата. Со растреперени раце, од кои полазуваат морници, грижливо му го пребришува кашавото тело, го преслекува во суво руво и му раздиплува волнени веленца врз постелата. Поттикнат од блага топлина, ја моли да му го донесе албумот со фотографиите, небаре сака денот што почнува да го мери со оние што минале, да го пречека со цел живот. Сонцето успева да ја прогори свилата на небото и заслепувачки блеснува во очите на Петруш. Во зелениот трепет на јаболкниците, веќе накрупнетите јаболка заискруваат со црвенило на жар. Жена му го принесува албумот и, додека тој ги разгледува фотографиите, лесно му ја мазни косата, нежно откривајќи му го високото и бледо чело. Растреперена, сака да му каже дека од сјајот на изгревот косата му е позлатена и личи на ѕуница и ореол. Неговиот млитав показалец е веќе врз фотографија на која е тој со капа на полуматурант. Како на најодличен ученик, му припаднало средишното место, а насмевката му е толку сјајна што ги озарила и лицата на другарите нагроздени околу него. Тогаш очите му гледаа до срцето на убоста каде грееше чувството дека целиот свет е негов. Така му се чинеше, застанат под тремот, со езерото во душата, чисто и магично, како слика што му ја открива најзначајната тајна на животот. Жена му му ја собира позлатата и, свиткана, нечујно плаче, собирајќи си ги плашливо солзите. Неговиот показалец веќе трепери врз друга фотографија, прекршена на средината, токму преку неговите гради. Погледот му лета преку годините и пространствата, тивки и празни како сон што не оставил трага ниту во душата, ниту во свеста. Стигнува врз трета фотографија, на која тој, гол до појас, мускулест и жилест, го раскопува горниот двор и сади јаболкници. Прстите бавно му се собираат како да сакаат да задржат нешто што неповратно бега, а здивот му се претвора во скреж на усните. Ги нема одамна тие јаболкници со јадри и блескави плодови, црвени како очи вжарени од радост и здравје. И постојните се доста остарени, но нема доволно силна рака да ги ископачи и замени со млади. Наскоро, староста и болеста ќе го опустат дворот, ќе нема око да види ни ќораво јаболко. Жена му незабележливо се одделува од него и, по некој миг, се враќа со бело билјурно пјато наредено зрели црвени јаболка, како рубини на млади женски гради. Ги става на столчето до креветот и се загледува во неговите прсти, згрчени врз поголема фотографија на која тој држи диплома за завршен факултет, пак во средината на групата, како најдобар студент. Облеката и очите му се сини како средината на езерото при високо пладне, кога сонцето врши. Веднаш до оваа, на друга, уште поголема слика, тој седи на блескаво биро, со фотографија на претседателот на државата во златна рамка над главата. Лицето пак насмеано, румено од внатрешен пламен, очите полни езерско синило и сјај на силен изгрев. По долго треперење и со мачен напор, прстите го превртуваат листот и откриваат ново време и живот. Еве го со жена му, уште невенчани, рака за рака и прегрнати; на неколку слики како момче и невеста со насмевки за кои се чини дека ќе траат бесконечно. Неброен народ, речиси бескрајни трпези, музика, игра, сонце, глетки на царски сјај над мазното, занесно езеро. Две млади, напнати и здрави тела во езерската вода, во бисерје од капки, гушнати на брегот, повисоки од планината, со глави во небото. Па под тремот, со првото дете, во прегратките и на усните. Слики од капење во кадичка, од крштенката, од родендените. До нив фотографии од изградбата на куќата во главниот град, маслосветот, славата како велигденска литургија и крунисување на крал. Според најубавиот ред, полнејќи цели две страници, натаму следат фотографиите на првата и втората кола, на второто дете, пак крштенка, родендени, летувања, зимувања, изградба на викендицата во Бања... Сегде радост, светлина, насмевки, очи и срца полни среќа и понесеност. Ненадејно, горниот двор го исполнува силна бучава на трактор со прскалка што развева густа и смрдлива, жолта магла. Петруш уплашено го склопува албумот, жена му штрепнува и воздржано се лути што не дошле да ги прскаат јаболкниците пред две недели, како што било договорено, туку токму денес, кога никако не смеат, во толку посебен ден. Некаква горчлива бубачка ѝ полазува по усните, потем по грлото и целата утроба, ја здоболува насекаде до очи стемнување. Петруш одвај чујно ја замолува веднаш да му свика на трујачот да се витоса од дворот. Таа прави неколку чекори и исчезнува во жолт облак; тракторот веќе врти во долниот двор и во отровна непровидност ги обвиткува јаболкниците, езерото, плани-ната, дури и небото сосе сонцето. Маглата го тера Петруш на кашлање, но тој не може да стегне ни гради ни грло и само немоќно се души, барајќи со овргалени очи чиста далечина, лековит видик што личи на здравје и занес. По неколку мига, тракторот со прскалката заминува кон други дворови и бавчи. Сонцето пак е чисто, езерото сино, но некако намрштено, а од лисјата, плодовите и гранките капе жолтило како гној, слевајќи се по стеблата на црните јаболкници. Сепак, ќе нема ни бубачки, ни црви, помислува Петруш, како да бара утеха и оправдание. Жена му приоѓа со движење на сенка и, сета во мирисот на отровот, го зема од рацете на мажа си албумот да го пребрише од ситните жолти дамки. Го мазни внимателно и шепнешкум разговара со сликите меѓу кориците. "Пак ги нема" ѝ се стресуваат вилиците и го стегнува албумот на градите, небаре сака да го надополни со оние фотографии што толку многу му недостигаат. Да ја заокружи сликата на животот само со најубавите мигови, без болестите и несреќите, без црната дага на езерото под планината, без она што боли и не може да се излекува. Го става албумот во прегратките на Петруш, внимателно го подига билјурното пјато со јаболката, бавно и тешко оди кон чешмата до тремот и ги полива со вода што одеднаш толку многу личи на солзи. Сета во морничав трепет, се враќа до креветот, го остава пјатото на столчето и нежно, милувајќи ги како детски обравчиња, го брише секое јаболко со внатрешната страна на својата волнена пола. Плодовите светнуваат од сјај што изгледа како да не е од оваа стварност, од оваа светлина и вода, од овој воздух и почва. И билјурното пјато светка како живо лице што ги побелува спомените и ја заслепува душата. Го гледаше тоа сјаење како во занес, не решавајќи се да го допре, да не го извалка и упропасти. – Ми се кусат очиве, Воскре. Не ги гледам ни езе-рото, ни планината, ни небото. Сонцето ми е како жолта магла – шепоти Петруш и главата му се валнува врз перницата како пресечена. – Ами јаболкава? Ги гледаш ли како светат? – се стресува таа и му го врти лицето кон блескавите црвени плодови. Петруш ги стега зениците, очните јаболка му поцрвенуваат и наеднаш му се залеваат со многу густи и лепливи солзи. "Кај ги најде сите црвливи, Воскре?", воздивнува тој како да си ја издишува душата и со претсмртен напор се свртува кон крастосаниот ѕид. Таа штрепнува како да направила кобна грешка, плашливо се наведнува над јаболката и одблиску, речиси допирајќи ги со трепките, напнато ги гледа. Сите се мазни, здрави и чисти и светат со жар на живот земен право од сонцето, што не догорува. И како да се бори за пресудна вистина, му ги принесува на Петруш до самите очи, како трепетни ѕвезди меѓу лицето и садносаниот ѕид. Но тој лежи врз албумот како да се крие, како да побегнал неповратно и ја оставил сама со вистината за чудесните плодови, да чека сватови на златна свадба, за уште една убава слика на животот што подмолно ја изневерува душата. ВУТРИ КУТРИ ПРАЗНИК По цели три години, долги како тешка болест, денес и кај нас е како кај Илови. Кај нив секој ден е Велигден, куќата постојано им мириса на господски јадења. И целата улица се полни со тие волшебни мириси, како да се собрал сиот среќен и богат свет на една софра – нивната! Ило со часови гледа низ железната ограда, како мајмун од кафез. Ме вика да си играме во нивниот двор. Никогаш не спомнал што јадел и колку изел. Ниту ми понудил нешто од нивната трпеза. А јас ги осеќам и разликувам сите мириси на нивните јадења. Ги има на стотици, кој од кој позанесен. Лигите ми течат и желудникот ми се преплетува околу рбетникот! Слепати животот и правдата, на сладок леб да не се наситиш! Јас, двајцата братушковци и четирите сестри со недели се фалевме колку се изнакркавме кога умре баба. Цело маало знаеше кој колку варена пченица со мед соџвакал, колку парчиња месо лапнал, колку баклави голтнал, колку јаболка срупал! Беше тоа радост голема и никако не можеше да се скрие, ниту премолчи. Станот мирисаше како царска готвачница од бајките. Неспоредливо поубаво и побогато од големата куќа на Илови! Ги вдишуваме чудесно пријатните мириси, ја внесуваме во душите вкусната, омајлива пареа од јадењата и си ја голтаме плунката. Уште малку, ќе препладни, ручекот ќе биде готов, тате ќе си дојде од фирмата. По една мачна и пуста вечност, пак со него ќе си ручаме, како со Бога Господа, до слатко препотување! Иако навикнати да гладуваме без нервоза, обземени од убавината на јадењата, ја молиме мама да ни даде по едно лажиче, по едно залаче, макар само по една ронка, да пробаме. Таа нè убедува да се стрпиме, зашто ако каснеме, ручекот ќе си го расипеме, нема да ни биде толку сладок. Не ѝ дава дури ни на најмалата сестричка, која плаче некако кучешки, со тенко завивање. Сите се собираме околу неа, да ја залажеме, со игра да ја замолчиме, да не се мрсулави на највеселиот ден. И минатиот пат, кога тате си дојде од далекото место, со цела вреќа брашно на рамото и две шишиња зејтин во џебовите на палтото, беше голем празник. Стигна доцна ноќта, ненајавен, како во сон, мама се расплака, ние испискавме од радост. Дури тате да се подзамие и преоблече, нарасна тесто колку кубето на соборната црква. Кога изнажшкамама еден рид лангиди, миризливи и румени како цицките на Иловата сестра, од среќа ќе се спобудалевме! Ги лапавме без џвакање, сами ни се лизгаа низ гушите, мевовите тапани ни станаа! Тие мигови, ни посреќен, ни поубав живот од нашиот немаше! Наредниот ден спиевме до самоти пладне. И кучето на гладијата во нашите црева спиеше како маѓепсано! Ручекот зрее во кујната како плод во рајска градина од многу мамини приказни. И ни праќа мириси како од сон, создавајќи ни чувство дека нашиот живот се променил во најубава и најбогата божја повела. Душите ни пијат една опивна блажина од друг, залисан свет на слатка ситост, во кој само по некој миг ќе се преселиме. Ја нема реата на лукот и оце-тот, на киселите ржени корки, на сувиот, небаре од песок правен качамак. Мирисот се претвора во чудесна визија на божествено треперење во кое гледаме слики од најубавите сонови, наеднаш стварни, блиски и наши. Наспроти мирисот од печеното јагне и сармичките од штавел, со рајски зачини и парченца телешко мевце, прелеани со јајца и млеко и од неописно вкусните слатки од тесто со кајмак налик на подотворени пупки на перуника, полнети со свежа рибизла, помислата на трите чорбести јадења, сиреч топли помии во народната кујна, во која одиме еднаш дневно, ни прави јазли во цревата. Ја скокоткаме да се засмее и ја штипкаме претпос-ледната сестра, да не ги спомнува тие киселкави плакнотини, да не ни го огади ручекот. Таа продолжува да се лигави и мораме да ја потчукнеме по лејчето. Почнува плачење, ја прашуваме мама кога ќе си дојде тате да ручаме. Таа нè теши дека ќе стигне секој миг и нè потсетува дека е ред да го почекаме, по толку време разделеност да бидеме заедно на празничната семејна трпеза! Веќе е препладнето, низ прозорците се протегнуваат темни даги мрак што собласно надоаѓа од далечината. За да го залажеме гладот, се наредуваме во круг, седнуваме кој крснозе, кој на колена и глумиме свечен празничен ручек. Јас сум таткото, најголемата сестра е мајката, другите – кој што сака. Средниот брат се прогласува за – важен гостин! Молчиме миг-два над замислената трпеза, во света тишина ја шепотиме молитвата Оче наш, се крстиме и самите се покануваме на ручек. Креваме чашки, си наздравуваме и полека пиеме. Господски, бавно, сркаме чорба и си ги бришеме усните со меки, бешумни крпи. Еден изјавува создржано дека чорбата е чудесно вкусна и господ со сласт да ја срка, сите други веднаш се согласуваат. Од печеното месо си земаме по едно големо парче и отмено, сечејќи го на мали залаци, го јадеме со уживање. За сосот од ендемските билки на нашата мечта, просто немаме доволно достојни зборови. И разговараме за иднината на семејството во милоста на Бога, за некои планови што ќе нè изведат од бедата и ќе нè воведат во земниот рај. А гостинот, трогнат до некоја неутешна душа, почнува да плаче, признавајќи дека е потресен од среќата со која е наградено семејството, собрано на свечен ручек. Го славиме виното, ги славиме слатките, ја славиме славата, да ни се полни со радост срцето, душата и – главата! И самите себеси си се смееме, како на туѓинци што се обиделе да нè измамат подмолно! Вистинскиот ручек е веќе готов, дури и подистинат, а тате уште го нема! Мама пак нè теши дека тој секој момент треба да стигне и, за награда што сме умни и стрпливи, ни дозволува да ги погледнеме јадењата. Се туркаме околу неа, овргалуваме очишта и само голтаме плунки додека таа подробно ни опишува кое јадење од што и како е зготвено. Сакаме да испружиме раце и со прстите да провериме дали е вистинско тоа што го гледаме, но мама нè потчукнува по прстите, повикувајќи се на некаков многу тежок грев и неправда. – Уште некој миг и ќе биде – ваше! Целото! Братот гостин сериозно жали што немаме фотоапарат со блиц, та ручекот да си го сликаме пред да го излапаме, да си го сочуваме за век. Надвор, денот брзо посивува, тежината на блискиот мрак ги притиска стаклата на прозорецот како темна глад празен желудец. Мама се крие во кујната и слушаме како липа и проколнува некоја црна караконџула што се вгнездила во нашата судбина свечен ден да не видиме. Ја јаде јанѕа да не му се случило на тате нешто лошо, та денот по плач да го па-метиме. Истиот миг, тоа за нас е веќе случено и спискуваме до небото, во кое веќе се насобрала густа пепел. Елбете за да не биде како да умрел некој од семеј-ството, мама постила снежно бел трпезник врз масата и нашиот дом светнува како од сончев изгрев. Потем, бавно и внимателно, ги реди светкавите чинии со златни рабови, што само на големи и значајни празници ги изнесува од креденецот. Светкаат и чашите, лажиците, вилушките и ножовите, ни се чинат – ѕвезди околу сонцето! Ги гледа мама како омаена од убаво привидение што маѓепсува со некоја голема и искушителна сила. Потем, небаре се освестува и, сакајќи да ја истури црната јанѕа од душата, почнува да рида и да се тресе. Ние се гроздиме околу неа, ја гушкаме, ја стегаме за половините и рацете да не ни одлета во некоја зла несврта. Тоа сонце и тие ѕвезди на нашата трпеза небаре не ѝ се дар за венчанието со тате, за радост со здрав пород и богата семејна среќа, ами некое свечено сновидение опасна, подмолна смисла. Мама нè бакнува во челата, нè милува со вкоравените дланки, триејќи нè до болка, како да сака да избрише од нашите лица некој кобен знак. Така престанува да плаче, си ги собира солзите од образите и ги сокрива под престилката како да покрива подмолен отров. Полека, полека лицето ѝ светнува и, речиси залисана, ги изнесува јадењата едно по едно и ги распоредува врз трпезата според некој прастар закон и таинствена смисла на среќата и свеченоста. Ние гледаме маѓепсани од убавината на нашата трпеза како во небесно чудо, дар божји за векови. Токму тој миг, во небесниот занес, вратата се отвора со силно чкрипење и грмнува татевиот глас: "Жено, деца, имаме важни гости!" Трештени и поилени, гледаме како влегуваат: еден, двајца, тројца, четворица. Тате ги претставува: "Шефот, заменикот, помошникот, раководителот." Сè поголем од побабачко, четворни и диничлии! Ги поздравуваме и наеднаш преплашени од строгоста и важноста на огромните гости, бегаме молкома, налик на дресирани кученца, во малата соба зад нужникот. Стуткани зад вратата, како виновни што постоиме на светот, еден по друг призираме низ клучалката и слушаме што се случува во нашиот дом. – Почитувани гости, повелете на скромен ручек – речиси завива тате. – А децата? – скркорува еден од дојдените. – Тие веќе ручаа – објаснува мама. Ни минува железна змија низ телата, нè боде, нè каса, нè пробива, на илјада места нè кине. Најмалите две сестри стопотуваат со ноџињата и спискуваат како изгорени. Им ги затнуваме устите со дланките и се обидуваме низ клучалката да видиме што бидува со нашиот ручек. Ја гледаме само мама, бледа и увилена, како да ѝ умрело најмилото. Си ги брише очите и спапушлавените образи, тажно и виновно погледнувајќи кон нас. – Ами, Вие, госпоѓо, зошто не ручате со нас? – ломоти некој од гостите со преполно устиште. – Проштевајте... Јас веќе ручав... Со децата. Најмалите сестрички пак спискуваат од гладот и споулавени сакаат да ја отворат вратата. Се нафрламе истрпнати врз недоветните проклетнички да спречиме страшен, дури кобен престап, ги покриваме со ќебиња и ги притискаме да не им се слушнат гласовите. Тие, кутрите, пиштат, ние ги гмечиме, седиме врз нив, врз главчињата им лежиме. По силна борба, стивнуваат, а од другата страна на вратата – одекнува песна. Гостите му наздравуваат на тате за поголема среќа, постојана работа, подебела плата. И ветуваат дека и мама ќе ја вработат како готвачка, дури шефица на готвачницата ќе ја направат. Детински среќни од тие зборови, што се огласуваат во нашите души како волшебна најава на убав живот со постојано богата трпеза, премалени од глад и ундисање, еден по еден заспиваме. Само јас и најстарата сестра се бориме со дремката, сакајќи да останеме будни за да ја видиме таа рајска среќа. Доцна во ноќта, дебели во гласовите од ситост и задоволство, гостите си заминуваат. Глувнува станот, онемува сиот свет, тате молчи како да не постои. Само мама тивко ѕвечка со чиниите, чашите, лажиците, вилушките и ножовите, како да го брани животот од подмолна смрт. Наеднаш, вратата од сопчето се отвора. Тетеравејќи се, тежок и несигурен како болен, тате влегува кај нас и ги шири рацете да нè прегрне. Му се фрламе во прегратката и го гуш-каме, го милуваме, му го бакнуваме бледото и збувнато лице, му ја мазниме мократа коса. А тој, замирисан на јад и мака, наеднаш се згрчува, ригнува од дното на утробата и почнува да блуе врз нас. Бли-ка од него нашиот свечен, празничен ручек, скиселен и со тешка реа, лигав и одвратен, но ние не бегаме. Грготи од тате изгубената убавина на нашата недоживеана радост, како да ни го враќа и дарува изгубениот, толку посакуван, значаен и несуден ручек. Братушковците и втората сестра се будат преплашени и заплачуваат со вресливи гласови. Ги креваме ќебињата од најмалите сестрички, да ги пробудиме за да се изгушкаат со тате. Тие лежат прегрнати, модри и неподвижни, залисани и сити за вечни времиња. НЕБЕСНА ПОРТА – Панке, погледај! Свети како сонце да изгрева! Прилега на човек! – Сонцето штотуку зајде, слепчо! – Свети мојата порта на небото! – Ти свети во умот спобудален! – Дај водичка да се оплакнам! Донеси ми го костумот, чевлите, кошулата, вратоврската, бастунот и шеширот! Ми дојде часот! – Како можеш бе, око гурелаво со перде краставо, да видиш порта небесна кон другиот свет? – Ене ја, над трепетликите на ридот! Побрзај да не се затвори! Ќе останам вампир на сувите камења! – Ти текна кога да спешиш, старо и лудо главиште! Сиот паметен свет побегна кај виде, вид виделија фати рајот на земјата да го најде, сал ние останавме како сеништа да им баеме на змиите и да сушиме души на грмушки! – Само таму каде си влегол во животот можеш и да излезеш од него! Кај и да се наоѓаш, мртов ќе талкаш, ќе се пореваш, ќе акаш, ќе се сопкаш, дури да се вратиш кај што си роден, излезот кон другиот свет да си го најдеш! – Што ли уште не ќе измисли тоа твое тиквиште ула-во! Само да се оправдаш што не си го послуша детето да си летнеме во Австралија и таму со Бога од иста паница да сркаме! Што ти беше секогаш поважно да свириш кавал над гробот на татко ти и мајка ти, на душите да им олекне! И што се плашеше во куќата да не се загнездат утки проклетници! – Таму оваа божја светлина нема да ми се покаже! Таму небото за мене е затворено. Душата ќе го бара својот излез, ќе талка, ќе се повампирува, птичишта ќе ја клукаат, мувишта ќе ја пијат, жега ќе ми ја пржи, мраз ќе ми ја рони, ветер како прашина низ пустина ќе ми ја вее, кучиња ќе ја лаат, туѓинци со пушки ќе ја стрелаат, на ко-лец ќе ја наденуваат. Таму нема излез! – Таму нема, овде има! Зар детето таму не ни излезе во рајот? Не гледаш ли на сликите: сè е зелено како залисана душа, камче нема ни орев да се скрши, камо ли да се сопнеш! И костум рајски ти прати, и кошула бела како снег, и чевли што лÄскаат како две ѕвезди, и шешир како царска круна, и вратоврска како виножито... Дај боже век да векува и на убавини да се насити! – Само душата негова знае како му е! Да ме послу-шаше, не ќе заскиташе во таа проклета несврта! Тука како сонце ќе ми грееше и дрво и камен со него ќе ми пееше, сè како на крштенка, на свадба и на слава ќе ми ечеше! И од сеништа ќе ме чуваше, чекорот ќе ми го крепеше, срцето ќе ми го полнеше, погледот ќе ми го палеше, мракот сонце ќе ми го правеше и гласот до врвот горски ќе ми го креваше! А вака, без глас и жива лика нè остави! Утрото со вечерта ни се меша, денот рана, ноќта болка ни ја направи! Каде му е гласот, каде лицето, каде раката, каде снагата, каде здивот и душата? Во зелените слики аир нема! Без сина зеница, син нема, Пенкааа! Клетаа! Ни на смртен час немам дете да ме испрати кон небесната порта! – Не колни го детето, проклетнику! Не знам далÄ ду-шата, далÄ устата ти греши! Не е тоа криво што нашите ридови се ќелави! Што овде и небото лелека од суши и жедови! Замина, зашто Господ вишен така сакаше, во земниот рај да се радува! – Не колнам, ами очајувам! Плачам, бигор топам, а бигорот расте. Душата ми е нива опустена, со чесно семе ја садам, чесен спомен да остане, светла трага до портата небесна! Зашто когај-тогај детето ќе се врати, та да знае каде е патот до чесната, до нашата вечност. Да не залута во туѓа мисла, да не залида во туѓ сон, да не тргне по туѓа патека. Туѓата среќа е несреќа, туѓата радост тага. Да не му се затвори излезот од светот, да не му згасне светлата порта од кусиот живот кон вечниот. Да си го најде својот влез во вечното постоење. – Не коби, кобник прокобен! За каква порта кон оној свет на нашето дете зборуваш? Барај си ја ти својата дупка на сртот и витосај се уште веднаш, дркол дртосан, вампиросан! Остави го детето нека си живее во рајот што си го најде! Нека се радува на својата среќа што си ја соз-даде! Во својот свет, својот имот, своето богатство, својот сон! Твоите будалштини не му требаат! Ни твоите порти, врати и капиџици кон другиот свет! – Камо го сега до мене? Да му кажам што гледам! Да му ја кажам вистината! Да ја слушне, да ја знае, та нека не верува! И топлина од гласот да ми даде за сонот вечен, како што ние му дадовме за овој свет! Камо го да долета, да го гушнам, костумот да ми го облече! Да види дека не заминувам во небото каков-годе! Дека нема да ја извалкам божјата светлина што ме чека! – Ами како! Да доаѓа дури оттаму во овие скрки и красти! Толку пат да тепа и пари да списка оти му текнало на спобудалениот му татко од светот да излегува низ светла порта на небото! Ај не туку смрт ми кани во куќата! Ако ти е мила, ако ти дошла на душата, поспеши си сам кај неа, детето остави го нека си живее во рајот свој од свила, млеко и зеленило! – Панке златна, не греши душа, викни го поштарот од Пуста Река да му биеме телеграма на детето за мојата умирачка! Барем да знае дека сум излезен од овој свет! Та ако се врати нека биде добредојдено, ако не се врати нека му биде простено! – Ни телеграми, ни камбани нема да биеме! Твоето заминување од животот ни колку излегување по надвор веќе не вреди! Тебе, сениште меѓу урнати куќарки и о-борчиња, Господ те најде небото да ти го отвора, врата кон рајот да ти направи! Не знам зошто уште те слушам така изветреан! – Де мори Панке, де мори ангел, поверувај ми барем сега, на светиот, смртниот ми час! Стори мори што те молам и повјасај дури виделото сосема не ми згаснало, дури небото не јагленосало, да не останам сениште на буниште, да ѕемнам без сврталиште, на полноќ во оџак да завивам и саѓи да лапам! Уште свети, посилно свети, чинам ќе ослепам, слепа змија ќе станам, камен ќе ме налега! – Цел век само во небото гледаш, слеп ко камен си остана! Не можеш да видиш колку си парталосан и крастосан, сиот дупки и закрпи! А сакаш да умреш во царски костум дуздисан! Детето ти го испрати за животта да го носиш, да убавееш, да се радуваш и гордееш, кај него да отидеш, во неговиот рај да живееш! Ти ни за свадба го облече, ни на слава го покапа, ни в црква го омириса, ни внуче ти го помоча! Сега најде да заличуваш, кога од животот излегуваш! Дејгиди главо збудалена, од болен оган запалена! – Панке мори, друшко моја божја, поитај, помогни ми да стасам, да не задоцнам клет и беден! Небесната врата веќе ми трепери, се извива, подзгаснува, темнее, сиреч ќе се затвори! Панке, ангелке, стопанке на судбината ми, облечи ме, спастри ме за пред Бога! И на детето прати му телеграма дека сум излезен од овој свет, дека веќе овде жив татко нема! Поспеши, поитај, повјасај, летни ако можеш, ми се гаси портата небесна, ѝ се тенчат светлите столбови, ќе ја снема во невидел! Ќе останам маченик на вечноста, гола душа на жар и на цибрина! – Ами како! Ќе го тревожам детето бадијала! Тоа татко немаше за живи години! Чуму му е татко на гробишта! – Панке мори, црна душманке! Небесната порта ми згасна! Ах, што ќе правам сега, црн, црносан, ќутук габесан! Ми се затвори црна судбина! – Та светот не пропадна! Солзи од гаќи не ќе пролеам! Ако се затвори небесната, еве се отвори портата на нашиот двор! Еве го поштарчето наше, гласоношчето ангелско! О, пиле мајкино! – Што не стигна троа поранко бе, дете прокопсано! – Господ ни го донесе, за арно нека е! – Господ на помош, добри луѓе! – Од уста само што ни излезе, во душата ни влезе, дете благоусто! – Што ни носиш? Кажувај! Дарувај! – Телеграма од Австралија! Камо да не ја донесев! ТЕПАЧ НА МРАВКИ На господинот Ајдар цел живот му беше рамен, без угорници и падови, без изненадувања. И станот му беше како убава слика: сè на своето место и совршено чисто. Си имаше свој ред и закон, од кои отстапуваше само кога беше болен. Но и тогаш тоа го тревожеше повеќе од самата болест. Гости не милуваше, му правеа неред, му ги матеа чувствата. Некои, меѓутоа, беа неизбежни. шефот, на пример, кој требаше да дојде на доверлив разговор околу најновите, големи социјални немири во малата држава. Господинот Ајдар ја правеше последната проверка кога, на свое запрепастување, виде цел куп црни мравки во кутијата за леб. Сети неиздржлива одвратност, со силни и длабоки грчеви за повраќање и остра помисла дека е загрозен на опасен и подмолен начин, Тоа мравјо црнило, што ја беше нападнало неговата основна храна, елбете и него самиот можеше да го разнесе трошка по трошка. Избезумен, ја грабна кутијата, втрча во бањата и ја попари со врела вода. Ситните катранести натрапници се собраа како глувчи измет и исчезнаа во отворот на сливникот. Го фрли раскиснатиот леб во вреќата за отпадоци и трескавично се впушти во потрага по другите мравки во станот. Црниот карван се провлекуваше низ кујната, ја заобиколуваше трпезаријата, минуваше по работ на персискиот ќилим во салонот, користеше еден многу мал процеп во вратата кон терасата и под саксиите со цвеиња се спушташе по носечкиот столб кон тревникот. Господинот Ајдар ја грабна правосмукалката и почна да ги всмукува, собирајќи ги со уживање и најоддалечените. Кога не остана ниту една, седна да се одмори како победник над тешко искушение, кому срцето му игра од силна возбуда. Мермерните плочки беа чисти како занесени светли очи, во нив се огледуваше небото. Но не стигна ниту да трепне, а зениците му се наполнија со нови мравки. Црна низа кривулеше преку небесниот сјај на плочките, брзајќи пак да го освои неговиот дом. Скокна како потпален, втрча и ги стигна првите веќе навлезени во кујната. Пак ја грабна правосмукалката и почна да ги собира, пцуејќи ги како непријатели што мора да ги ендиса за сите времиња. Откако ги всмука и последните, го затна процепот во вратата со гума за џвакање и побрза во блискиот трговски центар да купи отров. Трчаше до таму и назад, срцето му ги боксуваше градите како да му ги крши ребрата. Речиси без здив, ги попрска плочките, особено споевите, лазејќи со бодежливи болови влезе во салонот и легна грбечки на ќилимот. По некој миг, болките и грчевите сосема му престанаа и тој срипа да види што се случило на терасата. Од наглиот напор, силно и длабоко го здоболе во градите, небаре некоја убиствена сила сакаше да му ги откорне и срцето и дробовите. Падна некако накриво и низ пеплосаните трепки виде живо мравјо јаже право кон неговото лице. Го кинеше жежок бол и илјадници трпки му лазеа по телото, небаре безбројни мравки беа влезени во него и го грицкаа. Вџашен, спасувајќи се од најлошото, успеа да се подигне на лактите, го дофати шишенцето со отровот и, влечејќи се, почна да ја полева црната врволица. Гушејќи се во некаква врела пена што не можеше да ја проголта, одвај гледаше како мравките се згрчуваат во брза смрт. При таа глетка, сети како му ублагнува болот и се понадева дека гадинките е се повлечат на своето вистинско место, во својот мравјалник. Истиот миг се издиша олеснително и се почувствува како да немал никаква невола. Дишејќи длабоко и насладувајќи се на чудесната леснина во градите, негде во свеста виде толпа споулавени демонстранти со потемнети глави, што налегаше врз полицајци пред зградата на владата, со сила од која светот можеше да се истури како песок во бура. Не помогнаа ни истрели во воздух, ни палки, ни кршење раце и нозе. Бликнаа одеднаш страотни млазеви вода и почнаа да ги уриваат црноглавите, туркајќи ги како трупови. Одвратно црнило и многу густа нечистотија пливнаа по плоштадот, но толпата брзо се созеде, се зби и почна да напредува чекор по чекор, заканувајќи се да ја постигне својата опасна и валкана цел. Кога ја урнаа заштитната ограда, тој вресна: "Отров!" И летнаа бомбите со солзавец. Демонстрантите се разбегаа, но некои притоа запукаа со скриено оружје кон полицајците, на што овие возвратија со долги рафали. Низ нечистотијата се разли црвенило, темно и тешко. Тој гледаше во тоа како во нешто што мора така да биде. Беше млад и силен, и посебен, и значаен, и воспитан на ред и дисциплина. Се поднасмевна на ненадејното сеќавање и се обиде да стане, но градите му се пресекоа од мишка до мишка и нешто како тенок нож му се забоде под лажичката. Удри со главата во ногарката на масата и со стегнати очи виде како живите мравки газат преку мртвите и напредуваат кон кујната. Лежејќи така пресечен, со многу силен напор и со темно чувство дека мора да се бори, успеа некако да ја довлечка правосмукалката, ја вклучи и сиот во дамла и пот, како роб на неиздржлив страдеж, фати да ги всмукува. Кркорејќи од болки, се молеше на некои волшебни околности да не стигне шефот, да не го види таков, немоќен и јаден, поразен од – мравки! Кога и последната гадинка исчезна во вакуумот на апаратот за чистење, господинот Ајдар се напна да лази кон бањата за да се спастри. Ползејќи, почувствува штипење по вратот, зад ушите, по плеќите и забележа вистинско црнило по рацете. Почна да плука, да дува и да се плеска, мачејќи се да ги убие и истресе од себе. Вратата на бањата беше отворена и тој се довлечка до кадата. Со некоја неприродна сила, небаре ја подига сета зграда, се превитка преку работ и се слизна во ладната белина. Ја досегна батеријата и пушти многу топла вода врз себе. Млазот бликаше и ослободувше пареа, му ја топеше облеката, плакнејќи му ја нечистотијата и носејќи ги мравките во сливникот. Водата стануваше сè поврела, но тој ја поднесуваше, гледајќи со заматени очи како со меурчињата се губат едночудо црни гадинки. Од кадата излезе ослободен од болките и мравките, дури и од сликите на толпата во себе. Брзо се облече во најсвечениот костум што го имаше и побрза во салонот да ја провери најновата ситуација. Во чудовишно дебела жила, мравките се движеа кон кујната и назад, просто демонстрирајќи моќ и непобедливост. Замаен, некако механички, ја отвори витрината со книги, кристали, украси и фотографии од младоста и љубовта и грабна дебела збирка стари закони со мошне тврди корици. Клекна на колена и се вдаде со неа да ги гмечи и толчи гадинките, правејќи ги црна лига. Зафуче од него една дива пизма, како да се дупнала некоја огромна мешина на вечна омраза и гнев и тој налегаше сè посилно и побесно, смачкувајќи го одвратниот густеж. На терасата дури и скокаше врз законикот, а од ударите се потресуваше целата зграда. На крајот, со влажна крпа, го пребриша сиот под, го истресе ќилимот, а плочките дури и ги светна, пак да се огледува небото. Се симна и во тревникот, го најде мравјиот извор и вртејќи се на петата добро го нагмечи, убиваји на стотици гадинки со едно свртување. Кога се увери дека сосема ги сотрел, победнички задоволен се врати на терасата. Седна на столчето до цвеќињата како на престол и сети многу пријатна среденост, одново воспоставена сигурност и спокојство. Го исполни речиси блажено чувство на вселенска врамнотеженост и една сина мечта за некои далечни, волшебно мирни убавини. Беше тоа некој занес за бестелесното, за чистото и неменливото, што се ужива без напор и тежина, над секој неред, мака и страдање. Во тој занес посака шефот да не дојде и возвишеното да му потрае подолго. При таа помисла, некако случајно, погледа во плочките под нозете. Очите вчасот му се наполнија со нови мравки што го полазаа право во срцето. Се стегна, небаре се смрзнува, му се зеде здивот, го обли густо темнило и ја изгуби свеста. Така и не се знае што правеше, ако нешто воопшто правеше. Можеби ги тепаше со пластичните влечки, можеби ги триеше меѓу дланките, можеби ги дуваше, метеше, џвакаше, голташе. што и да беше, се изгуби во нешто несознајно, неопределено, неиспитано и без досеглива смисла. Кога стигна шефот, го најде во ладен мир, заспан во недокажливост. Веднаш се сети за еден сон што господинот Ајдар, сеќавајќи се за детството како за рај, често му го раскажуваше. Отпрвин и го виде така: лежеше во едно многу млечно сонце кое му навеваше сон во сонот. Кога зајде во тој сон, сони друг. Овој му нареси трет, третиот нов, новиот понов, сè до еден во кој сè престанува да постои. Сепак, на терасата се гледаше само крупно мртво тело, преку кое лазеа мравки, небаре сосема свесни што прават. ЗМЕЈКО Уште кога го омуси Самовила, штотуку застанато на несигурните нозе, се виде дека ќе биде многу силно. Веднаш го најде вимето на мајка си и почна лакомо да цица, како да ги корне боските. Во очите имаше сјај на здраво и моќно срце, гривата му беше како пламен. Целото беше жар црвено, чисто и светло, со живи отсјаи небаре гори. Откако се нацица, се сврте како да се претставува, нè погледна со волшебна моќ и самото си го определи името. – Здраво Змејко! – го помилува тате. – Да си ни жив и здрав! Го измилуваа и браќа ми и сестрите, а јас и го гушнав и му го бакнав муцето. Му врзавме црвен конец околу вратот за да го чува од урок, но не се гледаше, па го поплукавме во себе да не го извалкаме. Мама изнапржи еден куп тиганици, жолти како позлатени, се изнајадовме како змејови и на роднините и комшиите раздадовме. Ноќта, сите се будевме по неколку пати за да видиме како е Змејко, да не му се случило нешто лошо, зашто на многу убавите, саканите, ретките и значајните нешта почесто им се случува несреќа одошто на другите. Утредента, тој веќе трчаше по дворот и толку многу се оддалечуваше од мајка си што таа вискаше тревожно, тегнејќи го јажето да се ослободи и да биде крај него. Први му пријдоа кокошките и кучето, а двете прасиња дремеа под стреата на оборот, не пројавувајќи никакво интересирање. Едно гуштерче, поткачено на темелот, се печеше на нежното утринско сонце и трепкаше кон Змејко со чудна возбуда. Речиси сите ластовици во дворот му летаа околу главата и се превртуваа весело, кревајќи се брзо кон небото и спуштајќи се со радосен цвркот. Во сјајот на утрото и наспроти огненото црвенило на мусето, цвеќињата во бавчата беа поубави од кога и да било порано. Змејко растеше брзо, трчајќи неуморно низ дворот од едниот до другиот крај, како да покажува колку е силен и брз. Кокошките и прасињата бегаа на страна со крескање и квичење, одвај собираќји душа од страв. Понекогаш, кучето трчаше по него, лаејќи како да му се заканува дека ќе го престигне, но брзо го исплазуваше јазикот и задишано си легнуваше под стреата на оборот. Само ластовиците беа побрзи од него и цвркотеа небаре го подучуваат како да лета. Во таа игра, како унесен, Змејко често втрчуваше во бавчата и ги газеше најубавите цвеќиња. Тате го прекоруваше за белјата што ја направил, а мама го караше него што не поставил поцврста и повисока ограда. Виновникот си продолжуваше весело да си ѕипа, мелејќи ги со цврстите копитца и патлиџаните и пиперките. Тоа беше причината, уште истата вечер, кога задрема крај мајка си, тате да го врзи со ново јаже за железна алка во ѕидот на оборот. Змејко се обиде неколку пати да го стресе огламникот од себе, но не успеа ниту со триење од јаслите. Стана и почна да мавта со главата горе-долу, лево-десно, но ни тоа не му помогна. Уплашен и налутен, по некој миг почна да се тегне со напор од кој му се кривеше вратот толку болно што се чинеше дека ќе му се скрши. Го молевме тате да го одврзи, но тој само одмавна со раката, давајќи ни знак дека така мора да биде и дека тоа повеќе не зависи од него. Помалата сестра и јас почнавме да плачеме и да му се бесиме на рацете, но тој само нè помилува и ни нареди да си легнеме, ветувајќи ни дека Змејко утредента ќе биде и умен и среќен. И, навистина, кога сабајлето влеговме во оборот, го видовме како цица од мајка си, носејќи си го огламникот како украс. Беше мирен, небаре веќе сосема свесен дека јажето ќе го носи до крајот на животот. Одвреме-навреме, тате го пушташе да трча и скока низ ливадата зад куќата, да си игра како дете. Силата му беше речиси волшебна, скоковите како летови, топотењето на копитата како многу далечно грмење. Изгледаше чудесно моќен и би поверувале дека е нестварен да не му беше јажето околу вратот. Од дворот излегуваше секогаш врзан за мајка му, одејќи крај неа додека таа, впрегната и со амут на вратот што ѝ ја кубе гривата, ја влечеше тешката запрега. Штом ќе сетеше широк, неограден простор, го обземаше некој многу силен немир, како бунт и радост едновремено и почнуваше да се тегне, да клоца и да скока. Од тој напор стануваше некако покрупен, посилен и поубав и фрчеше како змеј од приказна. Но, едновремено, врзан и немоќен да се ослободи, да летне од силата што му го брануваше младото огнено црвено тело и да ја развее пламената грива, изгледаше понижен и тажен, несреќен како роб. На нивата, додека мајка му влечеше голем плуг, рало или дрлач, тој беше врзан за запрегата и само гледаше, одвреме-навреме извискувајќи немирно, тегнејќи го јажето и кревајќи се на задните нозе со болно свиткан врат. Понекогаш, кога ќе се вивнеше кон небото со змејска сила, јажето го повлекуваше надолу и тој паѓаше како прострелан во срцето. А небото беше неодоливо, полето шарено и меко од билје, воздухот омајлив од прекрасни мириси и многу нежни шумови и гласови, како повици за радување и занесно лудување. Само понекогаш, кога од нивјето веќе беше собран родот или кога во полето немаше ништо што би можело да страда под копитата на Змејко, тате го пушташе да ?вихрее и уживаше во неговата убавина и сила како во унер кој му открива најскапоцена тајна за светот и животот. Кога веќе беше крупно ждребе и ?вихрееше над полето како жив пламен, тате го гледаше пеејќи и плачејќи во исто време. Го прашувавме дали му се радува или го сожалува, но тој не ни одговараше. Градите и рацете му се тресеа како ветва облека на страшило за птици среде пусто поле. Многу подоцна, кога пораснавме, ни стана јасно дека моќта и убавината на Змејко го восхитуваа тате и небаре му ја враќаа младоста, а со тага го исполнуваше свеста за судбината што го очекуваше огнено црвениот ждребец. Го оплакуваше поради својата немоќ да му помогне и се чувствуваше виновен поради тоа. И воздивнуваше како да бара оправдување, утеха и олеснување за својата греовна душа. – Колку е убав, не може око да му се нагледа, ни душа да му се изнарадува. Создаден е само за восхит, низ царски и самовилски ливади да игра. И како создаден од убаво волшепство, Змејко од ден во ден стануваше посилен и поличен. Но како кој месец ќе минеше, така јажето околу вратот подебело му стануваше. И сè подолго затворен во оборот вискаше, како невин но опасен осуденик во зандана. Ги гризеше диреците, ги клоцаше темелите, кренат на задните нозе ги копаше ѕидовите со предните и со главата го растураше покривот како да сака да се вивне во небото. Неколку пати го прегризуваше јажето, ја откорнуваше вратата и како ветер зафучуваше низ полето. Едни пати, доцна во ноќта, сам се враќаше и влегуваше при мајка си во оборот. Други пати, по долго барање, тате го наоѓаше во некое од околните села, при кобили. Еднаш се врати раскрвавен, сиот рани и красти по вратот, сапите и нозете. Никогаш не дознавме дали настрадал во борба со друг ждребец, од ѕверови, од кучиња или од лоши луѓе што сакале да го украдат или убијат. Тоа лето беше и жешко и тешко, немаше ден без работа, на празници – најнапорната и најтешката. Полето беше затревено, бурјанот посилен од пченките, бостаните, зеленчуците и памуците, бавчите зелени облаци беа станале, тутунот беше висок и густ како шума. Небаре војна се водеше и секој миг беше пресуден дали ќе се преживее. Тате и мама речиси и не спиеја, по цел ден р'мбаа по полето, криво им беше што сонцето заоѓа и се стемнува. Ги будеа и постарите браќа и сестри да помогнат во копањето, плевењето и берењето тутун. Јас бев уште многу мал и ме оставаа да си спијам колку што сакам и да си играм низ дворот. Ги слушав во сонот плачливите гласови на батковците и дотките како ги молат мама и тате да ги остават да си поспијат само уште малку. Ме потресуваа и пресечуваа тврдиот и рапав глас на тате и острите писоци на мама, кои им наредуваа на браќата и сстрите веднаш да станат, ако не сакаат да гладуваат и одат голи и боси среде зима. Еднаш се разбудив и престрашен од викотницата што настана, го видов средниот брат свиткан вудве како овената билка. Тате го влечеше за мишките и се обидуваше да го исправи, но средниот батко не можеше ниту да застане, ниту да седи. Викајќи како избезумен, тате му плесна неколку шлаканици по образите, но брат ми не ги отвори очите и не се стегна. По некој миг, тате го остави врз креветот и излезе топотејќи од лутина и заканувајќи му се дека ќе му плати што е светска мрза и се преправа дека е мртов. Имаше нешто страшно во тате, во мама, во браќата и сестрите, во куќата, во животот, насекаде околу мене и јас почувствував грутка мраз во срцето. Уплашен, со растреперени жили, скокнав од креветот, се облеков и трчајќи ја стигнав колата, на која напред седеа мама и тате, а зад нив, навалени на страниците дремеја најстариот брат и двете сестри. Се искачив одзади, се провлеков меѓу нив и се мушнав меѓу тате и мама. Тие се насмејаа и ме гушнаа, фалејќи ме дека сум многу умен, но и прекорувајќи ме благо што сум тргнал со нив, зашто сум уште многу мал и не можам да работам ништо. Јас реков дека можам да го заменам средниот батко и дека ќе сработам двојно повеќе одошто би сработил тој. Патот беше нерамен, со многу длабоки дупки, полни матна вода, налик на големи, широко отворени слепи очи. Небото беше сиво и тешко, некои мовливи и мувлосани облаци ги претвораа мугрите во саги. Воздухот беше тежок и влажен, росата по билките беше сива и личеше на безброј матни солзи. Самовила ја влечеше колата, а крај неа, крупен и немирен, фрчејќи со застрашувачка сила, се движеше Змејко. Одвреме-навреме се обидуваше да го скине јажето и да спрашти низ нивите, да го наполни со својата сила сето поле, да ги разбранува пченките и како виор да го разнесе сивилото на небото. Насетував дека моќта му е толку голема што секој миг ќе се ослободи од ропството, ќе летне како голема црвена птица во вишините и ќе исчезне над облаците во вечните небесни тајни. Кога стигнавме на нивата, тате ни рече да береме тутун со мама додека тој го изора стрништето. Ние веднаш влеговме во тесните редови и почнавме да ги откинуваме најкрупните и веќе созреани листови. Росата ни се слеваше по рацете и лицата, ни ја влажеше облеката и ни ја ежеше кожата. Тенките тутунови стебла и разните тревки меѓу нив беа напнати, мушичките и мравките мошне вознемирени, небаре насетуваа некоја голема несреќа, а одвреме-навреме во влажната и студеникава тишина над полето се слушаше лутиот и заканувачки глас на тате. Речиси едновремено се извишуваше и острото, дури болно вискање на Змејко, како да се брани од ѕвер што го напаѓа. Кога гласот на тате се претвори во гневни крикови, а вискањето на Змејко во продолжително ревење и р'жење, проследено со силни удари со стап по телото, истрчавме од тутунот и се заикавме од страшната глетка. Врзан со синџир за долната вилица, од која му течеше крв и пена, Змејко се креваше на задните нозе и се тегнеше да се ослободи. Тате ги стегаше синџирот и уздата и безмилосно го тепаше по зинатата уста и нозете, влечејќи му ја главата удолу. Првпат го видовме Змејко зауздан и со амут на вратот, демонски силен и страотно крупен и напнат, но немоќен пред својот господар. Ни стана жал поради тепањето и се загнавме кон тате да го молиме да го поштеди. Истиот миг Змејко се смири, тате го фрли стапот и почна да го милува по раскрвавената уста, нарекувајќи го галено умен син. Потем го впрегна во плугот и ја заора првата длабока и крива бразда, бодрејќи го ждребецот и викајќи силно како да слави голема победа. Кога ги собравме обраните лисја во вреќите и кошовите и излеговме од тутуновата шума, почна да врне. Стрништето беше изорано, а Змејко беше мокар и каллив, темен како засирена крв. Ни се стори многу смален, сиреч стопен и се тресеше како болен. Нè сјаде јанѕа дека може да пцовиса и почнавме да го гушкаме и храбриме. Од очите му течеа солзи и му се слеваа по лицето, оставајќи црни траги и крупни гурелки, како красти. Нè гледаше како да нè не познава, беше сосема рамнодушен, небаре не му се живееше повеќе. Го немаше повеќе немирниот Змејко, волшебно силен и убав, омусен за восхит и играње по царски и самовилски ливади. Тате му го симна амутот, милувајќи го сожалувачки и некако виновно, како да го моли за прочка. Ги натоваривме тутунот и плугот на колата и неми, како да сме го изгубиле најмилото, она што најмногу ни значело, тргнавме пешки низ калта кон дома. Тате ја впрегна Самовила, го врза Змејко назад за колата и се упати кон блискиот пат. Кога стигнавме, тој веќе беше распрегнал и го бришеше Змејко со волнена крпа, молејќи го како дете да не му се лути, зашто така морало да биде, така барал животот. Секој морал да работи, да се труди и создава за да може да опстане. Дождот се згусна, заврна уште посилно и дворот заличе на голема бара во која се креваа многу меури. Ја соблековме мократа и валкана облека, се измивме и влеговме дома да се стоплиме. Лути на средниот брат што не дојде да бере тутун, туку си остана да си дуфта во топлиот кревет, сестрите се загнаа да го разбудат и искарат. Само што стивна нивното тупотење, слушнавме писоци од ужас. Кога влеговме во собата, ги видовме како избезумени се обидуваат да го разбудат од сонот што не престанува никогаш. По миг-два настана гробна штама, само тате, свиткан вудве крај креветот, кркореше во бледото лице на средниот батко дека животот не бил детска игра. ДОЖД ОД САЧМИ – На мојата душа ни Господ не може да ѝ заповеда, брачед! – рика Кољка, ридот вие од одекот. – А ѓаволот, Кољка? А злото? – Моја мака, моја одлука, брачед! Заодени сме којзнае од кога, а муабетот крај нема. Околу нас остра светлина, срце преполовува, душа сече, мозоците ни се ежат. Земјата ни се лепи по чизмите, ни тежи, како да нè запира, воздухот ни ги суши усните и грлата, нè занемува. А ние сме занесени, незапирливи, несвои. – Се сеќаваш ли, Кољка за стрвниот волк што пред повеќе години колеше ситен добиток и раскина две жени и три деца? Нели сите ловци од Подгоријата го хајкаа со стотици пушки и пеколен џган кучиња, му правеа замки и местеа примки? Го мамеа со врзани јагниња и јариња, со топла овча крв и пресен телешки дроб, но не го намамија во клопка. Море му свиреа дури и со кавали и гајди како на кум. И којзнае колку ќе траеше неговата ужасна надмоќ, да не дојдеа двајца членови на Академијата на науките, од Одделението за фауна, и при полна месечина, на широка полјана, среде неми кории, не почнеа да вијат како многу болни волци. На седмата ноќ, ѕверот излезе од мракот на горите и полека, како маѓепсан, се добра до академиците, како до најблиски, сиреч при роднини. – Им седна речиси в скут, како дете! Тие го милуваа по вратот, по челото и муцката, му ги тегнеа ушите како на лош ученик! Кога го покрија со густа, нераскинлива мрежа, ти заплака, брачед! Ха! Ха! – Имаше во тоа нешто мачно и жално, Кољка! А тие му се смееја како на последен будала! – Море ‘ба му ѕверот крволочен! Нема милост! – Добриот ум треба да биде посилен од злосторничкиот! Луѓе сме, не ѕверови! – Не попуштам, брачед! Ни на смртта не ѝ веднам глава! За својата жртва јас решавам и јас одговарам! Јас и губам и добивам! – Кама и пушка куќа не градат, Кољка! Тоа што ништи на ништо име носи! – Своја сила своја глава чува, брачед! На моето чело мојата судбина се пишува! Кољка ја дига пушката кон сонцето како да му се заканува. Потоа ја гушка, ја мазни, дури ја бакнува во нишанот. Свети цевката, блеска кундакот, ременот е црвен како жила набрекната од луда крв. И воздухот се прелева, се згуснува, се разредува, нè голта како дух што владее со нашите животи и може да ни направи што сака. Газиме низ зрел бостан, се сопкаме од големи лубеници како легнати трудни жени. Лонките дошле дебели како јажиња, ни се плетат околу нозете, просто ни ги врзуваат. А над главите ни крескаат страчки, ни се потсмеваат. Врелината ни ги гори дробовите, ни венат градите и погледите, усните ни тлеат како подгорени рани. Кољка ја вади камата и распорува неколку од најбабаларките, в'ндалест маж што тешко ги подига. Пукаат и ропотат како да офкаат и кркорат, тече црвен сок, мириса зрел и благ живот. Зариваме муцки во пресните утроби и пиеме, брекнеме, забите лесно ни пропаѓаат во благото и нежно ткиво на срцевината. Мажеме од сласт и страст, џвакни, локни, грлата влечат крв. Пак блеска сечилото на камата, пукаат мевовите на лубениците, им се отвораат срцата и плодниците, смукаме ненаситно, како од бога казнети со жед што никогашне ќе можеме да ја згаснеме сосема. – Чиј е родот, Кољка? Свесен ли си? – Нивни, ‘ба им котилото сè до најстариот помен! И гробиштата треба да им се изорат! – Опасно е, Кољка! – Аха! И бебињата нивни имаат ѕвер во душата! Ама бате Коле леко коле! Се смее дури од газот и прска црвен сок од устата. А камата светни-згасни чини, рипа по лубениците и само им ги отвора срцата. Пушката му игра на рамото како жива рака, чиниш своја душа и свој ум има. (Ах бе Кољка, ах бе јагне сугаре, ах бе пиле шарено, ти ли си, не ли си!) Ритнува едно лубениче, го кине од лонката како од папочна врвца и, светло од црвен сок, му го подава на брачедот. – Џитни го накај сонцето! Брачедот го фрла лубеничето, Кољка молневито ја симнува пушката од рамото и стрела. Заслепени од сонцето, ништо не гледаме, а по лицата, згрчени од страотниот пукот, ни паѓа нежна, блага росичка. Се оближуваме занемени, ем восхитени, ем вџашени: потоа Кољка рика од смеење и му подава на брачедот зрела бадатка, како крупна моминска дојка. – Зашупи ја колку што можеш повисоко, спроти сонце! Брачедот ја зема бадатката, првин ја брише, ја мазни и милува како живо ткиво, потоа ја мириса и воздивнува. Кољка го боде со цевката и го тера да ја фрли, чиниш ќе му пука во дланките. На брачедот му се стегнуваат прстите, ноктите му се закопуваат во меката корка како во нежна кожа. Раката му стреперува од некакво студенило, го обзема страв од нешто многу болно што има страшно име. Го фрла бадатчето како да го фрла срцето на животот, јајцето на векот, семето на постоењето. Кус, морничав молк и – заглушувачки пукот: мазниот плод се претвора во блага росичка. – Магла! Магличка! Ништо! Рика Кољка кон небото и се смее; самиот, со левата рака, си потфрла уште едно динче, големо колку глава на дете. И пак пукот како летен гром и пак маглива роса што исчезнува во запалениот воздух. Во ништо. – Не им се давам, брачед! – Има сили на кои мораме да им се покоруваме, Кољка! Дури и да им се молиме за милост. И такви пред кои е залуден и бесмислен секој човечки напор! Излегуваме од бостанот и, преку стрништата и лозјата, фаќаме накај тумбите, во далечината како големи гробови. Кољка застанува на меѓата што го дели нашиот од нивниот имот, ја подига пушката и нанишанува право во небото, над главите. Грмнува истрел, а Кољка со раскинато смеење предупредува да си ги пикнеме главите во газовите. "Дожд од сачмии!" – Не можам да се испразнам, брачееед! Ни небото не ме собира, братчеее! – Сачмите се нашите солзи, братууу! И песната ни е плач! Смртта ни пее и нè лови! А ние? Тресеме клинци и голи јајца! – Знаеш ли каде одиш Кољка? – Ни пеат нашите мртви, братееец! А ние молчиме! По сртот на ридот, како сенка на платно, сиреч од лош сон, рипа црн коњ. Јавачот вреска и со куса пушка пука нагоре, небото го дели. Потем се слизнува зад билото, небаре не го ни било. И Кољка стрела во небото, ама да го распукне, да се распрсне како ситна срча, сол да стане, да се стопи, да го нема. и рикајќи со пцости до бога, почнува бесно да ја боде нивната почва со камата. Р'гни сечило, рикни беснило: фрли грутка, издиши црвен гнев. Сетна, зазбивтан и спотнат, си го вади чопот и обилно моча во дупките, во раните, во нивните нови гробишта. – Ајде да се вратиме дома, Кољка! Празник е! Да кркаме јагне печено! Да локаме вино црвено! – Јас не сум стрвниот волк, брачед! Ни пиење, ни виење не ме измамува! Ама злото жртва бара! Јас ќе му ја дадам! Белким ќе се насити со мене! – Сврти се назад, Кољка! Провери си ја посоката! Измери си го одот! Види си го животот! Дни волци не јадат! – На таа трпеза, како печено прасе, нема да ме принесеш, брачед! А вие обидете се да бидете луѓе со нив! И тие со вас! И зајде Кољка кон тумбите, меѓу црносани сончогледови, афионови и тутунови сачки; се изгуби во високи паламиди и прнари како во чад. Извирна дури на врвот од ридот, мал и црн, со кренати раце и пушка, како катранест инсект со раширени пипала. Го помоливме со лелеци сепак да се врати, но тој падна зад кривата црта меѓу земјат аи небото. Речиси истиот миг му грмна пушката, неговата силна пушка, како гром трештувач, убиец. Кога споулавени од најцрна јанѕа стигнавме до него, го најдовме без глава. Големото тело му лежеше во црвена роса, налик на пресен леб што ни го оставил цел живот да го јадеме и да не се наситиме. ДРУГО СРЦЕ Кој го измисли, кој го воспостави, слепати редот, да не е човек само човек, да не е душа само душа, да не е име само име. * ** Пладнето бавно се крева над полето и ридовите, небото брзо се усвитува и земјата почнува да се бранува. Врела солена пена кипи во здивот, се грчат градите, трпнат рацете и нозете, во окото сенки се преплетуваат како шарени змии, крај и доглед немаат. Прастари тополи и тронталести врби крај мртвак и смрдливо блато нурни се извирни прават. Отаде ѓинѓерлаци, слепи урви, садна распукани, крастосани и чиросани, грдо на грдо грдото, диво тревје недогледно, седа коса и вампирска козина. Погледот како натратена крв се заматува пред нозете, по носот и колената се истура, до засуканите пченки и спечените бостани не стигнува, убаво билје не допира, зеленото црно му се прикажува, белото гнило, ендеците и траповите – купишта пцовисани коњи и биволи. Трча Пирко кон Кукла да досегне убава судбина, раступканото срце ридовите ги подместува. И опасни и убави чинки му се чинат, му седи под грлото час леполико ангелче, час кривогазо ѓаволче, едното го сили, другото го плаши, првото го милува, другото вжештени дланки му става на мозокот, убавото верата му ја крева, грдото му се подбива. Му се мешаат и преплетуваат две души, два ума, две срца. Од една страна слуша глас да застане, да се испружи под црниците, да го издиши сиот густ оган од дробовите, да заспие. Дури и го проколнува да трати награда поврага, да ги олабави жилите и мускулите, дури не му пукнала жолчката и не му се стемнило да не му се провиди никогаш. Здивот чички и глогови му фаќа, грлото му го затнува, во градите полна аранија врела вода го попарува. И речиси паѓа со раце раширени како крилја искубани, со расчекнати вилици. А таму, напред, кон Кукла и ридовите и дрвјата се ничкосуваат и видикот опустува. Сал една осамена птица скрескува со гласот на мајка му, секливо и кобно, тажно и морничаво. Небаре од блесок пресечен, тој стигнува да се потпре на чатал што горел, да се исправи и соземе, да ги отвори попарените гради и да продолжи напред, како роб на закон во кој се стаила сета страшна ихтиза што раѓањето и умирањето човечко ги оправдува. Трча Пирко, а вжарени топки молневито му прелетуваат низ слепоочниците и со бучава исчезнуваат во една бескрајна темнина што сака да го голтне, што ни безброј сонца не можат да ја осветлат. И обневидува, ни дрво, ни камен, ни рид, ни урва гледа. Ниту поим има каде се другите тркачи, што како прежеднето стадо диви говеда потрчаа на сонце изгрева. Сал кривогазото ѕенѕа, ѕипа, се клешти и коњски ветрови пушта. И дали случајно, дали намерно, господ знае, почнува да се подбива, да го прави балама. Одголило едни криви заби, очите пепел му се наполниле, на сур ѓавол копиле, уште подбивањето му недостига. Пак здивот го затнува грлото, усвитени игли се забодуваат во ѕрцките. Пирко очајнички ги испружува рацете по кривогазото, на рамото да му се потпре, дури не се струполил и јагленосал во огништето на денот. Но ѓаволчето исчезнува, во зла чинка претворено. Миг потоа, од капините се исправа, крив задник му покажува и пак го нема. Се тетерави Пирко, де на левото, де на десното колено паѓа, не може да го најде, троа сила да си земе, како лек да го испие. И како ѓаволско егленџе му иде една убавина сиреч рајска, цветен двор, куќа од мед, се љубат китки и јагниња, отаде плетовите ниви и градини, пченица – млеко скипнато, пченки – небо зелено. Во високи обори, бикови црвени, цела земја да повлечат, реки берикет да потечат. А по патот, Ѕунето си иде од полето, на рамото шарена кошница полна зрели јагоди, небаре усните нејзини. Скришно призира, уште поскришно се усмивнува, копнеж ѝ грее на лицето, кон него ја влече срцето. И не може да одолее, застанува пред портата, му дава од јаготките, му ги милнува прстите. А бикот, големиот, силниот, неговата награда за победата во трката низ оганот на летото, рика љубовно, небото го бранува. Мине троа дамлата, Пирко здивнува и продолжува, млитав и тежок, валтилава почва, ципата под лажичката му се обесила како цедилка, дробовите му клумкаат како помија. Едни киселиништа над грлото се кренале, вријат како отрови, не може да ги изблуе, ниту да ги проголта. Нозете ораат по прашината, прстите удираат во камења и суви корења, се цеди крв од стапалата. Во далечината, кон Кукла, ама смртно далеку, небаре зад девети ридови, думка некаков слабодушен тапан и тирилитка грнета. Се разлева блажен звук на свеченост, природата ја облагнува, снагата ја освежува, рака, нога закрепнува, душа со кувет исполнува, слатка надеж плоди и разубавува. Таму мора да се стигне, и прв да се биде, победник со слава и награда, па дури и утре да се умре, пладне да не се дочека! Се стегнуваат, мускулите јкако тетиви се затегнуваат и Пирко речиси зарипува напред. Како старици зарастени во жолта коса крај патот се редат жални врби со сипаничави сенки. Низ валмите на врелината во носалките му се плиснува мирис на вода. Некаква се уште недоизморена крв, изврена од друго, тајно срце, му ги милува и пои жилите, ги полни со благ сок и нозете веќе згазнуваат во ептен плитки, смлачени барички. Заслепен, Пирко се фрла како ѕвер на пресна крв, ја зарива главата во мокар песок, нежен и топол како сутлијаш. Риејќи со лицето, тој залазува кон текот што мазно блеснува пред него. Го преградува со зазбивтаното тело, плеска со илјада раце, се превртува како ошумоглавено малаче и продолжува да лази. Водата му ја мие солта од кожата и душата, му ја плакне прашината од косата, му го раствора уморот во жилите и мускулите, му го бистри погледот. И додека така се преродува, како злоба на мигот, во очите му се блуфнува Тимко. Се нурнува во најдлабокиот бол, фркнува еднаш-двапати со сила на ждребец, се исплискува и лесен и блескав како слетан од небото потрчува по сенчестите лаки. Небаре од змија каснат, со мисла чие потекло не е од обичен ум и со сила од друго, посилно срце, Пирко се загнува по него како по најзло сениште што мора да се наттрча и победи. Падни-стани, залази, запатри, го настигнува отаде трапот и сенките, во тланикот на пекот, како кобен огнен лик. Бела кошула, бели чевли, бела кожа, снег над сина гора, ни од јад јаден, ни од грижа гризен, бело бокче на човечка среќа. Сиот од момински раце, грее од женски милувки, милодух за болест и завист создаден. А ништо не сторил, со ништо не го заслужил тоа уживање и богатство, се му е дадено како дар божји уште пред раѓање. Каде да се појави восхит и воздишки предизвикува, среќен си што те гледа, копнееш да те поздрави. Се тепаат кој да му биде поблиску, во занес паѓаат ако ги помилува, во мила вода се топат ако им се насмее. И надвор е од сите врелини и суши, од сите навреди и пцости, од сите груби и тажни слики на стварноста. Чинка ли е или јаве, ѓаволишта мамето мамино да му го јаваат, што ли јаде, што ли пие та не мора да се истизава, да сонува гадни очи по лицето и крастави жаби во срцето? И фифнува во Пирко едно болно сеќавање цело од јад и ихтиза, презир и понижување, жална судбина на малку вредно, печално човечко суштество, на доживотна виновност судено што воопшто е родено и постои меѓу такви како личен Тимко. Се намножиле биволите на Амановци, цело поле до ридовите со црна тежина го покриле. Сиот муви црносерки, нозете решето направени од трње и стрништа, тој седи на крива жална врба и пченките ги варди. Цуцето само среде пладнето, усмивнато како залис. Зрелите сончогледи ја демнат како бесрамни арамии на љубовта. Тој ја гледа како му се приближува без да го забележи, срцето му ѕипа во вжештена, сиреч усвитена тава. Но со секој нејзин чекор едновремено во душата му се разлева нешто благо и лековито и една многу нежна свилена шамија почнува да го лади и гали, некако скришно и незаслужено, сиреч погрешно, дури крадено. И чиниш се раскинало бескрајното платно на времето, престанале законите што го делат човештвото на грдо и убаво и на богато и сиромашно. Тој срипа од врбата, од жалната и застана пред Цуцето, небаре му чукнал оној пресуден час кога се победува најсуровиот страдеж и се освојува најзначајната награда. Но Цуцето не запре, дури не го ни виде: си продолжи занесено низ пладнето како низ сон во кој тој не постои. Нејзиниот поглед имаше некаква друга, тајна цел, занесот и извираше од виша душа која тој не можеше да ја досегне. Замижа пред биволите и по некој миг слушна скокотливо смеење во пченките. Притрча како запален и ги сретна двете запалени очи на Тимко, го жегнаа со закана и осуда што си дозволил макар за миг да ја заборави својата грда вистина. И којзнае како се насмеа од јад или само така му се стори и истиот миг го грабнаа две многу цврсти раце и почнаа да го удираат со печен дрен. Главата врги, плеќите гмуци, коските глогани му ги направија, да не може ниту да стои, ниту да седи, ниту да лежи, душата да му бега од телото како пиле од оган. Секој тогашен удар уште го боли, но не му зема, ами му дава сила и тој трча побрзо и побрзо, зашто така мора и не може повеќе никако поинаку. Мора да го истрча тој пат од биволите до гордоста и моќта, што толку врели лета се мачи да го мине. И стигнал само влакнестата Сутка да го стркала во шамаците, колку туѓо дете да му остави на прагот. Ни во војска не го земаат поради тесни гради, од печалба го вратија поради плачливо срце, си остана биволар со сета тежина на восочните ридови врз душата и разумот. Сегде и секогаш турнат и погазен, скраја и отповеќе, гнида во златната коса на животот. Тимко веќе го минува прегарот и ги фаќа лозјата под крот, каде реката има вода само кога времето полудува од пиење. И стига да се понакачи до чукарите и да ги мине чакалливите плошти и грбини – ете ти ја мерата на Кукла! А таму свирки и народ, бина од талпи и ќилими, се чека победникот, најсилниот, најиздржливиот, најгордиот. Пирко ги напрега жилите и тетивите, се отфрла од јадот и болот, се отима од бедата и тегмотата, Тимко да го престигне и да победи, на бината да застане, да се исправи со челото спроти сонцето! И Тимко трча, запнува од петни жили, насетил дрска сила што може да го посрами. Подвиткал плеќи, ги стега нозете, со рацете павта, да може би полетал. Пирко го настигнува, реата на испотеното тело му ја чувствува, смрди сиреч труе. Се напнува да го престигне, но Тимко му бега, чиниш ни срце, ни душа има, туку само црево што голта врел воздух и му ги движи нозете и рацете. И фучи нешто свирепо во таа шуплива става, враг на зла потреба да ранува и измачува. Има се што еден господ може да има, шарена куќа од три цркви поголема, и зелен двор, и широк имот што со најдолг човечки поглед се мери. И секаде, и секогаш го честат со почит и внимание што им се посветуваат само на цар и на владика. Има, а трча со скотско слепило и волчја стрв, му зинала ненаситност на демон, срцето си го кине. Зар за оној бик од петстотини килограми жива мера и за оние везени ризи и кошули? За оние парички, собрани во маслосана капа од сеирџиите, што спроти богатството што го има не се ни грст шупливи ореви? Мисли Пирко, жар му се тркала низ главата, крастави жапчиња голта и бога моли да не го измами маката по горда судбина. Миг-два трчаат рамо до рамо со Тимко, сами и изгубени во сјајот на пладнето. Камчињата го џишкаат, преку ридовите, во мазни слапови и со заглушувачка бучава, се прелева вжештен зејтин, подгорените крошни на спечените дрвја жожотат како лангиди. Другите тркачи ги нема, не се знае дали арнисале или напред избегале, дали балдисале та не дандисале. Пирко ги напнува градите, оган голта, пламен издишува, стомакот на рбетот му се пржи, му пука една усвитена алка на грцмакот, му го ослободува срцето Тимко душманот да го престигне, да го остави зад себе, по сенката да му кљанка како шунтаво кучиште. Како во сон со бескраен пожар, кога се спасува кутра душа во вивнато тело, се поднаведнува и го надминува колку за еден прст, па колку за една педа, па две стапала, половина чекор, чекор... Срцето расте, притиска под грлото, налега на ребрата, ги гмечи дробовите и ги дуе жилите, врело и тешко, се тепа како лудо, чиниш ќе се распукне од болната смисла на неугледноста и споредноста, на грдоста и безначајноста. А сака да се напои само со чиста сила во чесна слобода, со божја гордост, сигурност и самодоверба да се насити. Оденаш, како волшебна промена на стварноста, престанува сета пеколна жештина, го снемува Тимко и сиот простор сосе ридовите и небото, со спечените дрвца и јагленосаните тревки, до најситното камче и црвче. Пирко го обзема моќно чувство на големо пулсирање на среќна и потполна природа. И среде тој восхит, огледана во небото – Кукла: бел сокак, бела чешма, бела црква, крај бели куќи, во бели фустани, бели моми наредени! Убав, празничен свет, чиниш безброен, престанува да игра и пее, запира здив и трепет и го пречекува него – победникот! Тој ја крева десната рака и трча, толпата се дели како долга миризлива моминска коса и го прегрнува. Нозете му се толку лесни што не ја допираат земјата, трчањето станало лет. Под него шарени ќилими и свежи китки, црвени јаболка и бело грозје, лубеници и дињи како тумбогази невести, светот станал занес и восхит, животот слава и празник по кои срцето на човека од века пека. А тој – ангел и крал на уживањето и љубовта, на почитта и достоинството, совршен и потполн, вличенствен! Отаде бината и толпата, како сараџаливи јунчиња, чемреат мажленца со спајнати гради и обесени носови; тие што го викаа влечко и баба, дунда на крастава жаба. Не издржале, се предале, на колена и понос паднале, јад и беда невидена. Ги собира во тесен поглед, истура врз нив гордост, што не е ни одмазда, ни казна, туку чист возлет над болот и немоќта, над понижувачката смисла на бедата што откако знае за себе му ги залева со врел катран и срцето и умот. Се отвораат во него едни мали души, број им нема, со весели и усмивнати очички и устички, уживаат во едно многу благо млеко. И чувствува тој како му здравеат клетките, распукани и подгорени од жед по напивка што вознесува. Сликите од претходниот живот не можат да му се обноват дури ни во најсилното сеќавање. Се што се гледа е занесно, се што се слуша е небесно, во секоја мисла возвишена смисла! И токму во најсвечениот миг, кога веќе му се чинеше дека е недостижен и недофатлив за секое зло од човек и за сета земна беда, некој го бувна со тупаница во тилот и му ги препна двете нозе. Се ничкоса Пирко поносечки, драка му го раскина лицето, жешка праст му ги ослепе очите и се му зацрни: и душа, и срце, и ум, и занес, и стварност, и сон, и минато и идно време. Нозете болно му се згрчија, колената во брадата му удрија, од лицето и излупените гради му швирна тенка врела крв. Како да испушта душа во нигдина, стрепери во врела болка и потемне, ситеч гламноса. И се што стигна да види со некои други очи, беше една многу далечна искра, чија слаба светлинка личеше на сечило на нож. Уплашен дека ќе ја изгуби победата, Пирко стегна срце, излезе од дамлата и низ заматениот поглед потрча кон Кукла. Удираше со нозете во луто камење, му се забодуваа глогови во коските, но немаше бол. Воздухот беше густ и солен од бела пепел и сиот огнени облаци со виолетови рабови му го заслепуваше видикот. Една ниска патека меѓу високи трапови што го делеа пределот на две рамништа различни по височина, просто го голтна. А во неа, како во смрдливо црево, здогледа разнишана, зашатреана сенка. Сиот жешки плисоци крв во очите, тој се загна со волшебна сила накај таа чинка или човек, забрза и го стигна Тимко. Кога се израмни со него, Пирко слушна глас и сети поглед на јадигар. – Застани или ќе ти ги искршам нозете! Пирко одрипна напред и како суштество од друг свет што не ги признава законите на земниот и има неисцрпна сила го забрза трчањето. Го стигнаа само пцости и камења. Еден помал го погоди во плеќите, друг поголем му прелета покрај главата. Тој се наведна, уште посилно потрча и се искачи на височинка до која и гласот на Тимко, граздав и гаден, одвај стигаше. – Запри, оти ќе те убијам, куче краставо! Не свртувајќи се, Пирко одмавна со раката, насмеан под струпките од засирената крв и солена прашина. И речиси првна, со сила која се повеќе му надоаѓаше, незнајно од каде и како. – Сопри се бе, говедо! Да се разбереме! Во гласот на Тимко катран и помија, очај и немоќ како смрт. Пониженост што боли, што личи на пораз, му го полни грлото со плачлив трепет. – Те молам! Пирко пак се свртува, дури подзастанува, подзинат и поилен, не може да поверува дали навистина ги слушнал тие зборови од таа уста. Тимко уште и мавта со раката, се колни. – Ќе ти ги дадам лаките под коријата! – Не – подрипнува Пирко како елен. – И белиот ждребец! – Не сакам – плукнува горчлива плесна. – Размисли бе, истресок копилешки! – Нејќам – дофрла преку рамо, не погледнувајќи го. – И грст златници! – Ами како! – И стелна крава! – Не-ее-ее-еј! Зее Тимчето, кленчето, галенчето, цело наследство би дал само да победи, прв да биде. Лицето му подгорело како болен сончогледов лист, очите му се иситниле како граор, брадата му дошла шилеста како на стаорец. Пирко застанува, го гледа зазбивтан, зачуден дури и магепсан, никогаш не го видел да гега, ниту го чул да моли. Тимко му приоѓа лазејќи, очите му играат со кучешки блесоци. – Пирче, прости ми што те навредив... Небаре поскок му скокнал во срцето, Пирко потрчува кон едни ќелави тумби, зад кои, како избледени зелени знамиња, во запалениот воздух трепереа многу вити трепетлики. Местото изгледаше како проколнато да нема ни живинче, ни бубаче, сето во тишина што стигаше до дното на земјата. Како измислено за злосторства и зли тајни, го подгони сура помисла и се обиде да потрча уште побрзо, да побегне од чинката, да излезе од местото. И во истиот момент, небаре во смртни маки, Тимко се испружи врз најкраставата тумбарка, чудно налик на каменен гроб. – Пирчееее... Широка слика на умирачки, како гасење на безброј запалени кибритчиња, му го зеде умот на Пирко. Како во вајкано огледало, тој ја виде крајната беда на човечките подвизи и порази што го создава конечниот бол. Тимко кркореше и збивташе, превтувајќи ги очите и гребејќи го со ноктите сувиот лишај на камената грпка. Го довикуваше толку мачно, молежливо и снисходливо, небаре моли божество да му врати троа душа. Таков, немоќен и клет, му стана некако мил и драгоцен, близок и неопходен, божем секогаш и сегде само арнини му правел. Го обли едно многу врело сочуствие со солзи, зашто неволници не можеше да пизми и навредува, уште помалку да ги ранува и понижува. Речиси расплакан, со сликата на умирањето во умот и очите, се стрча назад да го крева и избавува. Задишан од возбуда и напор, се свитка да го гушне и поткрепи, но уште, недонаведнат самиот крикна. Една многу црвена топка од темни вишини го тресна по тилот и го собори. Паднат врз карпата, уште една, од усвитеното срце на земјата, го удри меѓу нозете. – Пичлеме гнасно – плукна Тимко врз него и го фрли каменот од десната рака. – Ти ли бе, красто крастосана, со мене ќе се подигруваш? – му р’жна и го клоцна по муцката. Со напор што има лут корен во јадрото на гордоста и честа и се храни од најцрниот јад на измамената и ранета душа, Пирко несетно ја извлече цреновата сојка од учкурот и замавна со раката од некоја друга стварност, од чија магла и сенишност, одвај успеа да ги види контурите на Тимко. Еден чудесен блесок на вратот речиси се спои со блесокот на острицата на сојката. Од првиот бодеж, Тимко писна како дете, од вториот рикна како маж, од третиот кркна како старец на умирачка. Четвртиот беше со завртување, пукна дебелата жила, бликна најсилната крв, го исплиска каменот. Сето тоа траеше миг или два и беше сосем нестварно и неверојатно, како во болна свест и уплашена душа. И влечењето на млитавото тешко тело по траповите, раскопувањето на сувиот остар песок и затрупувањето не личеше на стварност. Дури откако долу, кај првите прнари крај реката, се зададоа уште двајца преморени тркачи, Пирко се врати стварноста и една ужасна вистина не можеше да се порекне, ниту на кој и да е начин да се измени. Не свртувајќи се да провери дали песокот е добро зарамнет и дали крвта на каменот светка како живо око, Пирко јурна кон Кукла, кон единствената своја цел што го менуваше светот и го оправдуваше сиот труд и чемер и најморничавото наметнато злосторство. Не беше природна силата што му ги движеше нозете и рацете, што го полнеше срцето со бликови возбудена крв. И немаше во него, тие мигови, ни едно друго чувство, освен стравот дека сè ќе згасне, ќе се исуши како лепешка на припек и ниту за мува ќе нема смисла. Мошне брзо му се создаде една чудна сенка зад умот и речиси со некој нов чекор се претвораше во лик што се мачи, го презира и му одредува најстрашна казна. Како сениште што се устремило кон плен што мора да го улови, едновремено бегајќи од најсвирепата лишка, тој речиси почна да лета. Времето се скуси, небото се смали, животот стана молња. Којзнае дали поради својата натприродност или затоа што стварноста се беше преметнала во чинка, Пирко не виде жив човек. Ги мина трепетликите, стигна до училиштето, потоа до средсело, ни свечено, ни смрачено лице не сретна. Само под тремовите на куќите, нурнати во свенато зеленило, се слушаа песни како плачење. Дури кај чешмата забележа голема група млад свет, разгалени девојки и разгаштени момчиња што се прскаа со студена вода и подвреснуваа. Безгрижни и заиграни, како во длабок занес, не го ни погледнаа. Недалеку од нив, пред влезот во дворот на црквата, како остатоци од некаква градба по пожар, здогледа мала бина, на која немаше шарени ќилими. По нечистите штици се гледаше расфрлано и веќе увенато и исушено полско цвеќе. Сонцето истураше усвитен воздух како да сака пред зајдување да ги изгори и стопи сите белези на она што тој ден овде се случило и завршило. Пирко дојде до оградата и како човек погоден со куршум во челото, пред да падне се фати и се налакти. Си ја стегна главата со рацете и преморениот поглед му се огади од многу расфрлани непотребности, како што бидува по секој свечен собир, прослава или натпревар. Токму во средината на мерата, крај кал од засирена и подзасушена крв – се уште незгаснато големо огниште! Победникот немал трпение и на самото место го заклал бикот добиен како награда за победата, го печел, самиот јадел и раздавал. Пирко дури ги виде силниот црвен врат избоден со нож и зинатиот грцмак за уште живот и љубовно рикање. Некаква многу алова магла му ги исполни очите и во неа, наеднаш и сосема, исчезна највозвишената цел што такви како него не можат да ја постигнат дури и кога би имале сто човечки животи. ПИСОК ВО ПЕСОК О колку верував во блажената иднина по градушката од куршуми, вулканот од бомби, ужасот од бедата на духот и плотта! Над главата ми прелетуваат гранати и наеднаш превртуваат цела дабова корија. Рипаат стебла како сеништа, се тркалаат камења, мајчица земја пука. Потаму, заглушувачки тресок разнеснува прнаресто ритче, врне песок и смрди изгорено месо и корење. А низ чадот се креваат чудесно цврсти човечки тела и прска црвена роса. Душата трепери, главата ме стега, стравот ме прашува што ќе биде наредниот миг: трепет или мир? Низ тесен прокоп, меѓу урнати стебла и скршени спили, се влече Медов, одвај протнувајќи ги широките рамења и колкови низ разголени и искинати корења. По себе, врзано за шијата како животинка, води нешто налик на момче, целото красти од кои солзи темна крв. – Голчо, се повлекуваме! Овој да ми го доведеш на Чука жив и здрав! Си го пика главучот меѓу искинатите жили да не му го смелат шрапнели и исчезнува низ прокопот налик на голем, валкан пајак. Градите ми се полнат со мраз. Командантот Медов има моќ да замрзнува со поглед и да стрела меѓу очите. Кај токму мене ме најде во овој пекол! Момчето ме погледнува низ црвената кал и збивта од многу силен немир, обидувајќи се со вкрвавени заби да го прегризе јажето во зглобовите на рацете. Очите му растат како габи, си ги струга црвените красти, нема длабоки рани, ќе остане живо и здраво. Иако натечено, открива детински убаво лице, а под искинатата облека и садната му се насетува складно градено тело. А мене ми иде да го ритнам по муцката, суратот да му го смачкам; ми трпнат рацете од гнев, згорчувам од омраза, но не можам да замавнам. При самата помисла ме топи со многу благ поглед, влегува во мене како нова душа, каква што би сакал да имам. Подмолен истрел погодува фиданка, откинува парче сосе корка и раната личи на подзината мртва уста. Му бувнувам клоца на врзаниот во задникот, го ничкосувам пред себе, ме влече низ прокопот. Левиот колк ми трпне, ми се полни со песок и крцка, мозокот ми го гризе. Клетникот лази и само врти глава, сака да ми каже нешто, да ми пренесе од својата мака. Го буфтам во слабините, го полнам со страв, да се витосаме од ужасот додека уште можеме, ако воопшто можеме. Семки на смртта летаат на сите страни, бараат жива топлина да никнат во вечен мрак. Камо да си го закопам задникот во земја и да молчам како крастава жаба дури не помине оганот. Да бидам глушец во лисје, црв во стебло, полжав во грмушка, гуштер под камен... Но што да правам со оваа жива букагија околу душата? Еве ме мртов во прнари, а Медов ме плука со презир како да згазнал измет! О бедо човечка! Илјада громови одеднаш ја разоруваат целата планина, се нафрлаат врз нас камења и дрвја, нè закопуваат. Одвај се отпретувам, врзаниот го тегне јажето, мислам сака да се откине и да побегне. Притиснат под еден голем корен, се мачи да се извлече и само рие со главата, пепел и жили јаде, кал плука. Го влечам за нозете, му смрдат на умрено, се лизга како збувната разлигавена рана. Ој несреќо од неум, од болест на телото и душата! Од дупките и камењата извирнуваат три сенки, трепкаат и душкаат како видри. Пушките им се вовреле во ребрата, се нишаат морничаво. Прстот ми се вкочанува врз петлето на пиштолот, дланката ми мрзне врз камата. И само што срцето сака да ми капне, издишувам облак: тројката на шкрипецот! Момчето стенка, се тресе и колне живот и мајка, ден и ноќ, сонце и месечина. – Море дупни му ја црпката дури не ја издупчиле твојата! Последен си! Исчезнуваат меѓу ќорави камења со шилци како озабени челусти. Небаре ги согоруваат громови од некој друг свет, дојден во овој со сеништа. Ни самиот веќе не си го слушам гласот, а врзаниот веќе се отпретал и легнат збивта, отворајќи и затворајќи уста како да кажува нешто. Посакувам да престане пукотницата за да слушнам што вели, да разберам душа човечка. И во мигот си ја гризнувам помислата: се грижам за некого кој, во слична ситуација, би ми ја шмркнал крвта без размислување! О душо наивна! О злодобнице! – Ослободи ме... Ти си добар и умен човек... Подобро двајца живи пријатели... – кркори во експлозиите. – Колку наши имаш искркано? – Ниеден... Бегав од смртта... – Си играше мижитатара! Онака: та – та – та – ра! – Невин сум... – Командантот ќе реши! Негов си! Го буткам со кундакот и голтам рапаво чудење, зашто кога јас мавам со кундак, ја рамо, ја вилица лета. Истиот миг, речиси на чекор од нас, се крева земја како сто мечки разрикани. Небаре во сон, врзаниот се фрла врз мене и ме притиска со цврстото, јазлесто тело. Се напнувам да го отфрлам, не се помрднува, се впива како сраснат, просто влегува во мене. Напрегнат, офка длабоко и блуе нешто врело, се мачи со врзани раце да подмести нешто тешко, да направи нешто неможно. Напнувам и јас со сите сили, поземаме како едно тело и по неколку црни фаши болка товарот некако се излизгува од нас. Се кршат гранки, ропоти здраво дрво, се гмечи лисје, се стркалуваат камења како прострелани птици. Се погледнуваме крај оттурнатото стебло и се поднасмевнуваме како збунети и срамежливи деца. Тој ги подига врзаните раце над себе, како да се заблагодарува, а мене ми бега насмевката од лицето. Сè поблиску и сè побесно лаат растрчани пушки, се довикуваат аждерите на злото. – Нашите стигнаа!... Одврзи ме!... ќе те спасам!... ќе бидеме од браќа повеќе!... Ме гледа право во очите, елбете во срцето и во умот ми гледа. Сета сила што ја имам, сета вера што ме исполнува, сета свест што ме држи над пропаста на безумноста и нечовечноста, ми бега во морава, сенишна неизвесност. Не знам на што стојам, што ме држи и води, што ме управува кон спасот и чесноста, кон вистинската насока на сигурноста меѓу вредното и безвредното, трајното и мигновеното.Мислата, ако е мисла, ми лета збркано меѓу облаци недоумица, извирнува од маглата и пак гине, не оставајќи ми знак, посока и трага. Очите ми се полнат со сеништа, не знам кои се добри а кои лоши, што е лик на добрината, што на злото. Се свртува некоја празнина околу мене и ги голта сите познати нешта на мојот живот, според кои имал име и време, место и белег, минато и иднина, извор и матица, корен и крошна, темел и покрив, огниште и оџак, земја и небо. Треперам над тој пуст вртоп и сакам да се фатам за нешто цврсто што ќе ме крепи, што нема да даде да паднам и исчезнам. Во тој обид се мешаат извесното и измисленото и недоумицата станува уште подлабока. Влегуваат во мене зборовите на врзаниот, се собираат право зад стегнатото чело и копаат, сакаат да се вгнездат како птици и да ги снесат своите јајца, да го запатат својот пород. Почнува да боли некако темно и во тоа темнило да се преметка сè она што сум бил, што сум и што сакам да бидам, ако смогнам сили, ум и здравје, со божја помош и мила судбина. О болни искушенија на свидното и привидното, на сласното и опасното! О, Голчо! Голчоооо! Голчооооооо! Не! Морам да го одведам на Чука! Не знам за што точно му треба на Медов; можеби ќе го испрашува за силата, плановите и положбата на нашиот непријател; можеби од тоа ќе зависи исходот на нашава борба, по која, ако не победиме, ќе нè нема! Можеби! Можеби! Можеби! Безброј можеби! Зар е можно, пресудното за нашата судбина да е во можеби! Се тетеравам за миг, ме вее силен ветер на неизвесноста од сите страни, од сето време и тоа е пострашно од војната и умирањето. И – бегам! Го бутам пред себе несреќникот, продолжуваме како кртови низ земјата, додека смртта нè бара како сеништа на небото. Еве нè, одненадеж, во зловесна тишина, ни ги пие здивовите, срцата ни ги слуша. Божја ли волја ги смири стрвовите на трагачите и гоначите на смртта, се насити ли злото та легна во долна земја? Го туркам врзаниот низ прнари и папрат, го удирам лесно по тилот да се ведне и веќе ја фаќаме спротивната падина, чинам добрата страна на светот. шумата овде е маѓепсана со густа сенка, почвата е мека, не шушка ни лист, ни тревка. Душата ми се отвора кон мазните стебла на буките налик на голи жени, со високи крошни како коси. Ме обзема благ трепет, можеби на љубовта што се криела од стравот како да ја нема. И вишините, и тишините, и раните по телото, и копнежот по нешто возвишено што го има само спасот од смртта, избавот од крајното зло, од најтемниот страдеж – сè е нежно, пливнато во занес, залисано. И валканото јаже на рацете на заробеникот наеднаш станува непотребно, а сепак не се решавам да го пресечам и фрлам. Нека чека до Чука. Колку повеќе се искачуваме низ сенката, толку тишината станува попространа, небаре немало, нема и воопшто не е можно пукање меѓу луѓе, истрели во живо човечко срце и трепетна душа. А над нас, како небесна насмевка на планината, чиниш круна на најубавата смисла на добриот човечки напор, сета во свечена невиност, грее Чука. Врзаниот почнува да пее многу бавна, лелеава и жална песна. Довикува мајка и татко, брат и сестра, коњ и крава, куче и маче. Им кажува дека е заробен, дека слепа судбина го води во морава неизвесност. И ги моли птиците да му го однесат гласот до најмилите, да му ги опеат маките, сите ангели да се помолат за душата негова. И сонцето го преколнува ликот да му го однесе во дланките на љубовта, во пазувите на мајката, во прегратките на таткото. И шумата ја заветува последното минување да му го памти и секоја пролет да го кажува кога низ неа невина душа човечка ќе чекори. И лелекајќи ми ги подава рацете, молејќи ме да му ги исечам, само да го ослободам. Чинам гората лелека, му ја полнам устата со мов и го туркам пред себе. Ако мораше до тука, ќе мораш до Чука! Бавно се качуваме кон светлиот врв, денот слабее, се матат височините, се гаси небото. Кога стигнавме, спилите веќе беа гламјосани, дрвјата под нас исчадени и спепелавени. Дишевме со многу тесни гради, како штотуку избавени давеници. Небаре ноќно сениште, Медов истрча од една тесна пештера и се фрли врз врзаното момче, просто го внесе во своето огромно и чудно страшно тело. Под разбушавената коса, очите му гореа од сè уште незгаснатиот сјај на залезот во далечините. Избиваше од него дива возбуда, нешто како жед, нешто како пожар, нешто како лудило од бурна страст. Не свртувајќи се кон мене, ми подаде спотната дланка и нагло го повлече врзаниот, тегнејќи го јажето до корнење на рацете. Момчето изофка и со болно зафрлена глава ме погледна како да бара помош за спас од најтешко зло. Лицето му беше потемнето и наликуваше на мала црна дупка во последната белина на небото. Само што исчезнаа во пештерата, на челото ми кацна ѕвезда Вечерница, ѕвездата на надежта. Можев да летам во чистиот вечерен воздух, да ја пијам блажината на свежиот воздух со чувство на среќа што ни ја дава Господ Бог како награда за доследна верност. Во детинскиот занес што блажено ми надоаѓаше низ топлите жили, чинев дека повеќе не ќе е можно ниедно зло. И со големата и сјајна ѕвезда во очите почнав да лебдам со небесно уживање. Но истиот миг, како преплашени лилјаци, од пештерата излетаа морничави офкања, со пригушено молење за помош. Ме прострела невидливата молња на јанѕата, ми се заби во градите, ми го искина и спржи телото и ми се собра во главата. Пламнат, јурнав кон пештерата и со светлината на јадот што ме претвораше во болна сенка го видов заробеното момче. Со разголен задник, свиткано вудве, тоа збивташе мачно во мечешкиот скут на запенетиот и набрекнат Медов. Од некоја несетена длабочина ми одекна писок, но не излезе од тишината на трештеното тело, туку се претвори во песок и почна да се рони. Времето на тој часовник не дотечува, иако неуморно верувам дека не постои. Измислената душа е секогаш неспоредливо поубава од вистинската. МАГИИ НА НУЖНОСТА Густата пукотница, заглушувана од повремени страотни експлозии што ја потресуваа зградата од темели и ги кршеа стаклата, наближуваше брзо откај темните ридови. Надежда се колебаше дали да си остане дома, во единствениот свој дел од светот или да побегне како другите, кои ги оставаа своите домови како мртви тела. Но по една граната, од која зградата проропоте и изофка како ранета жена, таа се вџаши и почна трескавично да ги собира најнеопходните нешта во една мала патна торба. Кога ги фати писмата од својот маж, наеднаш сети силна, омајлива возбуда, со топлина што имаше во себе многу нежна убавина и некаква речиси натстварна сигурност, волшебна надмоќ над опасноста. Ја понесе тоа чувство и почна да ги отвора едно по едно, да ги гледа и мириса, притискајќи ги на образите и градите како да ја прима од нив најубавата смисла на својот живот под сонцето, онаа што ништо не може да ја нагрди, намали, ниту уништи. Не одолеа некои да препрочита, особено последните што тој ѝ ги беше испратил по доверливи луѓе пред половина година некаде од планините каде го беше одвеала борбата. Трепереше како од живи, многу мили и значајни допири, небаре ги чувствуваше зборовите како бакнежи по усните, лицето, вратот, градите и особено околу папокот. Не ја забележуваше опасноста и не ги слушаше експлозиите веќе крај самите ѕидови како илјадници громови одеднаш. Беше влезена во писмата, сиреч во магичен свет, во кој, како вечно сведоштво, вистина и закон, беше запишана најчистата љубов, онаа што го раѓа доброто во душата на човекот и овозможува живот со највисока смисла. Дури ни фактот што по повеќе години брак немаа дете, не ја нарушуваше таа совршено складна и чиста љубов што ги креваше над сите искушенија и беди. Но по една експлозија, од која се урна дел од зградата и небаре исчезна светот, таа исписка како да се буди од страшен сон, ги сокри писмата во пазувите, ја грабна торбата и потрча кон излезот. На самиот праг, се сврте назад, како да сака да го понесе во себе својот простор на доброто и удри силно со главата во нешто тврдо и студено. Во вратата, исполнувајќи ја цела, стоеше поднаведнато страшило од човек, со темно, нечисто и во влакна зарастено лице, со чудно оружје во огромните рачишта. И летна кус и тенок крик, како повик до саканиот маж во молкот на далечната неизвесност и до добрата вечна сила во бескрајот на нечујноста. Мигновено сети крв врз расеченото чело и падна врз ќилимот како врз сува трева. Кога ги отвори очите, како да се буди од длабок сосема празен сон, го виде влакнестото чудовиште врз себе, со главиштето врз резбаните ангелчиња на оградата на креветот. Беше разголена, со искината облека и наеднаш сета во остри болки што ја засечуваа до некоја свест и душа за кои ѝ се стори дека не се нејзини. Се стресе од таа морава бесмисленост и се напрегна да се ослободи од тешкото. одвратно тело што ја гушеше. Човечиштето стана, си ја потспастри облеката, се закопча и побрза кон излезот. За миг, отклучувајќи ја вратата, ја погледа со многу нежни, детински светли очи, како да ѝ порачува нешто пресудно значајно, многу над она што ѝ го сторил. Таа заплака нечујно и низ лепливите солзи виде како тој, изобличен до ужас, се обидува да ѝ се насмевне човечки пред да затрча по скалите удолу. Речиси истиот миг се слушна истрел и во станот втрча нејзиниот девер. Ја призре немо, замижа со црн грч, се сврте на другата страна и, давајќи ѝ знак со раката да побрза по него, излезе. Надежда беше како прекршена змија, со некакви клинови во слабините, сечила во утробата и претчувство на долготрајно зло во душата. Се исправи со мака, се затетерави и, воспоставувајќи доволно цврстина во телото, се обѕре како да се бара самата себеси. Ја стрелна чувство дека веќе не му припаѓа сосема на ниеден дел од светот и дека за неа почнуваат да важат посебни закони на животот. Сети дека рее меѓу надежта за доброто и сенката на злото, со морава опасност да падне во доживотен страдеж, среде опасниот вртоп на вечно непомирливите спротивности. Писмата беа расфрлани по постелата и подот, збрчкани и извалкани, сиреч ја изгубиле својата најчиста смисла. Сета растреперена, како на ветер од бескрајноста што ѝ се закануваше да ја однесе во нигдина, одвај собра доволно сила да ги собере писмата и да застане спроти една силна закана на опасности што ја очекуваа по секој нареден здив среде метежната и превртена стварност. Се преслече како со други раце ги смести писмата во торбата и тргна кон зјапнатата врата како празна, занемена уста на човек што умрел во ужасни маки. На ска-лите веќе гореше оган и бликаше многу црн и смрдлив чад. Гушејќи се и кашлајќи, заслегува како во бездна и кога стигна кај скршената врата на влезот во зградата го виде човечиштето прекршено преку оградата. Застана како поилена и почна да се тресе, подавајќи рака да го допре, небаре сака да го утеши и да му прости. Во истиот момент, силните раце на деверот ја зграпчија за мишките и ја извлекоа од зградата. Згрчена и немоќна, непобитно сфати дека завршил еден нејзин живот и дека почнува нов, полн со зловесни искушенија, што треба да го дандиса и пак да заживее со најубавата смисла. Зад аголот, наспроти пламнати куќи, ја пробија острите, болно стегнати очи на најблискиот во драмата, братот на љубениот маж, во кои виде заповед да се покори на околностите и судот за она што се случило да го остави за подоцна, за мирното време и средениот живот. Пред тој налог, таа само ја наведна главата, како да се загледува во себе и се обидува да согледа што поцврста основа наспроти неизвесноста кон која чекореше, туркана од чудовишната сила на опасните околности пред кои беше сосема немоќна. Денот беше нежен како голема невина душа, со благо сјаење на утешна и надежна вечност. Пукотницата почна да се оддалечува, а силните експлозии престанаа, небаре злото беше заситено и се повлекуваше. Чадот што се креваше од зградите, го исполни небото со тешко црнило. Низ злокобна сенка, стигнаа кај непознати пријатели на мажот ѝ во еден зафрлен дел на градот. Куќата беше мала, среде широк двор, зарастен во густо тревје, над кое, како давеници што бараат помош, се креваа грди овошки. Деверот ја воведе во темна подрумска соба и исчезна веднаш, не удостојувајќи ја ни со поздрав, небаре за него таа веќе не постоеше. Се почувствува осудена на страдање од кое можеше да ја спаси само нејзиниот љубен маж. Свиткана вудве на еден железен кревет, почна да се оплакува себеси, поради судбината на страдалница без вина и грев. Од неа истечуваше нешто како густа пена од јад и болка што несетно се собирала под убавите чувства и сјајот на добрата смисла и го чекала мигот на првиот силен удар на злото за да се излее. Надежда не знаеше дали е тоа знак на некое ослободување и оздравување од подмолна болест или нова, поопасна и потешка болка. Плачеше со некој многу тенок глас на беспомошно дете и дури доцна во ноќта го сети измачениот но упорен поглед на надежта кон едно убаво време за кое, дури во самата зора ѝ се стори дека ќе мора да дојде. Така се заредија денови и ноќи на немирна осаменост, со напори на умот и душата да се најде сигурен начин за надминување на таа ситуација и ново осмислување на животот. Усилбите ѝ гинеа во некој несфатлив бескрај од немоќ, несигурност и страв и брзо паѓаше во чемер, беда на духот и јад, завршувајќи со уште посилно и поболно плачење. Кратките излегувања од тој маѓепсан обрач на немоќта и тагата, до најблиската продавница по леб и други неопходности, само ѝ го потсилуваа немирот и ѝ ја продлабочуваа осамата и беспомошноста. Откако ќе се исплачеше, како по милост на сила што не дозволува светот и животот да останат без убава смисла, ја обземаше трепетна надеж за доброто што не престанува без оглед колку тешки и неповолни се околностите. Со таков поттик, штом ќе осамнеше, Надежда излегуваше во дворот и се обидуваше да исчисти малку од бурјанот, барем околу корењата на овошките, да земат повеќе сила во блиската пролет. Домаќините ја набљудуваа скриени зад завесите, ги избегнуваа сите средби со неа, ниту збор не ѝ прозбореа, небаре чекаа да оздрави од некаква силна и опасна болест и да се соочи со новите барања на животот надвор и далеку од нивниот двор. По некое време, што ѝ мина некако подмолно меѓу надежта и неизвесноста, таа забележа дека ѝ изостана редовната месечна промена. Помисли дека е тоа последица од силните стресови и искушенија, но едновремено сети и многу блага топлина под стомакот. Ја обзеде милина од неискажливо сладок, омајлив напир на штотуку зачнат нов живот и почна да се радува на неговите трепети, не обидувајќи се да утврди дали е вистински или привиден. Како во најубава магија, прв пат се почувствува исполнета до некоја занесна целосност. Беше тоа возвишена смисла што совршено ѝ ги задоволуваше и умот, и душата, и телото, правејќи ја надмоќна и значајна, наеднаш чудесно и пресудно споена со животворните сили на вечното постоење. Во тој занес не го забележа пристигнувањето на пролетта, разлистувањето и цутењето на овошките. Не го сети ни благиот и топол шум на галежниот јужен ветер што го буди новиот животен дух во природата, како да ја љуби и оплодува. Радувајќи му се на прекрасното растење во себе, еден ден виде два штрка во големо црно гнездо на покривот од соседната стара куќа. Околу нив леташе мноштво весели ластовички, носени од некоја неизмерна среќа, небаре по многу време најпосле успеале да го најдат најсуштественото за себе под овој дел од небото. Со првите зраци на сонцето, едно чисто утро, како намамен од најубавата смисла, љубениот ѝ маж стигна од неизвесноста и чукна таинствено на прозорчето над нејзината глава. Таа штрепна, се вгледа во сенката врз стаклото и помисли дека можеби сонува. Кога го чу неговиот глас, стана брзо, се наметна, излезе несигурно и застана како вкочанета. Мажот ѝ, во искината и нечиста облека, со некое чудно оружје во рацете, сиот темен и обраснат со црна, маслосана длака, првин ја одмери со погледот, како да испитува нешто многу сомнително, потем ги испружи рацете како да сака да провери некоја скриена опасност и со тешка создржаност, по длабоки издишки, ѝ пријде да ја гушне. Таа се збрка, се уплаши тој со оружјето да не ѝ го повреди животот под срцето и лесно, инстинктивно го оттурна. – Не си сама? – отстапи тој и покажа пожолтени, проретчени и болно стегнати заби. – Не сум – прошепоти таа и се созеде, очекувајќи целосно разбирање од човекот со кого ја спојуваше висока љубов и непоматена добрина. – Ослободи се од бремето! Уште денес! – искркоре тој со глас што личеше на кршење стебло. Таа се стресе од некое мораво студенило што нагло ѝ ја стегна душата, ѝ стигна дури до плодот под срцето и за малку ќе ја собореше пред нечистите и искривени чизми на мажот ѝ.. Како кама од мраз ја удри суровоста на неговата исклучителност, бездушноста во неговото однапред поставено барање. Зборовите беа кажани уште пред да ја види, таа пресуда беше донесена многу порано и тој само ја изговори. Не дозволи никакво објаснување, ни друго чувство и размисла, не ѝ даде макар и мала можност на добрата и убава смисла. Поради која опасност, зла сила и нужност, каква закана на страдеж и мака? Ја закамшикува мисла дека нејзиниот љубен, ангелот на добрината и нежноста, на совршеното разбирање на душата, пропатил најтешки и најгрозни маки и се променил до безобѕирност на злосторник. Му се втири во очите, во надежен обид да види дали под остриот, секлив сјај има нешто од благородната душа, полна најубава човечка смисла, добрина и разбирање. Беше мораво зад тие некогаш небесни очи, од кои избиваше еднонасочна волја што не поднесува спротивставување и свест што ги дели стварноста и животот на непомирливи спротивности, налагајќи безусловно определување. И се згрчи од зловесен студ што ѝ стигна до самиот зачеток на новиот живот во матката. Во тој грч се здроби нешто многу нежно и болно и таа заплака, облеана од некои солзи што ѝ се излеваа во душата, свеста и срцето. По миг-два се ослободи од опасното стегање и ја гушна мошне нежна надеж дека изменетиот, чудовишен човек сепак ќе ја дандиса својата болест, ќе оздрави во душата и свеста, ќе ги совлада искушенијата на воените сеништа, ќе ја надмине својата заробеност од грубите и бездушни, до свирепа бескомпромисност соголени правила на борбата за сопствениот живот и туѓата смрт и пак ќе биде благороден, нежен, широкоград и широкоглед, полн љубов и разбирање, свртен кон убавата смисла на судбината. А до тогаш требаше да издржат и тој и таа. И пак го погледна во очите да се увери има ли основа за нејзината надеж. – Има наблизу една искусна бабица. ќе ти помогне – ѝ го пресече тој погледот. – Не можам – си простенка таа во пазувата. – Мораш! – удри тој со оружјето по ѕидот. – Не морам – се згрчи таа, потпрена на первазот, стегајќи ги усните како да се плаши да не ѝ излета убавиот плод низ устата. – Трудна си од најмрачниот крволочник! Не може да се измери крвта што ја излока како незајазлив ѕвер! Зар негово дете да прифатам и да го гледам како свое? – Детето е мое – прошепоти таа и заплака. – Сама си пресуди! – скрцка тој со забите и излезе од дворот како да бега од најстрашната и најкобна опасност. Истиот миг, небаре се случи чудо во Надежда, во нејзината нова душа, свест и тело. Таа престана да плаче и се почувствува ослободена од цел еден свет во кој верувала дека е единствено можен и добар и сакала да го задржи, да остане во него сиот свој живот, приспособувајќи се кон неговите закони, правила, вредности и смисла. Наеднаш сфати дека не мора да се подредува и потчинува на ниедна друга сила и смисла, освен на природната наужност и да ја облагородува согласно со своите чувства и свест за убавото и доброто. Тоа сознание за неа имаше значење на пресудна победа над нешто што лажно ја исполнувало со привидно убава животна смисла. И се стори дека може да создаде друг, подобар и поубав свет од претходниот и да живее во него според законите на највисоката добрина и убавина. Се врати во подрумот, се облече и како да беа стекнати сите најнеопходни услови за почеток на тој свет, излезе од дворот. Од кривото портиче ги погледа сите овошки и нежно им се насмевна, а на штрковите им мавна со раката како со крило. Беше силна, голема и храбра, најзначајното го носеше – во себе. Зачекори кон центарот на градот, решена да се врати во својот напуштен дом. Одеше по улицата како по најнадежна и најсветла посока, кон некоја неодолива извесност и вистинска смисла, што само таа ги знае и чувствува. Не забележа ниту чад, ниту урнати куќи и откорнати врати, не ги виде искршените дрвја и огради, не ја сети ниту зловесната испустеност од која демнеа кобни опасности. Така понесена, не ја засегна ни безглавото протрчување на некои ослабнати и од страв и страдеж црносани луѓе, кои исчезнуваа како сеништа зад најблиските ѕидови. Благо пролетно ветерче, како омајлив љубовен здив, ѝ ги галеше лицето и градите, создавајќи ѝ чувство дека може и да лета. Така залисана стигна до зградата и влезе во станот, танцувајќи лесно, со дланки положени под стомакот. Во прозоците ги виде овошките од дворот и носена од неописно нежните, таинствени и мили звуци на првите листови и цветови, сети како и плодот во неа се буди, ја милува и танцува со неа. И се вртеа цветни венци како блескави ореоли околу главата, за кои ѝ се стори дека се знак на возвишено совршенство. Среде таа среќа, ненадејно и подмолно, како сениште гонето од зла смисла и судбина, на прагот се создаде нејзиниот девер. Беше ослабнат и брадосан, испиен во лицето, влакната му никнеа право од забите и очните длапки, облеката висеше на него како на страшило. Ја сврте главата кон прозорецот и како да зборува во празно ѝ рече дека брат му си истрелал куршум во слепоочницата. Зборувајќи тешко и болно, како да го стега невидлива јамка околу вратот, тој извлече пиштол од појасот, ја застрела двапати во стомакот и заедно со нејзиниот крик замина како привидение. Таа остана во бескраен молк, во кој неповратно се изгубиле сите вистини и тајни за смислата на човековиот живот под сонцето. КЛЕТНИЦИ САМА МАМА Има чинки што казнуваат со смрт. Но пострашни се оние што осудуваат на доживотен бол. * * * Кога ја отвори вратата, кога влезе – ниту чувме, ниту забележавме. Одеднаш, ептен одненадеж, на начин на зла чинка, како натприродно суштество и болна мисла или темен спомен што не бараат дозвола да дејствуваат, се создаде на ќилимот, меѓу телевизорот и радиото, пред сликите на ѕидот, крај клавирот и библиотеката, затворена со големи кафеави стакла, налик на многу густи сенки. Беше мршава и сива, со сурост на мртовец, станат од многу сув гроб, правлива по лицето и косата и со црно под ноктите. И трепереше нестварно, небаре ќе избледне и исчезне, а неспокојна мисла ме предупредуваше да бидам внимателек и присебен. Молчеше со силно стегнати вилици, скриена под длабока темнина во пропаднатите очи. што може да бара, да сака, да мисли? што ли ја мачи и прогонува и што ќе стори? Замижувам, не сосема како дете: под пламнато иебо, во усвитен воздух, подгорени коприви, голо поле и бел, опустен двор, пред слепа куќа. Зинал оборот како бездна, закланиот добиток морничаво рика по зелена луцерка. Во бунарот крекаат стари жаби, ненаситни страчки тркалаат испиени јајца по гумното. Тате седи во споменот и држи узди на невидливи коњи. Ако трепнам ќе го снема сосе дворот и куќата. ќе остане мама сама, на сокакот со жедни зеници како мазен јаглен. штрепнувам и ги отворам очите, да не ме превари чинката. Си стои, така, во стари опинци од излижана свинска кожа, со скинати волнени чорапи до колена, под долга, излитена и од молци јадена фуста и нечисто ирамче со деведест и девет закрпи и лочки. Прес'нетата шамија ѝ паднала на рамената како црна змија околу вратот. Одвреме-навреме издишува многу длабоко, со морничаво стресување и уште повеќе посивува. "Господ да те чува од зли чинки". Ја слушам во себе и се занишувам крај стакленото масиче со кристална ваза и свежи жалфии со зинати цветови како живи, жедни и гладни усти што пекаат по нешто неискажливо. И пак замижувам; сосем како дете пред неизбежна опасност. Пред мене мноту старата биволица чие последно малаче, веднаш по доаѓањето на свет, се удави во матната вода на вирот: му се нафр-ли една невидена водна лишка и го проголта сосе трските наоколу, Можеби и одрипнав, со оној крик на несреќник што безумно се обидува да побегне од конечното зло. Треперам во студена недоумица што е чинка а што стварност. Од еден далечен ден, за кој, до пред некој здив не знаев дали воопшто огреал, како од волшебно зрно никне светот и како сон ми влегува во очите на умот. Го погребавме тате, луѓето се разотидоа, останавме сами, поглед во поглед, среде дворот, на гумното. Нема стожер. Околу нас живина, ни се пика во нозете, чека храна. Врзани за дебели колови, со јажиња зариени во вратовите, се тегнат бушата и телето, коњот и магарето кашлаат како офтикилави старци. Очите им израснале како празни ча ши, им тлее немоќ од жед, глад и дртавост, бараат помош и поткрепа од блиска рака, од душа на заштитник и овој, од срце што сочувствува, сака и се грижи, од ум што само така ги знае животот и светот, од свест и совест што го прифатиле и признале вечниот ред на заемност и жртвување, на љубов и подарување, на дополнување и потпора, на обврска, долг и благодарност. Дури и дивите гулаби и едни многу мали пилиња од соседниот двор придошле по нејзината штедрост и добрина. И додека јас стојам како трештен, како пред слика што обврзува до страв, што боли, проколнува и се заканува, таа расфрла жито и зајре, принесува вода во ведрици и тивко, топло, мајчински нежно и справедливо, со многу блага грижа и внимание советува, кори, почитува и крепи, чувајќи и потврдувајќи го, бранејќи и славејќи го светиот ред на опстанокот. Завиткана во црно, сува и спечена, само очи, плетка нозе, се ниша но не паѓа, ни папсува. На кучето цвика, на змијата домашарка во темелот на куќата – млеко; никој заборавен, никој отфрлен, никој казнет ни прогонет! Пајажината на ноќта се згуснува во небото и паѓа врз дворот. Настанува мир, тивка и заокружена животна слика. Сал таа, тажна и нема, ме гледа со големи очи преполни сонце што никогаш не заоѓа во чинките. Од болната роса по билките, воздухот мирисаше на пресна земја. Стои сега пред мене, во салонот, со очни длапки од кои истекло сето некогашно сонце. И чиниш се гледа низ неа како низ тенка свила; да напнеш очи – ќе ја снема во шарите и сликите на ѕидот, во меката белина на завесите. Потреперува како здив што секој миг може да престане, како спомен на сон што тешко се одржува во свеста. А сепак, од некакви далечни гради, врели и тврди, со загорени пуполки, нагло и обилно исцицувам многу густо млеко. За миг ме исполнува до крајната клетка и се претвора во тага што боли во најнедосежната длабина на душата. Одвај задржувам една крупна солза од внатрешното око, со значење што треба допрва да го досегнам. Се соземам да изустам добредојде, да ја прашам како е, дали патувала добро и како успеала да се снајде во градот и да стигне до станот. Молчи и трепери, уште понестварна, но несомнено таа – мама. Низ подотворената врата од малата соба допира нежното вакање на Иле. Жена ми го преповиткала и почнува да го дои. Низ ѕидот ја гледам како внимателно, со допир чија мекост е понежна од топол здив. го става на градите и како Иле ја лапнува набрекнатата пуполка. Небаре и самата ги гледа, мама штрепнува, се згуснува и мигновено излегува од шарите и сликите на ѕидот. Сосем јасно забележувам како се напрегнува, како ја поврзува овојата снага, небаре се готви за скок. Рацете ѝ се згрчуваат и бавно, налик на оживување од смрт што траела многу години, се свиваат на градите. Истиот миг ми се стори дека има необјаснива моќ да зборува во мене, да мисли со некој таинствен дел на мојот ум и да чувствува со мојата душа. И, на начин што може да се спореди само со волшепство, збиено и јасно, како молскавмца во темен бескрај, чинам дека ја разбрав смислата на нејзината ненадејна појава. Се стопи во мене едно многу ситно зрно од непознат состав и со незнајни својства и бликна една врелина што предизвикува плач. Но Иле престана да вика и завладеа морничав молк. Жена ми ја затвори вратата на малата соба и влезе во бањата. Истовремено и небаре меѓусебно поврзано, телефонот заѕвони како картеч. Не можам да си објаснам зошто потрчав да ја подигнам слушалката. Се јавуваше колега од Комисијата да ме посети на неопходноста да присуствувам на состанокот закажан за тоа попладне. Неодложно, нагласи тој, како да се заканува. Пак жалби, поплаки, неправилности, неправди и незадоволства, небаре животот се состои само од нив. И притискаат со својата непријатна смисла што на човека, кога добро ќе размиели, му се чини дека од нивното правилно и итно решавање зависи судбината на светот. Само што ја спуштив слушалката, пак некако поврзано оо тајно значење, жена ми списка каѕсо од змија в пазува. Јурнав кон малата соба, ја превртев масата, летна вазата со цвеќињата и се распарча врз собраниот ќилим. Падната на врата, жена ми преташе како заклана, обидувајќи се со многу чудни и мачни движења да извлече невидлив нож од градите. Одвај успеваше да земе воздух и да крикне; "Го немаааа!" Се втурнав назад, во салонот, ја откорнав вратата од ѕидот, ми отпадна рамото и, одвај одржувајќи неопходна рамнотежа, истрчав на балконот. Долу, во метежот што, за разлика од кој и да е претходен дек, пзгледаше пеколно, неверојатно брзо, со Иле во прегратките, трчаше мама. Мамооооооо! Со едно многу старо и долго време, што ни ум ни око го мери, бевме поделени на два света и само најчудесната чинка можеше да нè спои. На сосем неверојатен начин со сосем несфатлива сила, од сосем изменета природа. ги прелетав скалите, излетав на улицата и се нурнав во турмата. Ги туркав, прерипував и газев луѓето што не стигнуваа да се иставаат, загледани по излозите, или потонати во грижи и размислувања. Не видов веоел и безгрижен човек, ниту насмеана жена, око не ми фати ни рулче во количе или во прегратки. За миг стигнав до најголемите семафори, со огромни црвени очи. Се фрлив меѓу автомобилите и испливав на спротивната страна. Погледав лево-деоно над безбројните глави што се нишаа полни таинствена несреќа, недоумица и немир. Не успеав да ја здогледам мама, ниту според каков и да е знак да насетам каде се наоѓа. Инстинктивно продолжив по истата насока и следен од прекори и пцости, од гневни предупредувања и заканувања, сиот задишан и жива вода, стигнав до најголемиот мост над реката. За миг погледнав во брзиот бистар тек, мазен и светол како сечиво што го раскинува спојот меѓу небото и земјата. Сепак, една темна помисла истече со несопирливата вода што непрестано тече во иста насока, од памтивек следејќи ги законите на природата за својот состав и специфичност. Го претрчав и мостот, веќе не размислувајќи зошто продолжувам токму во таа насока, небаре натприродна сила, што ги одредува вкупните движења на животот, владее со мене и ме води. Ни отаде реката не успеав да ја здогледам мама со Иле во прегратките. Бев толку задишан што градите ми ги сечеше остар, многу лут бол, нов и непознат, со смисла што не може веднаш да се открие и протолкува. Застанав, вџашен од упорноста на една тенка мисла дека моето трчање низ толпата ќе биде залудно. И како што постапуваат некои очајници, влегов во поштата и телефонирав во милицијата. Им дадов точеи опис на мајка ми, име и презиме, неколку битии посебности и можни посоки на движењето. И – дека носи бебе! Неродено? Родено! Мое! Иле! Примено! Го запишаа и моето име и презиме, адресата, професијата, бројот на домашниот телефон и ми ветија дека ќе ме известат штом ќе ги пронајдат мајка ми и Иле, а јас да си отидам дома и да чекам. Тие веруваат дека ќе успеат. Се вратив и ја најдов жена ми онесвестена, со перниче во устата. Ја попрскав со студена вода како свенато цвеќе, ја помилував по образите. Одеднаш како во лудило што тешко се објаснува, ме зграпчи за врат и се вовлече во мене. Со сила на распукани карпи и со ропотење на окршен мраз ме стегна меѓу нозете и истисна безброј насмеани дечиња што со молневита брзина трчаа по сите улици на градот. Стигнував само да ги видам во бела густина пред да исчезнат во темниот вир на свеста дека правиме уштс еден залуден обид. Кога сè се смири и срцата ни останаа како дремливи жаби во тињосана вода, жена ми срипа и свирепо ме погледа. – Нели немаше мајка, бе? – Немам. – А оваа? – Не знам. – Лажеш! ќе те убијам ако не бидам мајка! И секавичио замавна со малите ножици за сечење нокти. Блесокот ми мина покрај левата зеница, малку го закачи образот, како мала но смртоносна молња прелета покрај вратната жила и ми се заби во срцето. Крикнавме и се вкаменивме на креветот. маѓепсани како во зла приказна за страшни сили и натприродни патила. Нè оживеа ѕвонењето на телефонот, болно како ситни игли забодени во мозокот. Се довлечкав до масичето, ја фатив слушалката и се обидов да ја кренам. Раката ми стрепери, очите ми се помрачија и да не беше една сосем нестварна моќ не ќе успеав да ја подигнам. Се јавуваа од милицијата, прашаа дали сум јас и рекоа дека бебето е најдено. – Сигурно? – Сосема! – А мајка ми? Баба му? – Таква жена не постои! – Молам? Како? – Просто! Проверивме. Исчезнала уште пред петнаесет години. – Кога јас тргнав на студии? – Тој податок не го проверувавме. Милицијата ја спушти слушалката. – Фала богу! – што, фала богу? Жена ми се иадвисна со канџи на рис, озабена за крв. Очите ѝ гореа од страст за одмазда поради измама во која неповторно се изгубила најубавата смисла на нејзиниот живот. Градите ѝ беа црни и збрчкани како гнили исушени круши. Пуполките ѝ беа зашилени како глогови што ѝ ја пробиле душата. – Немам мајка! Еве, и од милицијата потврдија! Таа радосно заплака, си ги зари канџите во градите, си го расече лицето, си ги искаса усните и падна како заклана. Лежеше бледа и неподвижна, со виолетов сјај на неисполнета желба, незадоволен нагон, недосегната цел што на еден женски живот му ја даваат и одредуваат најнеопходната смисла. Лежеше како предмет фрлен на несоодветно место, по грешка или зла намера на некаква виша свест и сила, како пропуст во врховната логика на постоењето под капата небеска, како последица на опасна чинка, за која немало вистинска можност и начин да биде исправена или спречена. Дури и оној, лажниот, но со магија на надеж, што го продолжува копнежот, престанал да ја создава насушната илузија на среќно решение и исход, какви заслужуваат најнесреќните. И сега не преостанува ништо друго, освен да му се стави крај на постоењето, не како очај, ни како пораз, туку како свесно покорување на едно судбинско и неподмитливо правило да не се прифаќа приземноста на живуркањето и спасот од неговиот отров да се бара во медот на најубавите чинки. Виолетовиот ореол стануваше сè поблескав и добиваше густи златести рабови, кога заѕвони ѕвончето над влезната врата. Со напор што може да се сфати како составување на здрави и болни и живи и мртви делови и личи на оздравувзње и оживување, успеав да станам на колена и да отклучам. Вратата нагло се отвори и во високата светла рамка на надворешноста застана крупен, меснат во главата и дебел во погледот, мошне млад милиционер, кој штотуку престанал да цица и почнал да води љубов. – Вие сте Чинко? – Да. – Повелете со мене поради лажна пријава на украдено рулче. Вратата се затвори со тресок, како конечно да го дели светот на две спротивности: јасен и нејасен, познат и непознат, здрав и болен, весел и тажен, среќен и несреќен, можен и неможен, стварност и чинка. Се затвори пред мене или зад мене, не знам. Беше длабок ноќен час од денот што завршуваше или од оној што почнуваше. Светилката сјаеше со сила на мало сонце што има моќ да ги осветлува и најтемните катчиња на душата и умот. Но и да фрла остри сенки на недоумица страв, на нови незнаења и тајни, кои се меѓа што никогаш не може да се пречекори без неизлечив бол и ненадоместива загуба. Ја затворив тетратката, го оставив перото, го отворив прозорецот и викнав: Мамооооо! Никој не одговори, ни одек се врати. Грешката беше непоправлива, заблудата неодолива, умот немоќен, чинката неуништива, а мама сама. БУНАР Суворек – зината уста; штотуку замрен лелек. Свирепа суша и мачна самотија. Озабени, распукани, од сурово сонце исчадени карпи, песок и пепел. Спечени од истизавање, загорени од жед, клети прнарчиња и тревки. Нема и глува бездна под карпите, ни спомен од дива вода на разрикан порој, од морето на небото бликнат. Зеат темни урви, тежат суви одрони, црни варџилници се стегнале како крастави садни полни запечен гној. Во сенката на карпите – куќарка од сив ќерпич и темен камен. Двор – чир. Под струпката – бунар! Незнајно стар; излак на времето и светот? Длабоко студен, таинствено сенчест, ладен здив и чудесен мир. Крај оградата, до изглодана копанка, коза. Слика на мака. Тежина; врзана празнина; грч. Тврдо небо, тврда земја, тврди жили и мускули, душа задумана, надеж подгорена! Тишина и копнеж, тлеење и чемреење! Од куќарката, со чекор на сенка, излегува тенка жена, забрадена со сина шамија. Го погледнува небото, како да бара во него некаков знак. Потоа долго ги набљудува карпите, небаре проверува има ли во нив на живот знак. Воздивнува, градите ѝ спласнуваат меѓу рамињата. И приоѓа на козата, ја милнува по вратот и клекната и се огледува во бистрите тажни очи. Козата невино мекнува, ја подава устата и не трепнува. Жената ја симнува забратката, ја гушнува и бакнува, небаре паѓа во несвест. Останува така неподвижна, со силен трепет под полите на елекот. Козата мекнува како да се гуши. Жената штрепнува, се исправа и како збунета прељубница, фатена во грев, потрчува кон бунарот. Брзо го подига капакот, ја фрла кофата во длабочината, трескавично го занишува синџирот и ја крева со долги замавнувања на рацете. Бистрата, синкава и жива вода подблеснува на каменот, небаре во тој трепет на светлината може да се одгатне долго очекувана порака. Празнината на небото ужасна глетка, длабочина во длабочина, бескрај во бескрај; меѓу две бездни згрчени зеници и јад. И како да спречува бол, жената ги нурнува дланките во кофата и силно си го исплискува лицето. Водата е како скреж, кожата се наежува, усните и слспоочниците се стегнуваат. Челото се намалува и за миг згаснува како сонце зад облак, потоа, изгрева над многу високи, темни и студени карпи. Жената си ја подига фустата и си го брише лицето, триејќи си ги образите со жестина, небаре од остра брада на небричен маж. Козата мека, го тегне јажето, го ниша колецот и се гуши. Не обрнувајќи ѝ внимание, како да не постои, жената си ја измазнува косата и се наведнува над бунарот. Како чисто огледало, ја дочекува мирната вода. Горе небо, долу небо – празнина, самотија и грч. Се гледа не трепнувајќи, како да се препознава во некоја друга стварност. Ѝ се оцртуваат црнките во очите, речиси секое влакненце на трепките може да си го види. И густите, црни и испреплетени брчки кон носот, како жилички на болест од која сè темнее и ослепува. Остри сенки ѝ се лизгаат од слепоочниците кон брадата, сечејќи ѝ ги образите со преспи налик на сувите преспи од чакал и нанос по дивеење на порој. Косата ѝ паѓа околу лицето и ѝ го засенува. Се наѕираат само грдо зашилената брада и долгиот, сув и морничаво жилест врат, со згрчена, од внатрешен оган изгорена кожа. Студен трепет ѝ стечува од градите кон грлото. Си ја подига главата, зафрлувајќи си ја косата кон тилот и го враќа студенилото. Пак се наведнува и заслепителен сјај од незнајно сонце ја прелева со белина на млеко. Мазно и здраво лице, широко отворени очи, тајна насмевка на грешна светица, јаболко од светлина и сок. Небо на небо легнува, бескрај во бескрај влегува, бездна со бездна се стегнува. Козата мекнува, морничаво лелекнува. Срамен грч по силен прч! Жената стреперува и уплашено ја крева главата со инстинкт на срнка во опасност. Сета напрегната, со запрен здив, прелетува со погледот наоколу. Нема никој; пустелија; клето билје и песок; црни варџилници; сури карпишта и празно небо. Болното мекање на козата ѝ го кине увото и вчасот залегнува штама, тешка и бескрајна, мртва и безнадежна. Жената длабоко издивнува и уште еднаш, напната и возбудена, ги погледнува карпите и поројот, пребарувајќи ја секоја сенка и ловејќи го секое ливче-здивче на спечените билки. Патеката се губи во песок и камења, гола и сива, небаре нестварна, како мамка за ундисање на очите и душата. Тажна и измамена, жената пак се наведнува над бунарот. Во светлиот круг на водата – лик од света слика со сребрен ореол. Отворени кон глетка што ја нема, очите ѝ го зеле целото лице. Само поглед; сиот живот во тој миг, сиот бескрај што го населуваа нејзините мисли и чувства – само поглед што жедува и трпне. Поглед што одвај преживува ужас; што колни и моли, што обвинува и се заканува. Жената штрепнува, очите ѝ стануваат јагленчиња, образите ѝ се исцедуваат во сенки, усните ѝ се истенчуваат како црни влакна. Се гледа збунета, не може да си го препознае сопствениот изглед. Водата на бунарот ѝ го претопува лицето, ѝ соблекува една и ѝ облекува друга кожа, грда и темна. Срцето ѝ ступкува како камен стркалан во длабок дол. Таа се згрчува и истиот миг, рамната и чиста поврвина на водата се искршнува во ситни црни брчки, жива мрежа распната меѓу студените камења. Жената се исправа како подгорена, отчекорува од бунарот и со фустата си ги брише солзите што ѝ зовираат во погледот. Трпнејќи од врелина, ѝ приоѓа на козата и ја пушта кон прнарите, небаре постапува по многу строг закон, се враќа кон куќата, седнува на прагот и се здрвува Окото ѝ се разбива од карпите, се плиснува кон озабениот срт, загризан во небото, истечува по пустата патека. Главата ѝ паѓа на сувите чогланливи колена и заличува на заборавена бовча од патник што којзнае кога ќе се врати да ја земе. Предвечер, тешка и уморна, козата се враќа и, мекајќи и душкајќи ја, ја буди да ја напои. Жената се исправа со суво крцкање во зглобновите, оди на бунарот и се наведнува над оградата. Во мрачната длабочина одвај се наѕира огледалото на небото. Со напор на жеден корен во прегар ја извлекува кофата, небаре сета тешка темнина, собрана во црниот венец камења, ја крева. Козата ја испива сета вода и тажно мекнува. Жената штрепнува, врз карпите тече стопен ѕифт и ја залева патеката. Црн безизлез и морници. Брзо ја поведува козата кон колецот, ја врзува и, небаре бега, се сокрива во куќата. Темнина и тишина, бескраен гроб. Сал мислите и чувствата гледаат и слушаат, ундисаат по тешка, но сигурна стапка на уморен патник. Ноќните часови татнат отаде глувата мора на Суворек. Сушата и жедта имаат големи и страшни граници. Спроти ужасниот бескрај на времето и просторот, душата ѕемне и се намалува, одвај забележлива ѕ'мба. Телото расте од бол, во коските тажни кавали свират. Вкаменети од чекање и јанѕа, мислите се уриваат како карпи. Затрупана, душата ја моли маката за сон. Суворек, болен недорек. Ката ден: тежок камен – душа пламен! Споулавена од убав сон, страстно неспокојна, жената излегува иред сонце изгрева. Козата немирно мека и снове околу колецот. Карпите личат на многу густа и темна магла, а над патеката грее мошне силна светлина. Жената. тргнува кон бунарот, козата уштс посилно и со сосема човечки глас мека по неа. Жената се вкочанува, се обѕира околу себе, мигновено го испитува сиот простор на Суворек и си го покрива лицето со дланките. Останува така неподвижна, небаре си ги брои и пребројува сите мигови на чекање и трпнење и си го мери болот. Козата продолжува да мека, лелекаво и испрекинато, како споулавена жена. Гласот ѝ се одбива од карпите, се дроби на многу ситни одеци и замира во црните варџилници. Жената си ги тргнува рацете и сонцето, блеснато на црниот срт, ѝ го покрива лицето со жар. Нема и истрпната, ѝ притрчува на козата, силно ја гутшнува и жалното мекање ѝ стивнува во пазувите. Кога ја крена главата, сонцето беше извишено над куќата и сјај го исполнуваше сиот Суворек. Сè беше како на дланка – без таинствени сенки. На белата патека, и самата светлина, небаре го чекал токму најсветлиот час, се појави мажот! Во бел костум, бел шешир и бели чевли, чекореше лесно и сигурно, кон сосем јасна цел. Жената срипа и безумно се стрчна кон бунарот. Се наведна над оградата и под силниот сјај на небото си го виде лицето во блескавиот круг на водата. Беше многу светло, чудно насмевнато и несфатливо убаво. Кругот лесно се нишаше како да ја омајува со личба што никогаш не можела да ја има без маж. Стана чудесно лесна, здивот ја поткреваше како пеперутка. Заборави да ја пушти кофата, да извади вода и да си ги измие гурдите од очите и маснотијата од челото. Како шум од друга стварност, но сосем блиску и несомнени, се слушнаа стапките на мажот во дворот. Жената истрпна и се сврте. Козата веќе мекаше со мошне рапав и зарипнат глас, занемувајќи. Мажот чекореше тешко, пристапувајќи со поднаведната глава и подзамижани очи. Беше бел и врел, сосем од сончевина. Жената ги рашири рацете и, со крик што ги разниша кар– пите како платна, се втурна кон него. Врел и цел! Веќе стигнат до козата, нем и таинствен, мажот застана и се вкамени. Жената се стаписа, нозете и рацете и се здрвија во блесокот заличе на искастрена овошка. Срцето и рипаше под грлото, биејќи со сила што одвај ја издржуваа и небото и земјата. Мажот ја подигна главата, си го поткрена шеширот, исплука густа црна плунка и студено ја погледа. Сиот во бела прашина, наеднаш заличе на сениште со многу зла моќ и смисла. Очите му беа матни од жолтило, немаше никаков отсјај во човечињата. Стоеше и трепкаше како слепец. Небаре се мачи да се сети зошто дошол, долго си го мрштеше челото. Потемнет од напор, сенишно се наведна, ја одврза козата и бездушно ја завлече по патеката. Жената лелекна и молкна. Оганот на високото сонце ѝ ги стопи градите. Саштисана од бол, летна кон бунарот, извади вода и трескавично се исплиска. Мекањето на козата замираше меѓу карпите, светлината трепереше и над куќата се брануваше како чудовишен пожар. Врелината стана пеколна, телото и небото гореа во еден оган и немаше каде да се избега. Жената извади уште една кофа, избезумено си ги поли лицето и градите, но водата небаре го разгоруваше оганот. Мажот и козата согореа на патеката, Суворек се исполни со слепило. Запалена и сама, пак лелекна. Гласот не ѝ излезе од дворот, остана пред прагот на куќата. Отворената врата, зината со многу темна сенка, сакаше да ја проголта како залак што оддамна го очекува. Жената вресна и, небаре само тоа ѝ преостанало, се наведна над бунарот. Главата ѝ беше тешка и ја влечеше кон длабочината. Се виде во светлиот нежен круг на небото во бистрата вода. Сопствените очи ја погледаа со чудесна благост што ја објаснува вечната потреба на човекот да биде гледан со љубов и нежност. Се наведна во својот поглед и нечујно падна во неодоливо и неопходно бесознание. ПОРТРЕТ НА СОНОТ Имав во спалната соба свој прекрасен портрет во масло на платно. Волшебно млад, на само дваесет и пет блескави години, беше полн со свежина и здравје, небесна убавина во очите, неодолива мазнотија во образите, ангелска нежност на усните и ѕвездена светлина врз косата и челото. Благороден, невин и чист, секоја боја му беше полна со радост и занес, секоја линија пребликната со силен живот како млада жила со вљубена крв. Секогаш, штом ќе си дојдев од работа, влегував во собата да се пресоблечам и, внимателно, со една многу нежна пријатност, да го набљудувам. И тој ми возвраќаше со светол поглед што го следеше секое мое движење, небаре ми се радуваше. Чувствував дека ме чекал, дека му било тешко и здодевно без мене. Дека дури си се чинел себеси бесмислен. Тоа го покажуваше особено кога ќе се избањав и, гол и топол, со поруменета кожа и возбуда на чист живот, се облекував во мека руба. Се радуваше, се смееше, просто ќе пркнеше од рамката за да ми се залепи на лицето и градите. Кога се враќав од службено патување, по повеќе денови, првото што го правев беше да се избањам и онака ослободен од нечистотијата, облеката и уморот, да му се предадам. Очите му растеа, му се ширеа зениците од многу жив сјај, секоја боја и линија играше и стануваше топла. Се излачуваше една многу мила нежност и ме облеваше како млеко, како разлеан мед, како љубовен допир. Така со часови го чувствував скриениот живот на својот млад лик, неговото преселување во мене, во биењето на срцето, во трепетот на мускулите, во топлината на кожата. По враќањето од летен одмор, сиот благо сонце, го симнував од ѕидот, легнував на грб, го положував врз себе, гради на гради, лице на лице и така одблиску се чувствувавме. Чи-нам дека тогаш дишеше со еден неискажливо благ, нежен и миризлив здив, од кој ми летаа благи морници по целото тело. Тоа мило чувство ме понесуваше и чинам сонував, гледајќи го и милувајќи го како жив. Така беше уште поубав, помазен, со вистинска раскош од сјај и треперење што ме креваше повисоко од стварноста, во некое постоење што не може да се изрече. Тие мигови го чувствував она совршенство по кое копнеам во стравот од неизбежните неволи, несреќи и страдања, определени со законите на природата. Така, со денови, лежејќи со својот чудесно убав пор-трет, замислував како тој ќе изгледа сите оние неброени денови, години и векови по мојот неизбежен и неподмитлив суден час. Светол и жив во очите, образите и усните, ќе гледа од ѕидот и ќе ме бара, ќе се надева и ќе ме очекува. И ќе биде слика само на убавото, на пријатното, слаткото, нежното, занесното, на она што би сакале да биде вечно живо заедно со нас. Во тој сон, го ставав и на трпезата, спроти себе, да се гледаме додека јадам, додека сласта на залакот ми ја зголемува силата и ја подгрева надежта за утре, како врата во убава жива вечност. Кога бев болен, од тага или од силен внатрешен оган, кога ме кршеше и топеше дива болка во главата, срцето, бубрезите, жолчката, коските и душата, немав подобар и посигурен лек од својот совршено убав и волшебно неопходен портрет. Со запалени очи, сиот во огнена немоќ, како низ жар ги гледав сопствените млади очи, сјајни од здравје, своите румени образи, напнати од силна крв, своето чело светнато од занес, чувствувајќи како една чудесна моќ се преселува во мене и јас вистински цврснам наспроти болеста. Сето тоа беше толку непорекливо, толку дејствено и несомнено што истиот миг можев да станам и со сосема сигурни движења да ја земам својата сакана слика од ѕидот и занесно да танцувам со неа. штом ќе си купев нешто ново, копчиња за кошула, вратоврска, чевли, ташна, чорапи, гаќи, книга или слика – прво нему му го покажував. Го држев новото токму пред неговите очи и можев да забележам како се огледува во нивниот нежен сјај. чувствував колку многу се радува, како просто го впива во боите и добива некои нови, лесни и разиграни нијанси. Затоа, кај можев, а да не му ја покажам својата нова кола! Токму на пладне, при најсилно сонце, го симнав од ѕидот и го однесов на паркингот. Оптарашивме од сите страни, влеговме внимателно зад бистрите стакла, се огледавме заедно во огледалата и се провозивме по градот. На враќање, еден млад и личен комшија се загледа во портретот и сериозно ме праша кој е насликан толку убаво. Му реков со трепетен глас дека тоа сум јас, а тој ми дофрли дека, ако се загледам подобро, можеби ќе го видам него, а не себе! Којзнае зошто, се обидов да му објаснам дека е тоа портрет на една убава смисла, со која си го исполнувам животот во време на искушенија и недоумици. Тој не попушти и ме за-моли она што ќе ми биде фазла да му го позајмам за стари години. И се изнасмеа на цел глас, фасадите на куќите ќе се одлепеа. Најмногу и најврело се радував кога му ги покажував своите нови девојки. Кога се соблекуваа пред него, топли и нежни, мазни и мили, со облини како плодови од рајски сон, тој бликнуваше со толку силен сјај што се чинеше дека целата соба свети. Гледајќи ги разголени и занесно лични, неодоливи како најубава магија, поигруваше на ѕидот, готов да летне кон нив и да ги впие во боите. Додека се преметкавме во љубовниот жар, со бисерни отсјаи во топлата пот, тој пливаше во светлина и топлина, се брануваше во возбуда и изгледаше дека ќе искипи од рамката. Од таа радост и милина добиваше уште повеќе убавина и животна полнотија, што ми се чинеше оти јас живеам во него со силина и занес што нико-гаш не ќе замрат. Неволата почна при последната игра со најновата љубовница, онаа со која конечно бев решил да создадам свое поколение. Кога ја симна облеката и огреа со нестварна, невидена, некој вид волшебна личотија, наеднаш и необјасниво одвнатре ме прели силна врелина, однадвор на чуден начин ме попари. Сетив некакво таложење на тежина во нозете и рацете, ме обзеде сива немоќ и сè на мене клапна, се обеси, небаре умре. Убавината зрачеше со својата пресилна и, којзнае зошто, безмилосна суштина, а јас темнеев и паѓав, не можејќи да сфатам што ми се случува. Погледнав загрижено кон својот прекрасен портрет и истиот миг смрзнав: го видов темен, напукнат и – слеп! Имаше врз него густа сенка на болест, за која веднаш ми се стори дека ќе нема лек! Беше тоа, всушност, мигот кога прв пат, недвосмислено и непоправливо, сфатив дека ни тој не е неранлив, дека не е надвор од дејството на законите на природата што важат за сè живо и мртво на земјата, сиреч и за мене. Со темен грч во зениците и болно стегање во градите ги забележав првите ситни жилички на црната болест што го беше зафатила од аглите на рамката кон средината. Помислив надежно дека е тоа можеби само пајажина и станав да ја тргнам, но се покажа дека се ситни пукнатинки што се шират кон челото, очите, образите и усните. Изофкав од една катранеста дамка врз горната усна, голема и одвратна како рана од херпес, во која се изгубил сјајот токму на румената боја, на здравјето и младоста. Зловесни кафеави бемки имаше и над веѓите, под очите и врз ушите, а на брадата и вратот се гледаа штотуку отворени пукнатини како бразди од брчки. Наредните неколку денови, црните жилички толку брзо и густо се намножија што го покрија целиот портрет, како ситно плетена мрежа низ чии отвори одвај можеше на се наѕре ликот, да се насетат очите, усните, образите, носот, челото, ушите и косата. На некои места, токму каде што беа зениците и веѓите, почнаа да се одлепуваат ситни парченца боја и да паѓаат врз подот како мувосерки. Беше тоа толку неиздржливо, што морав да го завиткам во бела хартија и да го скријам во оставата. Така и настана чувството дека сум изгубил дел од животот, од кој зависела најубавата, ако не единствената смисла на моето суштествување на земјата. Елбете поради тоа, нагло и речиси безнадежно, го изгубив сеќавањето за сите убавини што до тој час ми ја полнеа душата со радост и уживање. По враќањето од болницата, првото што го посакав бе-ше да го видам својот портрет. Некое зловесно чувство ме предупредуваше да не го правам тоа, зашто она што можев да го видам, всушност, би била сликата на мојата судбина. Но ја немаше таа сила што можеше да ме расколеба во непопустливата желба. Тоа не успеа да го стори дури ни болеста што ме јадеше во целото тело, поради која се движев многу бавно, со забест страв дека секој чекор ми е последен. Сепак стигнав до оставата и го извадив како од мртовечница. Внимателно и со запрен здив ја одвиткав хартијата и го кренав пред очите. Погледот ми го замати нешто како одвратна краста, гнасно сивило и прав, една сура безличност што истиот миг ме урниса на плеќите. Ја испуштив рамката на подот како да ја изгубив пресудната можност за спас и смисла. Останав да лежам и да чекам дали ќе ми дојде во мислите, во чувствата, во оној сјај на душата што не гасне дури ни со умирањето. Ако ми дојде, ако ми се прикаже во чудесната убавина што ја имаше, ако го видам во магична занесност, нема да ми треба ни лекар, ни болница. Само да не заспијам, оти сонот е најубавата измама со која смртта го плени човекот. МОВНАТО ПИЛЕ Своето кратко писмо, испратено со поемата „Сердарот“ на конкурсот за најдобро поетско дело во 1860 година, распишан од Универзитетот во Атина, достоинствениот поет Григор Прличе, Македонец од Охрид, го потпишал само со почетните букви на своето име и презиме. Како да се правда, тој во својата крајно искрена „Автобиографија“ признава дека не знаел оти требало да се напише целото име и презиме. Вo брoj 157 од 28. III. 1860 година, весникот „Меримна“ известува за свеченоста на која членот на оценувачката комисија, господин А. Рангавис, објавил дека добитник на ловоровиот венец и паричната награда е авторот на поемата „Сердарот“. Потоа, според истиот извор, ректорот на Универзитетот соопштил дека името на венцоносецот не може да го објави, зашто не е напишано на посебно ливче. Тоа е забележано како причина поради која венецот и парите не му се врачени на победникот на самата свеченост. Во „Автобиографијата“ Прличе вели дека главната причина за тоа е што на А. Рангавис не му мирисале на грчки имињата што звучеле во поемата. Нема никакво уверливо сведоштво за тоа зошто Прличе, кој стоел меѓу оние за кои, се разбира, немало стол, не излегол пред присутните, меѓу кои имало министри, пратеници, сенатори и многу високо поставени воени и политички лица и со победничка радост на сердар не го открил својот идентитет. Зошто вториот Омир, како што го нарекле анонимниот македонски поет, не го исползувал неповторливиот миг за своевиден триумф над нешто што му ја потемнувало судбинатa? Зошто останал јавно занемен, кога бил во себе распеан? Таинствени останале уште многу други нешта во тој сложен настан, исклучително важен не само за Македонците. Не се чувствувал ли Прличе предавник на своето уметничко дело, на поетската вистина за светата жртва за одбрана на човечката гордост и достоинство? Не го притискала ли силна вина што се премолчал самиот себеси, што дозволил и прифатил да биде никој и ништо кога можел истиот миг, на истата свеченост, да биде славен угледник со име и презиме, со род и гордост? Можно е тој, ничкосан од лицемерното избегнување да биде поканет да се претстави, истиот миг да сетил усвитена потреба да го разбие и разнесе тоа понижувачко сценарио и да извика на сет глас: „Јас сум Григор Прличе! Јас сум вториот Омир, авторот на најдобрата поема за 1860 година!“ И, разбирливо, како културен човек, тој ја кренал високо десната рака, сакајќи да побара збор. Бил вистински способен да ја издигне сопствената судбина до небото и да му го удри на времето својот личен печат. Или пак молчел затоа што се уплашил од чувството дека е среде врли душмани „лицем светци, срцем влци“ та не се решил да се јави дека е присутен и да блесне како ѕвезда, да биде херој? Рангавис објавил дека свеченоста е завршена и присутните тргнале да излегуваат од салата. Никој не му обрнал внимание на Прличе, не ја забележал неговата крената рака, не пројавил ни највообичаено љубопитство за неговата потреба да му одекне јавно и недвосмислено гласот што му татнел тајно. Тој се собрал во себе и, по којзнае кој пат во својот живот, тој миг најјасно, замижан видел гладна изедина. Набргу, како гаснење на небото по залез, салата се испразнила, потемнела и глувнала како бездна. И сиреч сиот свет го исполнила злокобна тишина во која, како посивено облаче над црн срт, почнал да потемнува и самиот настан. По божја повела и од дрги причини, гласот во душата на Прличе не стивнал, туку продолжил да одекнува победнички восхитено, високо над темното искушение. Се разлегнувал со митска сила широко во историјата и стварноста како осуда на вековно зло поради кое ни тој самиот, ниту неговиот македонски народ не се свои на своето. Но, го слушал само тој, Григор Прличе од Охрид и тоа за него не можело да значи друго, освен дека никој не го слуша. Кога салата заличела на голема празна гробница што чека нов покојник, тој намовнал и крепен од својата неуништлива волја нечујно излегол од немата зграда на Универзитетот. Си отишол во изнајмената соба и нерасоблечен, се испружил врз креветот, наеднаш фрлен среде повеќе светови. Од еден се слушале пофалбите на Рангавис за „Сердарот“, но не се слушнала покана до авторот да се јави ако е присутен. Од друг, Гегите во поемата го фалеле до самото небо херојскиот сердар Кузман, кого самите го убиле. Од прикрај, очајнички гледале угнетени и увилени поробени Македонци, со очи исушени од пеклива надеж за спас. А срцето на Прличе потонало во јад, како во црна вода што не може да се преплива и насушното упориште не можело да се согледа. Тоа не било ништо ново за него и при се што било страшно сепак не го уплашило. Таквите искушенија го обележувале неговиот млад живот како своевидна зла судбина која тој не ја признавал. Тој се стегнал како да сака да одбие или издржи пресуден удар и едновремено самиот да зададе победоносен. Му се кажало дека денот е суден за премавнување на подмолна опасност од суштествена загуба, таква од која зависело дали тој и натаму ќе биде онаков каков што го дал Господ. Иако навидум беспомошен, при чудесно силниот мисловен и чувствен напир, тој се видел себеси како победник. Тоа го препородило и закрепнало како искушеник кој издржал најопасни и најтешки искушенија и уживал во својата победа и здравје. И покрај последиците од силните потреси и бранувања на душата у умот, победничкото чувство продожило, што е можно само кога достоинствен и справедлив човекољубец, по многу време, ќе успее да достигне пресудна сушност од која живото му станува судбина на цел народ. Некаде околу пладне излегол на улицата да ги провери тир доблести на умот и душата меѓу луѓето кои ги нарекуваат обични. Чекорел сигурно и бележито, како да се движи кон некоја наполно поинаква состојба и вид на постоење, во кои ќе може да остане за навек, недосежен за понижувачките искушенија и страсти, над и надвор од темните мери и себичниот нагон, во самата сушност на постоењето од која извира животот, како најчиста неприкосновеност и дар што не може ни најнедостојниот ништожник со лице на човек да ги извалка и уништи. Среќен што минувачите го погледнувале со почит, решил да се искачи на Акропол и да се сретне со вечноста. И само што кренал очи кон кон возвишението, му се сторило дека столбовите на Партенон се нишаат. Се втирил со најостриот поглед и истрпнал: се чинело дека уривањето е неизбежно. Дури и се вџашил: на чудесен начин духот му бил трагично притиснат под купишта ничкосани камења. Во такво искушение, тој го фатил првиот пајтон што наишол и му наредил на пајтонџијата да го вози право на Акропол. Прилегнат на седиштето, Прличе замижал како да се крие во себе. Кога пајтонџијата го известил дека стигнале, тој ги отворил очите и веднаш почнал да се смее, гледајќи дека Акропол мирува во некој вечен сон. Среќен што очите, душата и умот му се измамиле, тој по долгото смеење почнал да ја рецитира својата наградена поема. Пајтонџијата го набљудувал првин со чудење, потем со мрштење и на крајот со тажен израз на лицето. Не погледнувајќи го, вториот Омир лесно скокнал од пајтонот, му даде знак на пајтонџијата да го чека и, рецитирајќи погласно, почнал да се качува по скалите. Тој ден немаше жива душа на Акропол, врз камените облици тежеше таинствена, многу густа тишина. На поетот му се стори дека гласот му се крши и губи во градбата, небаре таа на таинствен начин го краде. Намовнат, не престанувајќи да рецитира, тој бргу ги мина Пропилеите и се упати кон застрашувачкиот Партенон, на чие чело се потпираше небото. Иако оштетени, столбовите моќно ја крепеа вечноста, најискушителната мера на постоењето по која човекот копнее. Тој застана како да сака да се претстави, а неговото поетско уво се напрегна да долови макар одвај чуен одек. Немаше одговор, пеењето глувнуваше и се губеше, небаре храмот му ја уништуваше песната. Додека стоеше како да кажува молитва, крај вонвременскиот поет помина млада, божествено убава жена, која се движеше како натприродно, вонвременско суштество, речиси не допирајќи го каменот со нозете. Таа прошушка со својата чудесно убава облека како со невидливи крила, застана на неколку чекори од чудниот рецитатор и го погледа со неискрено сожаление. Вонвременскиот поет ја призре без да ја сврти главата и се насмевна така што таа можеше да сфати дека тој не е ниту за жалење, ниту за потценување. Жената го прошета бегло својот поглед по столбовите, направи полукруг и исчезна. По некој миг, тишината се здроби од кикотење по кое очите на вториот Омир сепак се овлажија од многу врела тага. Тој се сврте лесно и виде мала група млади, господски облечени шетачи кои заминуваа погледнувајќи го и гестикулирајќи живо со рацете. Штом забележаа дека е свртен кон нив, тие почнаа да му мавтаат со рацете како да го подржуваат, но го правеа тоа театарски и подбивно. Тој мигновено посака да им даде знак да го почекаат за да им каже нешто многу значајно не само за себе, но групата одминуваше, исчезнувајќи удолу по скалите како привидение. Вонвременскиот поет ја наведна главата, како да жали поради изгледот на разурнатиот Акропол, темен од вековно страдање. Рецитирањето заврши со крик и тој, како пратеник на сушноста кој ја завршил својата мисија, се упати кон скалите. Пред да почне да слегува, ја крена главата кон небото, собираше светлина за да ги роди најубавите ѕвезди. Воздухот мирисаше на живот што напира да раскине некои морави стеги и да се развие со сите убавини. Некаде од север, од многу стари планини со млада и бујна шума, стигаше омајлив повеј. Тој мирис можеше да го сети само човек упатен во тајните на вечните вредности и законитости на постоењето во наизменичните бранови на раѓањето и умирањето, настанувањето и исчезнувањето. Пајтонџијата стоеше како вкаменет, гледајќи го вториот Омир со очи на мермерен чувар. Поетот се качи на пајтонот и, удобно сместен на седиштето, уште еднаш се загледа кон Акропол. Столбовите се нишаа како јавнати од вечните сеништа на разградувањето и му го наполнија срцето со мовлив немир. Тој се накашла, лесно го допре пајтонџијата со десната рака, како да му пренесува божја помош и му нареди да вози кон пристаништето. Коњите потрчаа по улицата, небаре бегаат од кобна опасност, од која, за среќа, под извесни околности, сепак постои спас. Морето го плискаше брегот како преморен јунак кој воздивнува од претешки и сложени искушенија. Кај пристаништето имаше многу свет, турма што на мигови потсетуваше на големи собири по кои настануваат бурни и потресни пресвртници. Вториот Омир слезе од пајтонот и му плати на пајтонџијата триж повеќе одошто тој самиот побара. Човекот се збуни, отвори уста да каже нешто, но се премисли, се симна од пајтонот, му ја бакна раката, брзо се качи и ги спотера коњите како да бега. Поетот постоја миг-два како да размислува што да прави и со бавни чекори тргна кон еден мал ресторан во близината. Само што влезе и седна, му пријде една многу убава млада жена со мошне тажно лице, длабоки црни очи и срцевидни усни со боја на зрели охридски цреши. Целата беше во напир на полнокрвна младост, плодност и личотија. Тој сети како му растат зениците, го обзеде силно чувство дека таа му е мошне блиска и мила душа. Толчникот на љубовниот нагон му се замеди од немирот на нејзиното чудесно убаво тело на нимфа. И макар што се вардеше од опасноста брзо и лесно да суди и да се определува, вчасот ја посака како можен лик и дел на сушноста што ја бара. На нејзиното прашање, со што би сакал почитуваниот гостин да биде почестен, тој одговори со насмевка и, ширејќи ги рацете како залисан, речиси запеа: риба и вино. Плавно нишајќи ги бедрата, со чудесни извивки на половината и занесувања на плеќите, таа се врати зад шанкот. При првото свртување, му се насмевна и тоа беше за него најава на можна убава промена на стварноста. Само миг по нејзиното исчезнување во готвачницата, вториот омир ја виде мајка си со прекрасно лице озарено од насмевка и благослов. Некако мошне брзо за кафеани од тој вид, убавата млада жена со чудесна леснотија во движењата, својствени само на самовили, му донесе вино. Внимателно, при ставањето на чашата, по која тој пружи рака да ја подмести поблиску до себе, таа лесно го допре со врелите врвови на прстите. И се насмевна, од скришната длабочина на очите, пуштајќи го за миг во душата. Спротивно на своето поведение, не само во вакви пригоди, тој посака да ја праша како се вика, каде живее и дури дали би можел да ја види на некој друг начин, во поинакви околности. Но таа со совршено нежен јазик му пожела да се чувствува што попријатно и брзо замина, раскошно убава, обречена да владее со чувствата на сите мажи во светот. Само што сетил среќа по предпладневните искушенија, вториот Омир виде мовнато пиле под лиџбата со која младата жена си ја криеше душата. И самиот намовна, насети ново искушение, некој нов удар што може да го урне. Брзо ја крена полната чаша и првата голтка вино ја испи како да пие еликсир за моќ. Небаре истиот миг станало многу помоќно, срцето му заигра и почна забрзано да ги полни жилите со повеќе сила. При тоа чувство, вториот Омир слушна силно женско плачење на многу потресен начин. Го сјаде јанѕа дека можеби плаче убавата млада жена и дека нејзината невола е многу опасна, тој скокна, пријде брзо до една тесна врата во многу засенчен ќош, косо од масата крај која седеше и загрижен ја отвори вратата. Навистина таа плачеше, колнејќи си ја судбината на најтажниот македонски јазик, свиткана вудве, со рацете на лицето, во напор да ги одбрани својата чест и убавина. Ја пцуеше на најгадниот грчки јазик еден ќелав маж, со обесени образи и штрба уста, тепајќи ја со тупаници по главата и снагата, збувнат од свирепост како џелат што се готви да убие презрен ништожник. Вториот Омир се стрча и го фати за раката, молејќи го да ја поштеди кутрата немоќница. Силникот се стресе од недоистурена лутина, ја плукна својата жртва и небаре соопштува конечна пресуда граздаво рече дека ќе ја столчи, зашто е неблагодарна. Запрепастен, вонвременскиот поет го праша бездушниот тепач од каде му е правото да се однесува убиствено кон една толку убава млада жена. Овој го жегна со усвитена пизма и изгрготи дека тој како нејзин безусловен господар, бог на боговите, може со неа да прави што сака. На тоа, полн со праведничка сила за која тој миг беше убеден дека може да ги збрише сите насилства, неправди и понижувања, вториот Омир му нареди на злосторникот веднаш да ја ослободи прекрасната неволница. Папандреу зина да каже нешто, но истиот миг убавата жена срипа како споулавена и му се фрли на поетот врз нозете, молејќи го очајнички да ја избави. – Не оставајте ме во канџите на овој душовадник! – заплака таа пискливо. Вториот Омир се стресе и две солзи, густи како пресна крв, му се слизнаа по образите. Папандреу ги виде и отчекори назад, како деа се гади од непознатиот расплакан човек. Вонвременскиот поет си ги избриша солзите од кои како маж не мораше да се срами, се созеде, почека миг-два сосема да му стивне потресот и без објаснувања му рече на душовадникот дека несреќната жена ќе ја поведе со себе. Папандреу фифна во црвенило, небаре ќе му прокапа крв од лицето. Почна да рипа како спобудален од бес, мавтајќи со рацете небаре напаѓа и се брани едновремено. Вонвременскиот поет стоеше мирно, ставајќи му со тоа на знаење на злодејниот Грк дека нема намера да се тепа, туку дека сака на мирен начин да го надминат проблемот. Веќе зовриен од лутина, Папандреу фрлаше убиствени секавици од очите и му се закануваше на Прличе дека ќе го пеплоса. Не губејќи ја присебноста на духот, Вториот Омир му предложи на силникот да се договорат по која цена тој би ја ослободил убавата неволница. Гркот првин одмавна со раката, потоа го погледна подокливо и додека црвенилото му се повлекуваше од лицето почна да си ги грицка ноктите. Прекрасната клетница трепереше како мовнато пиле на смртоносен студ и чекаше спас од топла рака. По којзнае колку дандисани искшенија, наеднаш морничаво и клето, со срцето и умот, вториот Омир ја сфати темната судбина на мовнатото пиле, таа кревка и незаштитена душа, жртва на грабливците и крвожедните. Вонвременскиот поет го повтори предлогот и ја подигна клетницата од подот, не дозволувајќи ѝ да клечи на колена и да му ги бакнува нозете. Папандреу се изненади од постапката на вториот Омир и дебелото црномуресто лице му се наду од пизма, но се воздржа од збор и движење. – Сакате ли да се договориме или не? – му се внесе поетот во лицето, зборувајќи отсечно. – Кој сте вие? – овргали очи Папандреу. – Поет – одговори вториот Омир. – Каков поет? – свреска Гркот. – Вториот Омир, од Охрид – додаде поетот. Папандреу молчеше, а лицето му се грчеше гротескно, покажувајќи дека го тепа тешка мисла и дека пресметува нешто на многу начини. Времето почна да тропоти во ушите и душата на неовенчаниот поет, од безмерноста на траењето се одронуваа ситни парчиња и удираа во некаква невидлива мембрана. Тоа траеше како бавно умирање и откако Гркот си пресмета точно што го определува неговиот вистински интерес се согласи веднаш да состават договор и утредента да го заверат во суд. Не чекајќи да види што ќе стори и да слушне што ќе каже поетот, тој ја спотера убавата жена да донесе од канцеларијата на газдата мастило, перо и чиста бела книга за пишување, турнувајќи ја притоа толку грубо што таа за малку ќе паднеше. Брзо мавтајѓи со рацете, тој му побара на вториот Омир сума на пари со која во Атина можеше да се купи голема куќа со широк двор. Вонвременскиот поет го погледа првин решително, потем презриво и му го предложи полниот паричен износ на наградата за најдоброто поетско дело таа година што требаше да го добие со ловоровиот венец. Убавата жена се врати со неколку листа жолтеникава книга за пишување и му ги даде на Папандреу. Тој размислуваше миг-два, лицето пак му се грчеше, но сега како гладна пијавица, двапати си ја расчекна устата накај поетот како да сака да го лапне, но само вдиша воздух и нервозно ја затвори. Набргу грчевите му го изобличија лицето во огромен црвен тумор и тој ги стави листовите хартија на масата пред поетот.. – Пиши! – му се врекна и покажа кон мастилото, перото и хартијата. – Договор меѓу Георге Папандреу, Грк од Атина и Вториот Омир, Грк од Охрид... – Не Грк! – пресече вонвременскиот поет. – Вториот Омир? – Јас сум Македонец! – Нема договор! – тресна Папандреу со тупаници по масата. – А несреќницата? – Остави ги личните исправи како гаранција и води ја веднаш! Вториот Омир молневито ги извлече документите од џебот на палтото и му го тутна во рацете, како да брза овој да не се предомисли. Ја повлече жената и, речиси поттрчувајќи, ја изведе од кафеаната. Таа плачеше со потреси што ѝ идеа од најчистата скришност на битието и тој сети како душата ѝ се крева кон сушноста, вишејќи се достоинствено и занесно. Додека таа се препородуваше, од еден прозорец над влезот во кафеаната летна шарена волнена торба и бапна врз плочникот како штотуку умртвено човечко тело. Жената се сврте небаре ѝ ја вратиле одземената душа, јурна кон торбата и ја гушна како што се прегрнува родено дете по долга и мачна болест. Косата ѝ се истури врз ситната црвено-црна шара на торбата, врз која Прличе речиси ги виде растреперените раце на мајка си. Грлото му заигра како совалка низ основа на шарен ќилим, срцето почна да го бие како копан. Убавицата престана да плаче и на вториот Омир му се стори дека стои крај суштество кое ниедно ново зло повеќе не може да го унижи и рани. Тој ја погледа со восхит, сосем уверен дека е на чекор од сушноста што најубаво обврзува и сообразно наградува. Меѓутоа, речиси истиот миг, небаре под дејство на зла сила, само што испружи дланка да ја помилува по косата, таа се згрчи како нежна билка попарена од убиствена слана. Сјајот во нејзините очи згасна и трепетниот поглед откри беспомошно суштество кое не очекува ништо добро. Во трепетот на зениците ѝ се виде црна дага на страдеж и пониженост; душа подгорена од страв од нови неволи и насилства. Таа болка и тој длабок морничав страдеж не можеа да се сокријат зад сјајот на убавината. А тој само сакаше да ѝ помогне спроти темниот бескрај и очајнички ги испружи рацете кон неа да ја гушне. Таа намовна, се згрчи и занемена се вовлече во скришноста на својата страдалничка чесност и достоинство, сета во некоја болна недоумица меѓу надежта за убавина и радост и суровата закана на ново насилие и понижување. – Што ќе ми правите сега? – праша таа на трепетен грчки јазик. – Ќе Ве опеам? – воздивна вонвременскиот поет на најискрениот македонски јазик. – Вие навистина сте... – се изгуби таа во густа недоумица. – Григор Прличе. Од Охрид – прошепоти тој и залипа. Несреќницата крикна и си го покри лицето со рацете, како да се брани од удар што ќе ѝ го претвори во крвава маска. По миг-два, таа ги фати подадените дланки на својот спасител и солзливо ги избакна. Сета истрпната, гледајќи прашално дали барем малку вратила од својот долг, таа си ја стегна торбата и, како да ја сочувала единствената смисла на својот живот, почна да се оддалечува. Прличе ја гледаше немо, како што се гледа изгрев на сонце над темен видик, немоќен да ја запре и да ѝ каже што е насушна сушност на сите Македонци. – Ќе појдам до најблиската црква да се помолам на Бога за Вас – прошепна таа. Погледнувајќи го уплашено и грижно, како да гледа зла коб на неговите плeќи, таа тргна назачки. По неколку бавни и тешки чекори, таа се стрчна, небаре брза да пресретне и премавне конечна несреќа, поголема и потешка од најголемите и најтешки зла. Исчезна мигновено како привидение чие постоење е објаснето, но чија судбина небаре сепак е непоправливо несреќна. Сам и нем, Прличе седна на една клупа како да чека пресуда. Притиснат од многуметежната стварност, тој гледаше во неизвесната иднина, сакајќи да ја види, извесна и непобитна, насушната сушност на својот живот. Но стварноста беше неумолива и непобедлива па погледот и мислата, силните трепети на душата, му гинеа во ноќниот немир на морето. Тие мигови ништо не му кажуваше дека поради таа сушност во својот дух ќе падне и во затворот во Тирана. И дека ниту во темницата на занданата нема да му згасне насушната света вредност без која никој не може да биде достоен за божја милост и правда. Но елбете му било речиси совршено јасно дека тешките искушенија ќе продолжат и дека маките од борбата за насушната сушност ќе стануваат се потешкии и посложени. Ни по сто години мислење, Франц К. не успеа да си разјасни зошто е на Балканот опасно и болно да се биде Македонец. КАСИУС КЛЕЈ И ЌЕЛАВИОТ ЗМЕЈ Враќајќи се од Цариград, или како што уште го викаат Стамбол, каде одвај успеа да го победи најголемиот човек на Мала Азија, злогласниот и грозен јаничар Али Караќор, пеливан од прастаро змејско колено, апсолутниот светски првак во бокс Мухамед Али, муслиман, порано Касиус Клеј, католик, а од раѓањето до ден денешен непрестајно американски Црнец, сосема ненадејно наврати во Робово, по многу нешта најчудното селце во цела Македонија. Токму кај Црна Мера, спроти Карабурот, таму каде змиестото џаде гине во длабоките урви карши гробиштата, лимузината му се заринка во пепелав песок и моторот вчасот се загуши како дамлосан бивол во суво мочуриште. Клеј силно удри со главата во железо обложено со мека пластика и од тоа му се стемни пред очите, небаре покојниот Листон недоапица се повампирил и свирепо го треснал по брадата. Го стресе жешка треска, врела вртоглавица му го смати погледот, смрдливи матоци му се разлија под грлото. За среќа, несвестицата лечко му мина, но во најсветлиот простор на мислите и чувствата му останаа чудни петна и пукнатини. Гневно го изгрди возачот, што избрал лош и опасен пат, ги турна менаџерот и тренерот и како налуничав потрча кон малото купче куќарки, притаени под подгорени трепетлики, опечени грнички и жални врби среде сушното Поле Струмичко. Воздухот гореше над нивите, сиреч денот ќе изгори и сонцето никогаш повеќе нема да светне на небото. Клеј гореше од жестока жед како по исцрпувачка борба со цврст и безмилосен противник, среде пустина, на пука пладнина. Штом ги мина распуканите селски бавчи и прескокна неколку разурнати сарајчиња, ја здогледа чешмата, на слатинестата тумба, пред црквата. Имаше многу луѓе, сновеа по жегата, сиреч се тетеравеа, како добиток околу секнато поило. Клеј безумно јурна, гаили плетови турна, се втурна во турмата и зазбиван лапна една шепурка, како прежеднето малаче млечна цицка. Јазелот на гркланот молневито му се зализга горе-долу, сиреч го обзел натприроден нагон да исцица некаква недосежна лековита вода, скриена длабоко под земјата. Пиеше грчевито, потпрен со лактите врз поткопаната ограда, наликувајќи на црно животно, ептен балдисано од незгаслива жед, претворена во морничава закана на тајна и зла сила. Тешката и густа вода со мирис на ќуќур, матоци и мил, наеднаш му стежна под лажичката, како да испил смрдлив отров. Штрепна, лицето му се искриви од болен грч, небаре вчасот открил страшна измама, се исправи како попарен и со вжарени очи, запалени од темноцрвен сјај на сушно зајдисонце, се впули во чешмата. Поднаведнатиот пехар, напукнат и обраснат со жолта мов, како гнојлива краста, налик на престарено, грбаво и лишаво сениште, што на главата одвај додржува камено ведро, од кое истечуваат девет жолтосани ниски вмигот го потресе со морничавата смисла на својот жалногрозен изглед. Иако порано никогаш не ја видел, Клеј истрпна и длабоко во душата, таму каде болното се гледа секогаш, ја здогледа сета изгубена красота на чешмата робовска. Леле колку беше убава, асли мермерна самовила со бисерна круна на главата, сребрени плетенки до петите, везден, саноќ залисана од личота, бујност и овежина. Над белиот пехар, нескротливо скока воден блик, како неуморлив змеј вљубен во небото. Околу виткиот врат на самовилата се извила бујна лоза, натоварена дрочни гроздови, а по венецот се сплеле разиграни аждерчиња, од чии детски устиња шурти бисерна вода, небаре до таинствените длабини на земјата бие сребрен извор што никогаш нема да пре-суши. Но, ете, чукнал тажен час, гровнала некогаш за приказ личната камена става, папсале градите, секнале жилите и сега само солзи горчливо, небаре нечујно си ја оплакува убоста своја и младоста. Чекорејќи бавно како дамлосан, Клеј мачно се оддалечи кон целинката пред црквата, сиреч сака да побегне од болната маѓија на чешмата, Таму, се испружи во сенката на трепетликите и немо се вгледа во трепетното синило над себе, чувствувајќи ја едновремено тврдата и вргава почва под себе. Одеднаш се сети очајно дребен, немоќен и речиси наполно бесмислен меѓу тие две сили, во чиј вечен опој од дамни дамнини непрестајно настануваат и неизбежно исчезну ваат сите поколенија на човечкиот род, сосе мислите и радостите, лагите и тагите, надежите и страдежите, како страшна игра на природата, без јасен почеток и насетлив крај. (Што е моќта на човекот во споредба со тие безмерни сили кои и најголемиот јунак го по бедуваат уште пред да се роди?) Се собира свет околу него, го гледа љубопитно и со чуден немир. На едни им личи на Црна Арапина, на други на катраносано сениште од најтемното дно на пеколот, трети се пулат во него како во незнајно божество со огромна моќ, четврти овргалиле очи над негови фотографии во пожолтени весници како над древни икони на светец чудотворец. Шепотат за неговите подвизи и непобедливоста: имал девет срца ајгарски, по четири под секоја мишка и едно, големо, среде градите; катаден, наутро, напладне и навечер, пиел по една врчва мед и млеко и благ сок од волшебни билки, та затоа бил посилен дури и од змејовите во сказните; Листон бил голем и тежок кахо лагадински бивол, арно ама кога Клејче го треснал по чурилката, го исфрлил од рингот како арар наполнет трици и колчишта; само Марко Крале, да бил случајно уште жив, би се решил можеби да му излезе на мегдан... Сонцето безмилосно истура оган врз подгорените тополки, покривите тлеат како усвитени вршници, треперат жалните врбички налик на седобрадести сеништа.Клеј ги гледа луѓето, во заслепителниот сјај на вжареното пладне му се чинат несфатливо клети, чудни очајници. Сека брчка на нивните лица, сека рана и пукнатина на вкоравените усни, сека лузна, длапка и струпка на тие од страотен оган прегорени суштества е морничав белег на ужасен страдеж од безмерна немоќ. Им се втирува во зениците загорени од долготрајна и сурова жед по разбранувани жита, росни ливади, зеленокадифени рудини, бујни и неизодни кории, лозја залисани од благи сокови, дрочни јаболка, круши, дуњи и калинки, круши, дињи ем лубеници. Божева убавина од црна суша изгорена. Трепка Клеј пред тие очи маченички, се ежи од болната смисла на изгорениот зелен копнеж меѓу гурелавите и запечени клепки, како показ што вџасува со претешка вистина, од која му се замати и најблескавото огледало на силата и славата. Истиот миг, врела магла му потемне едно мигновено сеќавање. Од синкавата коприна на изминатите години светна модриот венец на Бистра Планина. Укит се прснал по боровите кории, како златеста наметка од седеф и месечина. Меѓу високите залисани стебла се спровира тенка патека, попрскана со густ искричав скреж. Месечината трепери во безбројните кристалчиња, живо и таинствено одблеснува во очите на Клеј и како магија го преобразува пејзажот во чудесна визија. Полн сила, млад и здрав, тој восхитено чекори по ѕвездениот ќилим што му се раздиплил под стапката. Одот му е овечено нечуен, како скришно навлегување во друга стварност, возвишена и божествена. Сè е тивко, сиреч залисано и маѓосано, како во волшебен предел во кој времето стои и восхитот не минува. И кога се врати во прекраониот хотел сè околу него блескаше со божева сјајност. Му приоѓаа милно извиени самовилки со млечни колкови и напупени гради, му подаваа румени устенца како зрели горски јаготки, ѕвезди деници им беа очите, утринско небо образите. Му плетеа меки рачиња околу вратот и половините, го мазнеа како вљубени лебеди, а тој бленуваше и нежно ги поттурнуваше, бакнувајќи ги бегло колку за утеха и ветувајќи им дека штом стане шампион на шампионите ќе им ја подари сета своја божествена мажественост и убавина како најсвета метафора. Потоа долго се капеше во миризлив сок од толчници на јаболков цвет, а надвор, среде зима, буеше едно сочно билје оплодено со растопен шеќер. Восхитен од неописното чудо, заспа на поленова лулка од млада месечина сред бескраен топол лазур, камо семоќно и неранливо суштество, сиреч бог и човек заедно. И ни на крај памет не му падна помислата дека месечината неизбежно ќе зајде, ќе се угаси и ќе дојде зла ноќ во која ќе сони столетен даб во срцето, старо дрво со подгорен корен, на чија најдебела гранка закачиле лута секира. Клеј длабоко воздивна и студен грч му ги стегна градите. Рипна како уплашен од змија во пазува и не обрнувајќи ни најмало внимание на молбите на шоферот да продолжат накај Струмица, влезе во црквата. По него, изненадени, втрчаа попот и клисарот, да му ги протолкуваат иконите и фреските, но тој одмавна со раката и остана сам во тешка недоумица, испишана со длабоки брчки по челото. Бавно зачекори покрај старите ѕидови, мрштејќи го лицето како да се мачи да открие нешто безмерно значајно во сликите на древната градба. Се втири во секоја фреска и икона, се вгледа во испиените и шилести ликови на светците, во нивните широки чела и крупни очи од кои избиваа чудни погледи, полни со умор и темно сожаление. Го менуваше аголот на набљудувањето, лесно и не трепнувајќи се подместуваше за да провери да не е случаен впечатокот, но во секој миг од втренчените очи на светците извираше недвосмислено тешко сочувство и длабока тага. Клеј се стресе, се збуни и сети тап удар под грлото, небаре одненадеж нашол црна потврда на својата најтешка недоумица. Се обѕре околу себе како да не верува во постоењето на иконите и со поглед во кој согорела некаква зелена надеж, тргна накај излезот. Чекорејќи нечујно, небаре се плаши да не ги разбуди заспаните духови на страшната смисла на стварноста заробена во црквата, заобиколи еден црносан свеќник со дебела но веќе сосема стопена лоеница. Притоа се стаписа пред тој призор, симболиката на свеќата му го искина здивот на ситни горчливи парчиња. Се збрка како човек кој одненадеж сфатил дека тргнал по погрешен пат и нема време ни сила да ги избегне опасните последици од грешката. Но вчасот, како во несфатлива игра на надеж и безнадеж, во која несакајќи влегол некогаш за да не излезе никогаш, растреперениот поглед му слета врз бели сапи на силен коњ, скокнат над голема огнена ламја, во чија пламена челуст неустрашив јунак забил остро копје. Пред таа страотна сцеиа здивна олеснително и веднаш почувствува како во жилите му се подигаат сокови на пролетно пробудено дабје, што со коренот досегнало непресушни извори и бујно развива, полнејќи го небото со својата убост и величественост. Постоја миг-два, да провери не почнала ли под тој блескав напир да се пласти морничава сенка на страв од подмолна слана. Чувството беше сигурно како некогаш, пред првото влегување во рингот, кога почна времето на триумфите и славата. Потоа се сврте и со свечен чекор на човек кој отфрлил црно предвестие на безизлез, излезе од тивката црква. Молитвата што сакаше да ја прошепоти пред олтарот, молба до небото за помош и поткрепа, ја задржа во себе. Тргна накај чешмата озарен од блескаво сознание дека е доволно силен, умен и опособен сам да си се справи со неволата. И поради тоа стана пожив, со тивок сјај на безгрижност и скришна насмевка на лицето. И луѓето наеднаш му станаа помили и поблиски, сиреч сосема сродни. Ги бакнуваше децата и старците, ги гушкаше момчињата и девојчињата, зборуваше брзо и енергично, стегајќи ги непрестајно силните големи тупаници, како да ое заканува на невидливи душмани на човештвото. Така развеселен, тргна накај Црна Мера на сеир, да гледа ѓуреш. Околу него брзо се создаде огромна толпа, сите сакаа одблиску да го видат, да му го слушнат гласот, да чекорат покрај него, небаре ги маѓепсал со тупаниците. Одејќи среде толпата, се почувствува како силен и мудар водач на слаби и немоќни, кои од него очекуваат избав и спасение. Со такво чувство стигна во долните чаири на Црна Мера и првото што го виде беа русалиите. Малку подалеку од недогледната турма, иебаре не играат за гледање туку по некоја своја, необјаснива и неизбежна потреба, дружно подрипнуваат, чудио се свртуваат, клекнуваат и на колена паѓаат. Дваесетина мажи, во бели ленени гашти и антерии, со алови поја-си стегнати во половините, кренале сабји и косери, напнале раце и вратови, бијат некаква таинствена битка, чија смисла и цел само тие ја разбираат. На гордо подигнатите чела им блеска чудеана храброст, од длабоките и крупни очи им бие срчен поглед, во чекорот им се набрала темна сила, земјата чиниш се стресува. Таланот им ги бранува градите, крвта им плиска во жилите, јунаштво им го запалило срцето, небаре на мегдан излегле, стоглава ламја да ендисаат. Има во нивните цврсти и отсечни движења челична непоколебливост, сабјите како молскавици им се виорат, блескавите врвови се забиваат во некаква невидлива но јасна цел, а тапанот сè посилно бие, гајдата сè потенко и повисоко свири, се преплетуваат чекорот и звукот, се слеваат во гордост и надмоќност, во чудесно победничко достоинство. Клеј немирно ги гледа русалиите, го лови секое нивно движење и поглед, трепери од возбуда, небаре сосема вникнал во смислата и симболиката на нивната убава тешка игра. И блиска ја сетил, сиреч своја, од најнезнајни претци во наследство оставена. Ги рашири рацете и вчасот се нареди меѓу играчите, цврст во чекорот и смел во ликата, сиреч митски мегданџија против злото и маките на векот и луѓето. И сети како му крепне раката, му јадрат туланиците, му се надигаат градите како дабова корија по летни дождови, го обзема сила и решителност, како во годините кога без мака ги искутка Листон и Патерсон. Тој час, среде турмата, грмнаа пет чифта други тапани и во небото летна големо јато зурли, воздухот топло се залелеа, почна ѓурешот. Престана играта на русалиите, стивнаа алваџиите и бозаџиите, молкна народот, сите очи се свртеа кон пеливаните. Изненаден од промената, како подмолна завера против неговиот русалски занес, Клеј се проби во првиот ред гледачи, распоредени во широк луб и виде чудна глетка: едно витко, мускулесто момче, со силни раце, цврсти нозе и жилест врат, плеска со дланките и кочоперно рипа околу пеливаните, лепнати на сувата трева како балдисани јунчиња. Одвреме-навреме, кочоперното фрла остар поглед кон нив, како да мери колку ги исплашил и диво, некако фркливо како рис, ги предизвикува на борба. Тие, обесиле глави, одмавнуваат со рацете, жално помирени со својата увредлива немоќ спроти него. Но момчето е упорно, им плази јазик, се губи како баба, кашла како дедо, небаре страсно ужива во унижувањето на послабите од себе и нивната посраменост ја пие како најблаго задоволство што човек од човека може да го очекува. И навистина, тажно клети и долни се чинеа најпеливаните, дури и на Клеј му домачне. Весели сеирџии се провикаа: "Ур, Змејчеееее!" Одненадеж, кочоперното ѓаволесто се сврте накај Клеј, посилно заплеска со рацете и подрипнувајќи како збеснето ждребе ги надвика тапаните и зурлите: "Еј, Клејче, брееееј!" Во неговиот глас имаше дрзок и навредлив предизвик и на Клеј му збабреа жилите околу грлото. Вчасот ја фрли кошулата, немо ги турна тренерот и менаџерот и гол до појасот, мазен и мускулест, истрча пред непознатото момче. Му пристапи на половина чекор и продорно го погледа, чиниш ќе го прониже. Градите брзо му се дигаа и спуштаа, ќе речеш нагло вдишува воздух од некое друго небо и од тоа станува посилен и поубав. Јазлестите раце му набрекнаа како млад дабов корен и очите му се запалија со чуден блесок, небаре не е обичен човек, туку јунак над јунаци од пеоните и сказните, во светот пуштен за восхит и славење. Народот вчасот занеме, штама го зали лубот од луѓе, среде кој, еден спроти друг, сиреч си мислат најгрозно зло, стоеја црн и бел човек, олицетворенија на две спротивни сили, од векој в костец фатени. Молкнаа и зурлите и тапаните, дури и воздухот стежна од исчекување, небаре од исходот на борбата помеѓу белиот и црниот пеливан зависи судбината на човештвото. Одеднаш младо и силно машко грло ја расцепи тишината: ,,Дрш' се, Змејчееееее!" Момчето се стегна, ги наду градите, ги напна мускулите и вратните жили, нозете сафи врги и јазли му станаа: "Ајде, Клејчееееее! Оооопаааа!" Клеј молневито се втурна кон Змејчето, страшно ги подаде рацете да го зграпчи и веднаш да го тресне од земја. Но момчето вчасот ја насети неговата подмолна намера и брзо одрипна како мунгос пред најлута кобра. Клеј се занесе и онака крупен и тежок одвај се задржа на нозете. Змејчето ја искористи ука-жаната прилика и секавично му се фрли на плеќите. Му ги стегна рацете околу градите и Клеј почувствува бол на пукнато ребро. Нагло се сврте околу себе, сакајќи да го отфрли момчето и заличе на дебела црна мечка, која бесно се обидува да отфрли од грбот неустрашлив и јак шарпланинец. Змејчето сè посилно и поцврсто го стегаше, рацете му беа неверојатно силни, како челично менгеме: камен да стиснеше — каменот ќе писнеше. Клеј искркоре болно, му се искина здивот и како црвени партали му се разлета пред очите. Избезумен од бол и гнев што се нашол во срамна и понижувачка положба, продолжи да се врти побрзо, но од тоа наеднаш изгуби рамнотежа и како иресечено стебло се кутна на земјата. Момчето секавично се отпушти и го прерипа како млад елен црн ќутук нагниен. Потоа почна да поигрува околу него, лесно ѕенѕајќи де на левата, де на десната нога, како во занес чии таинствени убавини ги вкусила само неговата млада и силна душа. "Опа, Клејчееее!" крикна гордо, победнички. "Браво, Змејчееее!" се заори од сите страни. Клеј скокна како попарен и несигурно стоејќи се обѕре околу себе, како да проверува колку очи го виделе паднат на земјата и посрамен. Инстинктивно го подигна рацете, ги стегна тупаниците и осветнички ги устреми накај момчето. Но тоа не се уплаши, надмоќно го погледа и молневито му се втурна меѓу раширените нозе, неверојатно лесно го подигаа на рамената и силно го џитна, како лишав дабов трупец. Клеј одлета неколку чекори далеку и болно трати на сувата трева, за малку ќе се расцепеше како балка тиква нагниена. Писнаа зурлите, тенко и лелејно, некако тажно, како плачни писоци од рането срце, а тапаните ступотеа како офкање што избива од длабините на најболната и најневолната душа човечка. Притрчаа тренерот и менаџерот, го подигнаа својот јунак од сувата земја и му нринесоа студена вода да се исплиска. Челото му беше наросено од матна пот, лицето му го беше прелила боја на гнила круша. Шоферот брзо му ги истри вратот и плеќите, тренерот нешто му шепна на увото, менаџерот утешно го потапка по рамото, тажно чекајќи да му се избистри погледот, да му се смират колената и да му се засили здивот. Безброј очи го гледаа со горчлива тага и болно сочувство. Имаше во тие искрени погледи болен пад од светлиот врв на гордоста во најдлабокото дно на немоќта. Трепкаа како заслепени од жестока и свирепа вистина за својата судбина во стегите на безмилосната логика на природата. Клеј сети огромна вина на измамник што заслужува најгрозен презир и како во болен занес, чии правила сосем му ја покориле волјата, си ги стави рацете на половините и како мрднат од умот почна да степува, сиреч се вратил многу години назад, во времето кога така ја испитуваше храброста на противниците во рингот. Подрипна пет-шест пати, подѕипна и заклинка уште толку, но не успеа да ги усогласи своите движења во складна и правилна игра, зашто од сите танци знаеше оамо за ѕенѕање без хармонија и убавина, за инстинктивно бегање од подмолни удари и жесток бол. Момите вчасот окикотеа, децата ѓаволесто заврескаа, ергените како ајгари завискаа, зашто крупниот црн човек, славниот светски првак во бокс, јунакот чии фотографии ги објавуваат сите весници во светот и кого со почит и уважение го примаат и претседателите на најголемите држави, беше несмасен и тежок, во смешна улога на будалест кловн со спетлани нозе. Сал момчето што го победи, тој Змејко од Самуилово, стоеше како трештено, ептен невесело и саштисано, небаре неразумно, по грешка и сосема не сакајќи, сторило ужасно зло. И навистина, Клеј пак се струполи пред неговите нозе, сиреч сега силните удари на тапаните го урнисаа, никогаш повеќе да не се подигне. Избезумените придружници вчасот го кренаа на бело носило и брзо, како да го крадат од најкобно ропство, го понесоа накај автомобилот. Клеј болно се извиваше и јачеше, ударите на тапаните безмилосно му паѓаа под ребрата, како претешки лостови, свирепо го биеја по жилите, слепоочниците и слабините, бездушно го кинеа и разединуваа. Од нивната демонска силина се тресеа дури и неговите речиси заборавени спомени, се кршеа како стакло и му се распрчкуваа по мускулите како остар грч. Се залула сето негово време, сета негова свест за сè што правел и му се случувало и сè се мешаше и преплетуваше, се замрсуваше, крајот да не му се најде никогаш. И во сјајот на предвечерното сонце темнееше морничава бесмисленост на денот, како страшен знак на најболна душомака, а тапаните грмеа, душмански рикаа: даа! даа! даа! Клеј мораше да остане во болницата во Банско цело лето. Лежеше на бела постела, неподвижен и тежок, црн-црносан како дабов ќутук в сува река. Небото над Беласица се палеше наутро, се усвитуваше напладне, пеплосуваше навечер, а од сите села струмички, и од Неврокопско, Џумајоко, Разлошко, Пазарско, Воденско, Кукушко, Битолско, Дебарско, Тиквешко, Кумановско, најмногу, се разбира, од Робово, непрестајно се слеваа недогледни редици загрижени добродушни луѓе, со разни понуди и искрено сочувство за жалникот од Америка. Ое трупаа околу болницата, оставаа купишта јаболка, круши, сливи, кикирики, баклава, сусамлија алва, симиди, наутлии погачи, баница, сарајлија, кравјо и овчо сирење; печено јагнешко и пилешко, дињи и лубеници и најповеќе, како по обичај или премолчан договор, жолти дуњи, суво грозје и портокали. Клеј немо го набљудуваше тој метеж, со нејасно чувство дека сето тоа што се случува нема и не може да има директна врска со неговата невола. Но луѓето сеедно си доаѓаа, како да немаат број, ни нивното сожаление крај, огорчено шикајќи ги чавките и гавраните што во огромки јата слетуваа пред болницата да колват грозје и лубеници. А Клеј се помалку и помалку успеваше да се одбрани од страшната вистина за својата тажна судбина. Ноќите во Банско му беа неверојатно долги, ужасно бавни и растегнати, како црни пустини врелина од нигдина до нигдина. Се мачеше да заспие, да си ги одмори запалените очи, тешки од претешката смисла на настаните и болни од болниот изглед на стварноста. Понекогаш и успеваше привидно здраво да заспие, но и во сонот продолжуваше да гледа, чувствува и страда. Страшни соништа, како повампирени фатаморгани на потовеста, извираа од некои таииствени и безмерни длабочини, според своја неприкосновена законитост и непредвидлива логика. Рипка тој на пурпурен ринг, меѓу бисерни јажиња како златести плетенки нл најубав ангел, сиреч се искачил на највиоок божествен престол, залисан од сила и здравје, како митски убавец. Огромни рефлектори, асли силни сонца, штедро го поливаат со златен сјај и воздухот му блеска како ореол околу прекрасната аполонска глава. Но одеднаш, како на измама, тивко се гаоеше таа чудесна светлина и божествениот сјај се претвораше во густа прашина, мирис на испотени луѓе, чад од безброј запалени цигари и темна пајажина, распната открај-накрај просторот. И, едновремено, како по строг и неодминлив налог на најзла сила, извирнуваше едно чудовиште, како остарен змеј со гнојливи слепоочници, сплескан нос, искривени вилици, расчекната штрба уста и надуени жлебини. Се подигаше на ковчести прсти со долги сиви нокти, сето морничаво и грбаво, налик на сув сончоглед со огромна глава. Креска налуничаво, вреска ветерничаво, чиниш лелека и се клкоти, не знаеш се смее ли или проплачува, а се некако со злобна закана и свирепост. Клеј вчасот здивуваше, ги подигаше блескавите ракавици како молскавици, ги напнуваше рацете со страотна сила и се втурнуваше кон змејот безмилошо да го раолердуши. Но чудовиштето на волшебен начин вчасот исчезнуваше, оставајќи му мачнотија во душата и вртотлавица во црнките. Клеј крикнуваше од гнев, срипуваше од креветот, како од гроб, и тетеравејќи се одеше во бањата да повраќа лигави лилјаци. А таму, во огледалото, намаглено од болни воздишки, неизбежно гледаше една сосема чудна стварност, грда и морничава, дури страшна и гротескна, и од тоа редовно го заболуваа вилиците со безброј црвојадни катници и очници. Над искривеното лице, сиреч карневалска маска, обраснато со сива мов и пепелави веѓи, како слама што наизменично ја плискал дожд и горело сонце, се наежила ретка коса, чиниш барска трска и шамак, врз кои ветровито невреме нафрлило густ првут од сува мил и побелен окрек. Речиси вџашен од глетката почнуваше безумно да се удира со рацете по главата, надевајќи се дека ќе ја истресе проклетата пепел од лицето и косата. Прстите молневито му летаа од челото кон тилот и назад, но сивилото не паѓаше, небаре беше сраснато со кожата и влакната како нова боја што ги изедначува живото и мртвото во безбојно непостоење од тоа, уште посилно му се матеше во главата, а очите му се издолжуваа со по две матни продолженија во брчките накај ушите. Долго се полеваше со студена и топла вода, се триеше со миски сапун и ленена мијалка и не забележуваше дека меѓу прстите му остануваат сиви валма и над слепоочниците му блеснува мазна ќела, како чело на нова боксерска ракавица од дванаесет унци. А болот во натечените жлебини му растеше како ужасеи вулкан до расцепување на земјината топка на две црни полутици. И, така, ката ноќ. А последната, Клеј се разбуди уште пред мугри и како споулавен втрча во бањата. Само што влезе, се увери дека сонот не го излажал: до огледалото, со кренати тупаници пред брадата, стоеше змејот, морничаво злокобен. Имаше голема ќелава глава, асли излижана боксерска ракавица, подигната за подмолен удар во слепоочниците. На Клеј вмигот му окипна крвта во жилите и клетките, небаре му чукнал најсудбоносниот час во животот. Веднаш и без милост замавна со левата рака; тупаницата секавично му летна кон целта, но змејот волшебно се заниша и лесно го избегна страотниот удар. Клеј се занесе и со сета тежина на истрпнатото тело бапна во кадата, како во мртовечки сандак. Спрета како ошумоглавен бивол и зазбивтага остана неколку мига потполно неподвижен. Змејот злокобно се нишаше лево-десно, напред-назад, подрипнувајќи пеливански, вртеше со тупаниците и се клештеше, како да го маѓосува и понижува.. Клеј трескавично се обидуваше да се сети за најпрецизните директи и најсилните аперкати, за најстрашните и најнепогрешливи замавнувања, со кои некогаш лесно ги куткаше сите свои про-тивници. Мислите му блеснуваа како секавици на темно бурно време, се преплетуваа и замрсуваа, болна бесмисленост стануваа. Змејот подбивно крескаше: "Дрш'се Клејчеее!" и плазеше сиво јазичиште, како јаже за бесење. Клеј жгрибна со забите и згрчен од 'рскав бол во зглобовите и мускулите, мачно се извлече од кадата. Во главата му летаа густи јата лигави лилјаци, од нивните бодликави крилца му зуеше воздухот во ушите. Но тој сепак успеа да ги подигне рацете, направи еден вид полуотворен контра-гард и дури потскокна пет-шест пати. Змејот презриво се насмевна, престана да се ниша како кобра и со обете раце му покажа шипинки. Клеј сосема збесна и безумно се втурна кон него, удирајќи го страотно по сувата става и ќелавата глава. Но и похрај тоа што силата на ударите речиси не беше обична, човечка, туку натприродна, сиреч божја, Клеј не успеа да го кутне сеништето. Тупаниците молневито му прелетуваа низ телото на змејот како низ редок воздух, не наидувајќи на отпор од живо ткиво, небаре противникот не постои, а ударите се бесмислени. Клеј силно се задиша и подзастана, а сеништето беше повеќе од очигледно стоеше пред него како морничашо олицетворение на најужасна сила свртена против најсилниот и најбожествен претставник на човечкиот род. И зајадливо го провоцираше: "Ајде, Клејчееее!" Иако тренерот безброј пати го советувал да не наседнува на провокации, Клеј се избезуми од гнев, вилиците му пукнаа од стегање. Дури и замижа. Но и под склопените клепки го виде змејот како подбивно се клешти пред огледалото и, сметајќи, белжим, дека Клеј е во тежок нокдаун, злобно си ја истегнува раката да го потегне за носот. Мигот беше идеално поволен за изненадување на противникот и Клеј ненадејно но секавично замавна со десната рака. Тупаницата, во која беше сета смисла на неговиот живот, сега навистина летна побрзо од молња и страотно го трешти сеништето по чурилката. Одекна болен крик, ноќта чиниш ја искрши на парампарчиња и морничаво се разлегна под Беласица. Змејот вчасот исчезна. Клеј не го виде ни со отворени очи. Огледалото на ѕидот го немаше, ситна срча блескаше по подот во кадата и умивалникот, сиреч сите ѕвезди од небото паднале и разбиени се распрчкале под неговите нозе. Миг потоа, дотрчаа саштисани болничари. Клеј ги дочека со подигнати раце над главата, во поза на величествен победник, и без збор се согласи да го одведат на анти-допинг контрола. Во една теша собичка, со решетки на прозорчето, болничарите брзо утврдија дека Клеј не користел недозволени стимулативни средства. Срдечно му честитаа и додека снисходливо му се извинуваа, правдајќи се со некакви наводно престроги пропозиции, тој се смееше со запалени очи, како човек кому му било судено никогаш да не разбере дека по– меѓу божевото и божемното никаква разлика нема. Дури во доцна есен Клеј ја капушти болницата во Банско. На пат за Америка, го заобиколи Робово, иако беше речиси сосема здрав, сиреч како пред неволјата. Си немаше повеќе работа со змејови, го заборави дури и виетнамското сениште, сето пијавици и комарци, во смрдлива униформа на очаен американаки војник. Исчезнаа и змејовите во форма на дебел судија, со восочно лице и пеплосани очи, и свиреп затворски чувар, со црн синџир закачен за 'рскавицата на носот. И се чинеше дека му се обновува младоста и како божество го крева над сите зла и војни и сите темни зандани. Сал една мака си имаше: насоне чекореше по Црна Мера, нозете до колена му пропаѓаа во жолти дуњи, суво грозје и портокали. И брзо се заморуваше, душата му доаѓаше во забите. А забите му беа – вештачки. ВОЗ ВО СОНОТ С. се враќаше од издолженото гратче на јужната граница на својата земја која беше толку мала што немаше речиси никаква разлика меѓу север и југ и исток и запад. Тој тоа го забележа заедно со едно свое друго чувство, според кое и неговиот живот беше толку мал што почетокот и крајот му беа речиси залепени. Патуваше со воз, низ зимска ноќ, во темнина среде која и снегот што врнеше и се беше нафатил по дрвјата, камењата и тревјето беше сенишно валкан, дури црн. Се враќаше од скромна свеченост на која беше фалена неговата најнова книга за измислената убава душа и реалната грда судбина. Беше исполнет со умор во кој се губеше смислата на сè што беше направил и му навеваше студен дремеж. Пред да заспие, го зализна куса, морничава помисла: "Можеби така се умира". Возот дранготеше во бескрајна тишина и звуците стивнуваа во темнината што му создаваше впечаток дека движењето е лажно. Дранга-друнга, дранга-друнга, дранга-друнга, во ноќта и душата, во умот и зимата. Во С. го пробуди силно тресење на вагонот, со удари што се пренесуваа како далечно ехо и крцкање што наликуваше на кршење суви дрва. Низ прозорецот што му заличе на големо, од некаков очај насолзено око, ја виде станицата под чудесно бел и нежен снег, над кој исчезнуваше ретка пареа како здив на премален човек. Пред да излезе од купето, се сети за еден многу осветлен сон, сиот во бели, кружни рабови, во кои се гледаа слики на непротолкувана судбина. И во сонот беше сам, лебдеше како чиста душа, без тело, без свест, без потреба, без движења кои наликуваат на секојдневните. Помисли на смртта, на некои можни пројави и ситуации од оној свет, но дранготењето на возот се слушна и од сонот и му направи смешен грч на лицето. Скокна врз невината белина на перонот, снегот скрцка како да се заканува и му плисна трпкаво студенило во жилите. Потрча кон станичната зграда, спомнувајќи ја немоќно, по долго време, мајка си и слушајќи го во себе возот: дранга-друнга, дранга-друнга, дранга-друнга... Во чекалната имаше малку луѓе и сите изгледаа како да се на крајот од светот. Кога му се стори дека малку се стоплил, излезе на сосем празната и тивка улица и тргна кон дома, орајќи го навеаниот снег. Ја подигна главата кон снегулките што паѓаа во густ рој, небаре бескрајот се спушта и го вовлекува во себе. Сети ладно ежавење од белата сенишност на снегулките, дух што се намножил во безброј ситни кристали и го претвора светот во студена нестварност. Се движеше бавно, како да чекори по многу несигурна и неизвесна подлога што со злокобен крцкот одвај го задржуваше да не пропадне во бездна. Почувствува нагла потреба да ја провери стварноста во која се најде споредувајќи ја со некои од новите и старите доживувања со сè уште недоутврдени значења. Како исплашено, сеќавањето почна нагло да ги враќа првин настаните од издолженото гратче. Со сјај на вино во очите, домаќините му наздравуваа за уште многу нови дела, прорекувајќи му и големо богатство и светска слава. Ги слушаше како идиот што ќе се онесвести, но сепак нивните зборови имаа мошне пријатен одек во една светла, со возвишена смисла и господско достоинство исполнета перспектива. Дури му се стори дека неговата вкупна лична вредност досега некој пресуден појас на бесконечноста, дека е вонвременска. Таму, негде, во најсветлото, ги виде своите деца како многу среќни личности, далеку од секое зло и мака на телото и духот. Во тишината што снегулките ја симнуваа од небото се слушаше само крцкањето на снегот и дранготењето на возот: крц-крц, дранга-друнга, крц-крц, дранга-друнга... Тоа му создаваше чувство дека има уште многу време за најважните дела, дека барем едно од нив сигурно ќе стане познато во цел свет и ќе му ја промени судбината во божествена. Одвај чујното шушкање на снегулките по палтото и косата просто му заличе на шушкање на хартии од вредност и на готови пари како авторски надомест од разни страни на светот. И виде голема куќа, сета во снежна белина и бујни евли, како од бајка. Во пространи и светли соби, со широки маси и скапи книги, крај компјутери и музички инструменти, пак ги виде своите деца како личности од целосно среќен свет. Убавината што ја призираше волшебно го уверуваше дека нема да пропадне под белината и дека тоа што го гледаше во себе, само по кусо време, сигурно ќе биде стварност. Целото човештво во тој миг беше топло свртено кон него, полно со нешто пријателско, дури вљубеност во неговото дело, како да сака да го гушне и да му ги подари сите свои вредности. Во тоа се изгуби грдото и непријатно значење на фактот што, инаку љубезните домаќини, не му дадоа никаков надомест за искористувањето на неговата личност и дух. Но токму спротивното владееше со него со деспотска сила и гротескно уништожување на сушноста. Одеднаш забележа дека дранготењето на возот не се слуша и дека крцкањето на снегот е потивко. Си ја виде и сенката, куса и накривена, како дамка во белината и сети секлив мраз во нозете. Речиси непредизвикан од јасна причина, истиот миг го заслепи рефлекторот над телевизиската камера кога му го доделуваа "Признанието”. Во тој дури свиреп блесок согоре сета занесна смисла што ја создаваше неговото дело, сосе него самиот. Веќе наредниот ден немаше ништо од таа толку поттикнувачка стварност од повисок ред. Чувството му личеше на студена светлина што открива безначајни подробности. Со измамен дух, стоеше во осветлен круг и сè она што беше достоинствено и вредно се губеше во некоја бескрајна темнина што не може да ја побелат ни најбелите снегови. Стоеше како јагленосан во светлиот круг што се намалуваше, а настаните му се враќаа сè позбиени и поостри, налик на сечила што го пробиваа срцето. Бргу му се стори дека е тивко, дури мртво, како на лоша слика. Сè беше обземено од морничава изнемоштеност што нему му значеше конечна безначајност. "Можеби така се умира”, го стрелна пак необичната помисла и му се стори дека не ќе може да мрдне потаму од светлиот круг во кој се наоѓаше. Светлината мигновено се претвори во мала соба со тесно претсобје, полна со книги што безуспешно го објаснуваа несреќниот и среќниот човечки живот. Со прекрасни лица во сонот, како маѓепсани од подмолно убава бесмисленост, меѓу куповите книги спиеја децата. С. штрепна од глетката и, небаре извирнува од трпкаво бесознание, пак го слушна дранготењето на возот во душата: дранга-друнга, дранга-друнга, дранга-друнга... И јасно го виде тој незапирлив воз како долга и светла куќа, со вагони како соби, какви сонуваше да им купи на своите деца за да не ја вдишуваат отровната реа на книгите и ноќната смрдеа на веќе презреаните тела на своите родители. Дранга-друнга, дранга-друнга, дранга-друнга, дранготеше возот сè посилно и поблиску и за миг му продранготи низ двете очи како секавица што брзо се гаси и стивнува. Го слушаше миг-два како се оддалечува, наликувајќи на залудно довикување пред конечен молк и непостој, дури и на беспомошен шепот со пригушено детско плачење. Му се стори дека му ѕемне и мозокот па подрипна неколку пати да се размрда, но притоа се слизна и падна како прострелано животно. Мачно се крена, одвај подигајќи го влажниот и студен товар на сознанието дека на своите деца не ќе може да им купи ни четвртина соба дури и да живее уште сто години, зашто авторскиот надомест за секое дело не му достасува ни за четвртина квадрат. Во студена празнина, како подбивно ехо, ги слушна безброј пати чуените зборови на гротескна утеха дека е духовно богат и високо над оние бедници што имаат сè, освен дух по кој човекот се разликува од животните. И сите зборови за светска и историска слава, сосе оние за благодарноста на сите родени и неродени поколенија, му се собраа во еден единствен крцкот на снегот под ногата, отаде најубавата и најнеопходната смисла. Како да бега, продолжи кон дома, наежен од страв дека при влегувањето ќе ги разбуди децата и тие ќе го гледаат уплашено. Веќе имаше педесет и шест години, дваесет објавени и деветнаесет заборавени книги за тајните на животот човечки и замките на судбината. Ако животот, дранга-друнга, во просек, дранга-друнга, трае, дранга-друнга, шеесетина години, дранга-друнга, тогаш нему, дранга-друнга, му преостануваат, дранга-друнга, уште нецели пет. А тоа е, дранга-друнга, како ден и половина, дранга-друнга, и тој не ќе може ништо повеќе да стори, дранга-друнга, дранга-друнга... Боже, дранга-друнга, па тој, дранга-друнга, ќе умре врз своите заспани деца и ќе им тежи цел живот како морничаво бреме на неуспех и залудност! И потрча дранготејќи сè посилно и побрзо: дранга-друнга, дранга-друнга, дранга-друнга, дранга-друнга... Го облеа многу студена и леплива пот и сети чудесна леснина, небаре нешто нејасно и неискажливо му ја менува состојбата на стегнатото и изѕемнато тело. Како да му се топеа и умот и душата во лигав и смрдлив остаток од измамата дека духот величествено ќе го доведе до најслаткиот живот на сите клетки, као награда и надомест за сите гушења на силата што бара да согори во бурно уживање и игра. Беше тоа размачкана плунка врз лицата на неговите деца, да трпнат со тела што не можат да се изживеат, осудени на грч, срам, немоќ и неслобода од беда. Брзаше низ снегот, трчајќи по возот: дранга-друнга, дранга-друнга, дранга-друнга... Во стегнатите заби носеше нешто неидентификувано, можеби остаток од животот, можеби само замисла за живот, можеби... А од возот, како од сон во бескрајна белина, токму децата му мавтаа со чудно светли марамчиња како од рајско бесознание. Дранга-друнга, дранга-друнга, дранг... ПРЕСУДА И.Х. беше свесен дека ќе го осудат на смрт со стрелање. И дека по истрелите ќе остане едно изобличено и издупчено тело, од кое брзо ќе истече многу жива и здрава крв. Но, сепак беше смирен како светец, се чувствуваше целосно исполнет со најзначајната човечка смисла. Сите години на својата младост и полноживотна сила, тој живееше и се бореше за среќа и достоинство на унесреќните и понижените. Таа своја посветеност на среќата на други луѓе сакаше да ја продолжи и по својата скорешна смрт. Да живее и по стрелањето, како крв во нечии жили, срце во нечии гради, бубрег во нечии слабини, срж во нечии коски… Затоа и со небесен сјај во очите, што го дава само најсветлиот чин на човечност, чекаше да му биде овозможен последен збор за да ја изнесе својата возвишена желба. Во длабоката, сиреч гробна штама во судницата, од некој веќе туѓ но сè уште разбирлив свет, судијата го праша ќе сака ли да каже нешто на крајот. И.Х. климна со главата и со тоа движење ги заниша сите глави во салата, некои од присутните дури и ги поткрена од местата. Знаеше дека сите очекуваат тој и со последниот свој исказ да ја докажува оправданоста на стореното дело, нужноста од него и, соочен со блиската смрт, да моли за милост, поблага казна, поштеда на животот. За сите, имено, беше најлогично тој да се бори за уште живеење, макар и на најтешка робија и со најцрни маки, зашто смислата на казната ја гледаа само во одземањето на животот, најнеповторливото што природата му го дарува на човекот. Тие, бедните, не можеа да појмат дека тој нема да моли да му биде поштедено она што самиот, на возвишен начин, го беше подарил. Затоа не ја разбраа ни неговата чиста насмевка како совршена мера на едно небесно разбирање на жртвувањето и казнувањето на човек за човек. А тајната беше сосем едноставна: тој немаше намера да го каже она што се очекуваше, не затоа што беше сосема свесен дека тоа би било залудно понижување, ами затоа што сакаше уште на еден начин да се бори за други човечки животи и судбини. Како убиец на принцот, осуден на смрт, секако ќе биде уништен со извршувањето на смртната казна која штотуку треба да му биде изречена. Но корисното од неговото тело, она што можеше да спаси и продолжи животи на невини луѓе, би било бесмислено да се уништожи со казната. Му гргнаа чувства како бистра вода од силен вруток во некоја уште негибната невиност на природата. Му го засилија погледот, му бликнаа со живот што и во најбезизгледните ситуации не се предава и не гине. Во вечното движење на духот и материјата, човечката желба, потреба, напор и смисла се изразуваа низ еден закон, според кој животот треба да трае подолго, дури вечно и на природен начин да биде посреќен, побогат и поубав. Во таа желба беа и судијата, и обвинителот, и поротниците, и полицајците, и непотребните бранители, и новинарите, и бројните непознати љубопитници во салата, и сите што ги знаеше, со кои живееше и работеше, особено оние милиони души наречени народ, од чие име го застрела принцот поради што за некој миг требаше да биде осуден на смрт – сите оние со лица на немоќни клетници на кои требаше да им помогне со највисоката смисла на своето жртвување. Во тој знак, уште еднаш, појасно од порано, со некој сјај на вечна вистина, ја согледа сета оправданост на своето дело. Убиството на принцот не беше никаков акт на казнување на еден бездушник со одземање на неговиот живот или одмазда за безмерните зла и несреќи нанесени врз милиони чесни и невини луѓе. Напротив, по сите обиди на друг начин да се премавне злото, тоа се наложи како единствена постапка да се спречи еден свиреп тиранин да создава уште поужасни страдежи во кои се упропастуваа милиони животи создадени за човечка среќа, достоинство, радување, љубов и сонување. Затоа и својата посветеност и жртва со полно божјо право ги гледаше како своевидно сонце над тој мрак. И тие мигови, по којзнае кој пат од неговата света решеност да се жртвува за да го запре безобѕирното уништожување на највозвишеното – милионите човечки животи среде бескрајниот молк и студенило на вселената, во него се истурија болни глетки на неискажлив, очајнички страдеж. Озабени деца, умрени од глад, на кои коските им ја кинеа кожата, немо и морничаво проколнуваа да се удри против злото што им го одзело најнеповратното. Огромни толпи немоќни очајници, доведени во состојба да не можат да обезбедат за себе и своите најблиски ниту залак леб, колнеа за човечка помош и сомилост. Зачадени, мувлосани и црвојадни населби, затлачени од болести, чемер и скрб, беа осудени на пропаст како најодвратна ненужност на овој немирен, противречен, метежен и необјаснет свет. Во тие потресни глетки на страдеж како да немаше надеж, ами смислата на постоењето беше сведена на самото страдање до најбедно уништожување, врз чие црнило тиранското владеење во безобѕирна и безгранична благосостојба добиваше сатански сјај. Како блесоци на молња во виножито, на И.Х. му се вратија во згуснатата свест сите човечки и мирни, молежливи и разложни укажувања за неспоредливоста на тоа унсреќување на недолжниот народ со било кое и какво друго тешко и темно злосторство со толкави размери во историјата на човештвото. Беше тоа некој вид краен очај и подземна безнадежност во ист миг, со кои се настојуваше на принцот и неговата камарила да им се докаже дека страдањето стигнало отаде границите на издржливото. Но тој, како чудовиште без какво и да е обично човечко чувство и мисла, на секој таков хуман обид одговараше со уште пожестоки свирепости, презирајќи ја неопходната природна и човечка правда. Така самиот си ја напиша пресудата да биде убиен. Истрелот што му ја разнесе главата, всушност, беше пукање во едно зло сениште во самиот човек. Беше тоа спасоносен обид да се убие бескрупулозниот демон, студениот, елегантен, безмилосен и саможив бездушник во речиси проѕирно чистото суштество во облик на господствен човек. Беше тоа пукање во префинетата безобѕирност на тој злодеј, окружен со учени злосторници и рафинирани чудовишта. Беше тоа краен обид да се излекува народот од кобна болест што можеше да го урне и небото! – Ќе го ползувате ли своето право на последен збор? – подвикна судијата. – Да! – се стресе И.Х. како да слушнал повик за спас од целосна бесмисленост. Зина гробна штама. "Куршум за убиецот!" пукна рапав глас во судницата. Судијата не рече ништо. Никој не се сврте да види кој викна. И.Х. вдиша многу воздух, како да се уплаши дека ќе му го земат пред да го искаже својот предлог. – Предлагам извршувањето на пресудата да биде со одземање на сета моја крв и на сите здрави органи што можат да бидат исползувани за помош на болни луѓе! Истиот миг, низ судницата прелета топол човечки здив, потесетувајќи на прелет на јато слободни птици. Во тишината, полна исчекување, летна глас на чиста душа: "Браво!" – Уште не знаеме каква ќе биде пресудата! – предупреди судијата со груб и студен глас. – Но, како и да гласи таа, казната ќе биде извршена како што е пропишано! Во правна држава отстапки од законите нема! Настана дкабок молк и почна некакво ронење на човечки фигури направени од многу ситен песок. Во таа морава тишина судијата прогласи дека претресот е завршен. Истиот миг И. Х. го обзеде некој вечен вселенски мир, наспроти кој земниот човечки свет, од кој го исклучуваа со одземање на животот, се чинеше непоправливо и неиздржливо мачен. СИНИ ЛУЃЕ ВО ДУШАТА Ги гледам и сега со очи на мила, многу слатка, на особен начин опивна немоќ и плачам од возбуда. Празник е, сонцето е круна, воздухот е свечен, синиот свод величествена челична арка. Син ми ме влече за раката и ме врзува со денот што може да биде и кобен. Плачи душо, нека се истопи синото иње во погледот и болниот прстен во споменот. Во долги, чинам бескрајни редици, совршено складни, се движат час нечујно, час со полетна музика што го бранува времето во модар немир и црн трпнеж. Небесно сината облека им дава леснина на вечен дух и вонвремена неопходност, во милина им синеат и погледите и лицата, насмевките им се слеваат во хоризонтот. Тоа синило се прелева во душата како моќ и сигурност со студен раб на понижувачка потчинетост. Трепери двојната душа, бие двојното срце во син трепет и модар трпнеж, го стега умот во цврстина и ред, во безмилосна смисла што не се менува со вековите. Крвта се згуснува во напор да ги раствори и стопи тврдите и всолени грутки паметење, да ги претвори во здрави чувства и да ги излее во кристалната чаша на свечениот ден. Телото е жедно за восхит и сила, а грлото не може да пие! Стоиме со синот во густата толпа со напрегнати очи и запрени здивови. Се подигаме на прсти, тегнеме вратови и тетиви да ги видиме поубаво. Тие минуваат во совршен марш, насмеани и бодри во чекорот, со сина префинетост врз која не може да падне ни земна прашинка, ни човечки сомнеж. Со златни ѕвезди на сините чела, како со очи од друг свет и време, во кои се раѓа најчистата убавина на силата и поредокот, гледаат во некоја своја далечина што не може да се разбере поинаку, освен како сина неприкосновеност. Сини господари на хоризонтот! Јас и син ми почнуваме да подрипнуваме, како во занес, и не знам во мигот кој е кој: тој ли е јас или јас сум тој? Ми се гроздат трпки во грлото: колку е волшебна, силна и неодолива радоста на детското срце! Парадите на сините луѓе се постари од моето детство. И од многу други детства. Со сино цвеќе во душите, јас фатен за десната, сестра ми, бог да ја прости, за левата рака на тате, одиме кон главниот плоштад да го гледаме свеченото дефиле. Во утринското небо јато гулаби; летаат според многу висока музика и синеат од височината. И прозорците на зградите се сини, свечено синкави се и покривите. Од златната трибина во челото на плоштадот, потпрен на мермерниот дворец во синкав сјај, говореше тој: најсилниот, најумниот, најубавиот, најсиниот, во облека од најчистиот зенит. Кога заврши со сино, небесно ехо, воздухот се претвори во вселенски звук и восхитени восклици го расцепија хоризонтот како грмотевици што најавуваат град. Пред нас се во сино совршенство, стегнати во неисцрпна сила и непоколеблива волја, божји ангели на земната сигурност и ред. Скокаме јас и сестра ми, го надрипуваме и надвишуваме тате, уште малку на рамената и главата ќе му скокнеме. Тој стои како стебло и гледа со восочни очи и лице полеано со скисната помија. Само тој не се подига на прсти, не истега врат, ниту ракоплеска, ниту се смее; само тој не живее како веселата толпа. "Тате, зошто не се смееш?" му викам во десното уво, скокнат како на федер. Тој ме фаќа во летот со десната рака, ме стегнува силно врз десната пазува и, како да ме каса, ми с'снува право во мозокот: "Ако морам да ги гледам, не морам и да им се радувам". Ме стега и милува, од длабоко се тресе, од некој отровен мраз што почнал да му се топи во мислите и, мижејќи, продолжува: "Од нив сум без заби, без гордост и без имот. И сега ми се кине утробата од нивните удари, ми помодрува секое сино чувство." Ме бакнува во челото и ме спушта пред себе, потпирајќи се врз моите рамена. Наеднаш сите се свртуваат кон него и го гледаат со очи овргалени од чудење, сомничавост и страв, подиставувајќи се како од шугав пес. А тој тропнува со нозете, им возвраќа со син поглед и почнува да се смее и да ракоплеска како да крши суви сачки. Сестра ми продолжува да скока, кривејќи се во воздухот како да сака да ги бакне дланките на тате. Откако ќе мине времето на мечтаењето, детството се остава во визбите на сеќавањата, како младо вино во бочви. Подоцна, кога животот не ги крие своите неподмитливи закони и почнува да нагорчува, душата посега по тоа вино за да се облече во невиност. Вистините оживуваат со тажни слики на неповторливост и болни, дури свирепи значења. "Тато, скокам повисоко од тебе!" се восхитува син ми. "Ајде рипни и ти да ги видиш подобро! Гледај колку се убави!" И, како дете, се напрегнувам со сила што ја немам, што ми е дамна одземена и уништена, од која останала само сива пукнатина во огреаното сеќавање. Напнувам и тело и душа и – се згрчувам од бол што го пробива и најсиниот зенит. Ми се разместуваат зглобовите, ребрата и пршлените, ми се прекинуваат жилите и тетивите и одвнатре се ронам како толчен камен. Илјада чизми и студени палки ми се забиваат во невините чувства и свест, а протезата на десната потколеница како кама ми се забодува во надојдената радост. – Кога ќе пораснам ќе бидам како нив! – вика син ми кон сините луѓе и шири раце да ја собере сета занесна смисла на својот восхит. А тие минуваат со моќен ôд, како да слегуваат од небото да ја населат земјата со совршен мир и идеални закони. Одминуваат со непоколеблив чекор што не запира пред ниедно чувство, мисла и опасност. Ме обзема трпнеж од кој ми синеат усните, ми помодрува телото од веќе заборавени удари, ме прелева виолетова болка од веќе застарените рани. Каква грешка, каква несфатлива преобразба, какво подмолно недоразбирање и кобно совпаѓање на убавото и болното! Колку трагична поделба на светот на мило и на опасно синило! – Тате! Тате! Ракоплескај! – ме кани син ми во својот восхит. Ми трпне секоја клетка, се претвора во синкав, студен кристал и го предава сиот живот на смртта што само уште миг-два дозволува чувство и глед. А на дофат сум на величенствениот врв што го дупи небото и треба само уште еднаш да ја истегнам раката. Се истура лавина врз главата и рамењата, ме понесува во бездна со сива магла. Ме бие мраз и ми го коле сознанието, ме удираат камења и палки, тупаници и клоци. Удари. Удари. Буфтаници. – Само ти не ракоплескаш! – се чуди син ми и ми ги трга рацете, ме буди и оживува, ме воскреснува. Со вратена душа и нова мисла, со разбрана грешка и сфатена порака на конечниот бол, го кревам во прегратката, му ја бакнувам свилената коса и му шепотам нежни премирања и весели сериозности во розовото увце. – Што? Што рече? – ме потфаќа цврсто со рачето, како да се плаши да не се лизне во некаква бездна и силно си ја притиска збунетата глава врз моите усни. Но јас не можам да му ги кажам зборовите на татко ми за нашата сина судбина. Ги стегнувам црно забите, ја стиснувам до модар бол таа клета жила на натратена крв и зла смисла и очите ми се наполнуваат солзи од стопениот снег на неосвоениот врв на животот. – Солзи!? – се вџашува син ми. – Радосници! – крикнувам, го седнувам на вратот и ракоплескаме посилно од сите. И од мртвите. Сините маршираат складно и поразот на душата станува победа на умот.